Загадувањето на воздухот можеби е факторот кој придонесува за милиони предвремени породувања низ целиот свет годишно, покажува ново истражување.
Скоро 15 милиони бебиња се раѓаат секоја година пред да стигнат 37-ма гестациска недела. Предвремените раѓања се водечка причина за смртност на децата помлади од пет години, а можат да предизвикаат и доживотни тешкотии во развојот, проблеми со видот и слухот, според извештај на Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Гардијан.
Научните истражувачи од Стокхолмшкиот еколошки институт (СЕИ) заклучиле дека дури 3,4 милиони предвремени породувања, низ 183 земји во светот, можеби се поврзани со суспендираните честички кои го загадуваат воздухот. Субсахарска Африка, северна Африка и југоисточна Азија се наведени како најзагрозени од овој проблем.
„Предвремените породувања и поврзаните медицински проблеми се еден од најголемите убијци на деца во САД и низ светот. Сепак, има доста работи кои не ги знаеме околу тоа што предизвикува предвремени породувања. Долго време се знае дека аерозагадувањето придонесува за астма и срцеви болести кај возрасните. Но, тоа што сметам дека не успеваме да го препознаеме е дека многу од овие фактори на ризик влијаат на бебињата пред воопшто да се родат“, вели д-р Пол Џарис, од непрофитната американска организација „March of Dimes“, фокусирана на здравјето на мајките и децата.
Претходни студии истражуваа како загадувањето на воздухот може негативно да влијае на тежината на бебињата додека се во матката, или шансите дека ќе бидат предвремено родени. Студијата на СЕИ, која истражуваше податоци од 2010 година, се обиде да пресмета како овие фактори можат да влијаат на глобалното ниво на предвремени породувања.
„Преку прикажување во нашата студија дека 18% од предвремените породувања се поврзани со аерозагадувањето, ние ги квантифицираме здравствените влијание на ситните суспендирани честички на бебињата пред да се родат“, вели Крис Мели, главниот автор на истражувањето.
Секоја година, според СЗО, едно од секои десет бебиња е предвреме родено. Африка и јужна Азија учествуваат со 60% од ваквите случаи глобално. Тој регион доминира и во студијата на СЕИ за предвремени раѓања поврзани со загадување на воздухот.
Сепак, авторите на студијата признаваат дека таа има големи ограничувања поради недостатокот на истражувања во некои од најзасегнатите места.
Сепак и покрај овој факт, два експерти кои ја рецензираа студијата ги нарекоа проценките „конзервативни“.
Бројни фактори се посочени дека имаат улога во предвремените породувања, меѓу нив и сиромаштијата, инфекциите, пушењето и користењето алкохол и дрога, физичката активност и мајчинската едукација. Сепак и со ограничувањата на истражувањето, првично е наведено дека намалувањето на аерозагадувањето би било ефективно во намалувањето на предвремените породувања низ светот.
Студијата е фокусирана кон еден вид на загадување, ситните суспендирани честички (ПМ) кои произлегуваат од различни извори – како емисии на дизел или палење на земјоделски земјишта.
ПМ помали од 2,5 микрометри се сметаат за штетни бидејќи навлегуваат длабоко во белите дробови и влијаат на белодробниот и кардиоваскуларниот систем.
Јужна Азија има најмногу предвремени породувања поврзани со загадување со ПМ честички – дури 1,6 милиони случаи. Иако Кина има релативно мало ниво на предвремени породувања, истражувачите откриле дека дури 521 илјада предвремени раѓања можат да се поврзат со аерозагадувањето поради високите концентрации на ПМ честички.
Слична студија спроведена во САД, покажала дека аерозагадувањето им висока цена на неродените бебиња, проценувајќи дека во 2010 година економските трошоци изнесувале 4,33 милијарди долари.
„Ова е уште една причина зошто треба да бидеме внимателни со животната средина. Најранливите помеѓу нас – неродените деца – се жртви, на начин кој влијае животот на семејстватата со генерации“, подвлекува Џарис.