ГРИЖА ЗА РЕКИТЕ

Подвижни острови од најразновидно ѓубре се секојдневната слика на реките низ државава. Во нив завршува искористената бела техника, делови од интериери безмилосно оставени по коритата или директно фрлени во бистрите води, пластика, комунален отпад, фабрички отпадни води. Реките се оставени на безмилосно уништување, од граѓаните кои не знаат или не сакаат да знаат до институцииците кои не се чувствуваат одговорни за преземање на мерки за нивна заштита.  Еден од најважните природни ресурси, водата во нашите реки, е под сериозна опасност

Во нив се празнат септички јами, а подоцна наводнувањето на земјоделските полиња е со истата загадена вода. Во лабораторијата на ЦЈЗ секојдневно стигнуваат за анализа плодови кои мирисаат на тиња, полни со ешерихија коли и колиформни бактерии.

Изградбата на Централната пречистителна станица во Скопје, најавувана со години, сè уште не е почната. Не е завршена ниту изградбата на колекторскиот систем кој треба да ги собере отпадните води од скопската канализација кои сега се исфрлаат директно во Вардар. Водата е толку загадена што не смее да се користи за ништо, освен ако не биде претходно прочистена. Tаа е забранета за капење, за полевање посеви, за каква било намена. Водата има бактериолошко загадување од четврта категорија, а хемиско загадување од четврта до петта категорија, што значи дека без пречистување нема никаква употребна вредност.

Капацитетот на пречистителната станица треба да биде за околу 400.000 жители, a cпоред одредени проценки базирани врз податоците на Државниот завод за статистика, сега во Скопје живеат околу 900.000 жители. Прочистувње за само половина од градот. Другото повторно ќе завршува во Вардар непрочистено.

Водата од тоалетните казанчиња, кадите и мијалниците, со сите фекалии, тоалетна хартија, средства за чистење тоалети, остатоци од храна, детергенти, сапуни за бањање… сè завршува во долното течение на Вардар, некаде после железничката станица. Ако на тоа се додаде и целата атмосферска канализација, заедно со испустите од индустриските објекти, станува јасно зошто секоја прошетка покрај Вардар е придружена од неподнослива смрдеа. Фабриките исто така, треба да имаат пречистителни станици, но тоа за жал не се случува секогаш.

Бистро небо кое ќе се отслика во бистрите води на нашите реки и езера е наша желба и стремеж. Бистар ум е она што ни треба на секој од нас да го оствариме тоа, зошто реалноста ни е многу матна. Потценувањето на природните ресурси и нивното загадување никогаш не треба да биде цената, ниту оправдувањето за чиј било просперитет. Меѓу другите наши активности се приклучуваме и кон кампањата #РазбистриСѐ за заедно да ја подобриме состојбата со водите,

нивната заштита и да го ограничиме неконтролираното искористување на природните ресурси.

Доколку забележите фрлање шут во реките, боја која е неприродна, дејства и состојби кои ќе предизвикаат загадување и долгорочно уништување на реките и речните корита, Ве молиме јавете се на следните контакти:

  • Министерство за животна средина и просторно планирање

Сектор за води 02/ 3251 -477

  • ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Одделение за безбедност на вода и санитација на животна средина 02/ 3125- 044