Греењето од домаќинствата, возилата, изгубеното зеленило, непланските градби и работата на фабриките репризно се дискутираат низ јавноста секоја зима кога почнува да „пече“ на нос и очи. Но, она што ретко се споменува е над 30.000 тони екстремно опасен отпад, несоодветно складиран на депонијата во фабриката ОХИС. Оваа депонија е утврдена како „најжешката еколошка точка“ во Македонија, наведена и на светските еколошки мапи.
Реномираниот професор Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ редовно одржува презентации и алармира за овој горлив проблем. Бара итен ангажман и уништување на отпадот. Особено што сите досегашни истражувања и студии укажуваат дека на тој потег освен големо количество жива, со години скопјани ги труе линданот.
Линданот бил користен како инсектицид со широк обем на дејствување кај семенскиот материјал, за третирање на почвата, прскање, заштита на дрвената граѓа и против ектопаразити кај животните и луѓето. Линданот е токсичен, ставен е во групата на канцерогени супстанции. Односно во групата на ПОПС (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски полутанти.
Депонијата на ОХИС е создадена од средината на седумдесеттите години, кога употребата на линданот била забранета. Дотогашното производство од 13.000 тони е оставено на отворено, без претходна подготовка на подлогата. Оставено е на земја. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја. Па сега таму опстојува над 30.000 тони опасен отпад! Загадени се подземните води, истовремено ветерот ја разнесува прашината во воздухот. Линданот се сврзува и со честичките ПМ10, а се разнесува и насекаде по почвите. Вака е со години.
„Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата. Опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина. Преминуваат во подземните води, индиректно во храната преку почвата, а може да бидат и присутни во воздухот и да ги вдишуваме. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто“, објаснува Стафилов.
Токму затоа, во рамките на Обединетите нации е потпишана т.н. Стокхолмска конвенција. Досега ја имаат потпишано речиси сто држави. Како што се прават дополнителни истражувања и се добиваат информации за штетноста на некоја супстанција, така се внесува и зголемува списокот на хемикалии. Земјите-потписнички на оваа конвенција се обврзуваат да даваат периодични извештаи за овие супстанции за секоја држава, со цел да се забрани нивното производство, но и да се спречи нивно ненамерно создавање.
Македонија ја има потпишано оваа конвенција во 2005 година, а линданот како пестицид е вклучен во групата на ПОПС во 2009. Од тогаш секоја земја-потписничка треба да се грижи за решавање на своите проблеми со линданот. Конвенцијата ја води посебен секретаријат на УНЕП (Програма на Обединетите нации за животна средина), со седиште во Женева. Покрај другото, постои и посебен тим од 15 експерти за изработка на мониторинг-програма за овие супстанции на светско ниво, меѓу кои е и самиот Стафилов.
„Со проектот финансиран од ЕУ, депонијата на ОХИС се најде на врвот на листата на ‘жешки еколошки точки’ во Македонија. Потоа, заедно со колегите истражувачи од Брно, Чешка, поставивме апсорбери за земање проби од воздух за анализа на вакви супстанции – пестициди, диоксини, фурани. Поставивме во Лазарополе како точка за споредување, Струмица, каде што се користат пестициди, во Битола, во Скопје до ОХИС кај хемиското училиште, до ректоратот и кај рафинеријата. Резултатите за Скопје беа загрижувачки, со високотоксични концентрации! Проблемот е што нема официјално утврдена граница на светско ниво, никој нормален човек досега не предвидел дека е можно толкаво количество линдан да се остави на отворено“, вели Стафилов, потенцирајќи дека анализите покажале дека воздухот во околината на ОХИС содржи од 3 до 4 нанограми на кубен метар линдан, за разлика од Лазарополе, каде што резултатот е 0,1.
До каде е процесот за деконтаминација?
Процесот за деконтаминација на делот околу ОХИС се влече со години. Но, никако да стане локален, па и национален приоритет, иако досега имаше десетици студии и укажувања од екологисти, научници и професори. Само ќе се спомене при некоја презентација или во пасус од новинарски текст.
Сузана Андонова од Канцеларија за ПОПС при Министерството за животна средина за Радио МОФ вели дека изминатиов период се работело на подготовка на правилници, односно регулатива која ќе биде поткрепа кога и официјално ќе почне процесот на деконтаминација. Наскоро треба да се објави меѓународен конкурс, па Андонова се надева после Нова година и поинтензивно ќе се работи на деконтаминацијата.
„Околу критериумите за избор на компанија, прво ќе има фирма што ќе прави дополнителни истражувања на самото место, а потоа ќе се бира соодветна технологија за третман на линданот. Така да, нареднава година од јануари-февруари очекувам да започнат поинтензивно активности – објавување на конкурсот од имплементационата агенција УНИДО. После тоа ќе видиме со каква динамика ќе тече процесот за деконтаминација. Меѓутоа, ние сме постојано во некаква актиновст, дали административна или во комуникација со сите релеватни чинители“, вели Андонова.
Напоменува дека иако имало неколку физибилити студии, на неколку точки се уште немаат прецизни информации за концентрациите на линдан и ХЦХ изомери, за да се знае при ископите какви активности ќе се вршат, со што се располага на терен… За ова ќе треба дополнителни анализи.
