Владата денеска потпиша меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги за проекти на ОН (УНОПС) и со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка преставувано од амбасадорот на Кралството Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора, за чистење на токсичниот отпад – линдан – во поранешната фабрика ОХИС.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, во изјава за медиумите рече дека идната недела ќе се констутираат телата кои ќе бидат управувачки комитет за решавање на овој проблем.
Тој потенцираше дека чистењето може да се одвива на три начини – со биолошка ремидијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство.
– Заедно ќе се третираат двете депонии истовремено и големата и малата. Пресметките се дека чистењето ќе чини помеѓу 40 милиони до 260 милиони евра во зависност кој метод ќе се избере, а тој ќе се избере во зависност од средствата што ќе се соберат преку фондот. Пресметки се дека од три до пет години ќе трае процесот на чистење на двете депонии – рече Рашковски.
На одговор на новинарско прашање, тој рече дека владата нема информација дека се собрани 9 милиони евра преку Глобалниот еколошки фонд, за чистење прво на малата депонија, а потоа на големата.
Премиерот Зоран Заев вели дека со потпишување на Стокхолмската конвенција, Македонија е обврзана да го реши овој проблем и дека затоа час поскоро мора да се дислоцира отпадот без последици врз околината и врз граѓаните.
– Здрава и чиста животна околина е еден од основните предуслови за квалитетен живот за сите и затоа сме цврсто определени за нашите сограѓани да создадеме средина во која што ќе живеат без да се грижат каков воздух дишат или што се крие под земјата што ја газат. Мора да сториме се за да го заштитиме единственото нешто што нема цена, а тоа е здравјето – истакна Заев.
Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад, потенцираше дека на Норвешка и е чест да и помогне на Македонија да ги заштити своите граѓани од опасноста што ја претставува линданот.
– Безбедноста на граѓаните е на прво место, но со овој проект ние наоѓаме начин да и помогнеме на Македонија во нејзините аспирации за влез во ЕУ. Со надеваме дека овој фонд, кој ќе почне да функционира денеска ќе помогне за заштита на граѓаните, не само против токсичниот отпад туку и за поквалитетно живеење. Се надеваме дека ова ќе биде едно прашање помалку на кое што Македонија ќе мора да посвети внимание во своите намери за пристап кон ЕУ – вели Бјорнстад.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.
Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.
Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.