Под проблематичната територија, што започнува многу блиску до оградата на селските гробишта во Визбегово и црквата Свети Атанасиј, е селото Визбегово, е населено со скопјани кои сакале да побегнат од загадувањето во градот, но наишле на депонија во својот двор.
Патот што води од селото Визбегово кон депонијата е асфалтиран, иако на неколку места е со дупки. И само што ќе помисли човек дека таму може да се видат само полиња засадени со жито и тутун, се појавува табла со натпис „Забрането фрлање отпадоци“ поставена над железната капија затворена со синџир и катанец. Зад неа се гледа огромен простор, кој иако е донекаде исчистен, сведочи дека станува збор за дивата депонија. Таму сè уште има ѓубре, иако во минимални количества.
Одејќи по земјениот пат, само што помисливме дека веќе завршила приказната за оваа дива депонија, која ги натера жителите на Шутка, Визбегово, Чаир, Бутел и Карпош да дишат отров, се случи спротивното. Остатоците од дивата депонија гореа… Одејќи сè подлабоко, се вознемиривме кога пред нас се појави новата депонија.
– Тука живееме од 2007 година. Дојдовме од град, изградивме куќи за да живееме во рурална и чиста животна средина. А сега тука ни се појави страшна депонија, која преку цела година го загадува воздухот во Скопје. Зошто? Бидејќи во текот на денот ветровите се движат од северозапад кон југо-исток и ја загадуваат Шутка, Чаир, Скопје Север, до Лисиче. Ова може да се види и во сателитските снимки, додека во текот на ноќта ветровите го менуваат правецот, од север кон југ. И тогаш цело Скопје се загадува – изјави Љупчо Ристевски, жител на Визбегово, кој ја предводи и групата граѓани кои постојано реагираат за еколошката катастрофа предизвикана од дивата депонија.
Еден друг жител на Визбегово вели дека иако порано жителите на Визбегово се фалеле со чистиот воздух, состојбата ескалирала во последните пет години, особено откако Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ се повлекло од таму.
-Ние сме преселени тука од Карпош во 2010 година. Родителите купија земјиште и почнаа да градат куќа. До 2016 година овде сѐ беше во ред, немаше претоварна станица за ѓубрето и не се фрлаа отпадоци. Депонијата е создадена претходно, а состојбата ескалирала кога се отворил патот за ископот на земја, каде сега има огромна дупка. Во Визбегово имавме една поговорка: „Барем кога ќе излезете од автобус, воздухот е чист“. Нема човек кој не го истакнал ова, секогаш кога не прашале зошто живееме тука. Ова е на изглед многу смешна изрека, но порано воздухот тука беше многу чист, а сега не е чист речиси половина година. Сега во ова време, можеби не изгледа толку многу, но влијае врз воздухот, тоа се чувствува – вели тој.
Приказните за луѓето загрозени од депонијата не завршуваат тука. Продолжуваат со малолетниците, Риамонд и Аки, кои израснале таму собирајќи железо и пластични шишиња, кои потоа ги продаваат за да извадат некој денар. Тие не знаеја за еколошката штета на депонијата, па затоа и не биле загрижени.
– Имаш право, може да се случи да се заразиме. Не знаевме а тука сме израснати. Ехее, од кога доаѓаме ние тука!. Јас со мајка ми собирав шишиња. Потоа шишињата ги продаваме по 300 денари за вреќа. Ова порано беше полно, се фрлаше и железо, но сега не е така. И тоа железо го собравме ние, и потоа го продававме, но не сме знаеле дека тука овде е опасно – ни рече едното од момчињата.
И додека разговаравме со малолетниците, зад нас се слушна звук на камион без регистерски таблички, кој беше полн со ѓубре и ни се приближуваше. Од прашањата што му ги поставив на возачот, разбравме дека камионот е дојден да фрли ѓубре и дека тоа се прави со дозвола на Општина Шуто Оризари.
Но ваквото фрлање ѓубре е во спротивност со одлуката донесена со меѓуопштинска и меѓуинституционална координација – дека на површината над Шутка и Визбегово повеќе не смее да се фрла отпад, депонијата да се исчисти и просторот потоа да се зазелени.
На излезот од депонијата, капијата, која претходно беше затворена, сега беше отворена. За разлика од екипата на „Порталб“, која влезе пеш, преку земјениот нанос веднаш до капијата, единствено возило што влезе на депонијата беше камионот што дојде да исфрли ѓубре. Јасно беше дека тие ја отклучиле големата железна порта.
Депонијата се наоѓа спроти резервоарот за вода од кој се снабдува значителен дел не само од околината, туку и дел од Скопје, и затоа според Институтот за јавно здравје се доведува во опасност да биде контаминиран. Здравствените власти препорачуваат чистење на депонијата и дезинфекција на земјата.
На само неколку стотини метри од депонијата, во близина Индустриската зона Визбегово, се сретнавме со градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, во чија територија влегува и Визбегово. На прашањето на „Порталб“, тој посочи дека со градоначалникот на Шуто Оризари и град Скопје се согласиле да ја исчистат депонијата, и да не се фрлаат повеќе отпадоцим туку само градежен шут.
– Таа депонија со ниту еден милиметар не спаѓа во територијата на Бутел. Ние вложуваме напори и му помагаме на Шуто Оризари да го собира отпадот, да го натовари во возила, што значи дека главната работа е на Град Скопје, Министерството за екологија и Шуто Оризари. Ние сме логистика, што и да побараат, ние сме подготвени. Нашиот отпад го праќаме во Вардариште, нашите возила одат таму – рече Смилевски.
„Порталб“: Ние бевме таму, и имаше возило кое фрли отпадоци. Дали ќе побарате од Курто Дудуш да не фрла ѓубре?
Смилевски: Ние го бараме тоа постојано. Вие го видовте возилото денес? Ќе разговарам со Курто Дудуш, и ќе се разбереме. Се договоривме дека нема право да фрла отпадоци. Бидејќи таа јама е специјализирана за градежен шут.
„Порталб“ контактираше со градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш, но тој ни кажа дека имал операцијата на грлото и дека овие денови не е на работа, па затоа не може да ни даде изјава.
За депонијата е информиран и премиерот Зоран Заев.