„Има повеќе алтернативи за деконтаминација, но одлуката ќе се донесе на меѓународно ниво. Затоа и меѓународен е конкурсот и ќе го организира УНИДО. Ќе учествуваат компании кои се искусни во ова поле можат да понудат различни солуции, кои и можеби и не ни се познати, а ќе бидат апликативни и за овој тип на хемикалии. Сето зависи и од достапните средства, и од самата локација, и од количината на линданот, и од динамиката на деконтаминација. Повеќе фактори. Се надеваме дека со текот на постапката ќе имаме можност да мобилизираме и плус средства…“, забележува Андонова.
Постојат повеќе решенија за справување со линданот
Професорот Стафилов укажува на неколку решенија за третирање на канцерогениот отпад, особено што низ светот постојат различни технологии. Најскапото решение е околу 40-50 милиони долари – дислоцирање на целиот отпад и уништување во странство, каде што постои соодветна технологија. Од ваквите супстанции со согорување со специјални печки може да се прави метан, хлороводородна киселина или да се користат како гориво. Постојат такви фабрики со технологија низ Западна Европа.
„Најсигурно и најскапо решение е отпадот од ОХИС внимателно да се спакува, да се транспортира до некоја од фабриките и да се уништи. Исто така, постојат и поевтини мерки, различни алтернативи. Во физибилити-студијата што е правена се опишува линданот, состојбите, каде е лоциран, како се шири според ветерот, која е опасноста, но и кои се мерките, со вметната финансиска конструкција за секое решение. Можно е разградување, со каталитичко разложување за количество од 4,5 милиони тони. Потоа, 8 милиони тони за поинакво третирање и горење, 2,5 термичко третирање во Цементарница, но има и алтернатива со суспензија од пластика за целосно покривање на депонијата на ОХИС, со цел да се заштити од ветерот и да не се разлетува прашината. Последново би чинело 100.000 евра. Значи, има алтернативи“, вели Стафилов.
Историјат на линданот и сличните супстанции
Oд почетокот на појавата на еколошката свест, писателката Рејчел Карсон е најзаслужна за подигнување на свеста за проблемот со ваквите супстанции. Делото „Тивка пролет“, издадено две години пред смртта на Карсон, дава поттик на глобалното движење за унапредување на животната средина. Имено, Карсон отишла да живее во земјоделски краеви во Централна Америка, каде што забележала како со текот на времето, со децении, птиците и живиот свет карактеристични за тој регион почнувало да ги снемува. Таму се користеле големи количества пестициди. Па почнале да се појавуваат и разни болести кај луѓето… Карсон направила големи чекори за животната средина, водела голема борба со проблематиката со пестицидите, па потоа и повеќе нејзини колеги се зафатиле со проучување.
Во однос на производството, пред 1940 година имало мал број пестициди. Некои од овие отрови се екстрахираат од растенијата преку дејство на инсектите. Во раната раза, познати инсектициди биле никонит сулфат (добиен од тутунот), ретенот и маслото добиено од лукот. Инсектициди биле и некои соединенија на олово и арсен.
Голема употреба на инсектициди имало во Втората светска војна кога бил синтетизиран ДДТ, кој влијае врз нервниот систем. Акутните интоксикации со ДДТ предизвикуваат повраќање, параестезиа, конфузија, нарушување во нервниот систем. Порано тоа се користеше за уништување на комарците, кои пренесуваа маларија. Низ 50-те години се употребуваше и низ целиот свет, но потоа се утврди дека е канцероген.
Во однос на диоксините, најтоксични органски супстанции, тие се добиваат при согорување на дрва или пластика. Се таложат во масните ткива кога ќе влезат во човечкото тело. Дури и во минорни концентрации во водите може да предизвикаат нарушување на синџирот на исхрана. Најтоксичниот диоксин е ТЦДД, тој е загадувач присутен во супстанцијата Agent Orange – хербицид што се употребувал за време на војната во Виетнам.
Според повеќе записи, за време на портокаловата револуција во Украина, претседателот Виктор Јушченко бил труен од противниците со диоксин.
„Индустриските полихрохирани бифенили порано се додаваа во трансформаторските масла заради поголема спроводливост, а има и такви што се создаваат ненамерно. Односно, при неконтролирано горење и отсуство на специјални филтри за ваков вид супстанции, тие се емитираат во воздухот. Кога гори дрво или некое посилно гориво како нафта, тогаш и овие супстанции се создаваат. Штом има органски материјал јаглерод и водород и хлор, и микроколичества, тогаш се создаваат и вакви супстанции, а тие се ужасно канцерогени. Па, низ цела Македонија заедно со смогот и ПМ10-честичките се труеме и со овие супстанции. Тоа е страшно! Ние во Македонија во однос на емисии диоксините и фурани, поднесовме извештај. Јас го правев инвентарот за УНЕП. Ние сме водечки поради горењето на депониите. При бомбардирањето на Србија од НАТО при горењето на рафинериите се емитираа вакви супстанции. Факторот на емисија на овие супстанции е ужасно голем. Ние емитираме на 2 милиони народ околу 100 грама диоксини и фурани, што по број на жители е најмногу во Европа“, предупреди Стафилов.
Ваквите супстанции можат да настанат од горење на ѓубре и депонии, но и од термоцентралите. Се намалуваат доколку фирмите преземат мерки, со рестрикции на капацитетите, со уништување на отпадите…
„Сето ова е дополнителен проблем и треба да се третира. Но, депонијата ОХИС како утврдена ’најжешка еколошка точка’, која оставена на отворено, мора да биде приоритет и веднаш да се реагира за нејзино уништување“, потенцира Стафилов.
Бојан Шашевски
Извор: https://www.radiomof.mk/lindanot-od-ohis-svrzan-so-pm-10-e-ednakvo-na-masovno-truenje/