Кон крајот на март Лиса и Филипче заедно ја поминаа македонско-албанската граница. Без страв ги искачија шумските ридови на планината Кораб. Откако кратко се задржаа во Албанија, се упатија кон соседната планина Дешат, каде низ стрмните патеки повторно влегоа на македонска територија. Намерно ги избегнуваа граничните премини, патиштата и било каква трага од човечка цивилизација. Сосема небитно им беше тоа што нивната територија ја делат две различни држави. На тој заеднички пат, најважно им беше да создадат поколение. Да го продолжат својот вид.
Лиса и Филипче се два балкански риса од Националниот парк „Маврово“, во Северна Македонија. Но, нивната приказна е далеку од романса. Кога во неа се замешува човекот таа сè повеќе наликува на трагедија.
Покрај нив во светот се преостанати уште 40-тина единки балкански рис, распределени во три соседни држави каде заштитата на животната средина е релативно ниско на листата на државни приоритети. Токму активностите на луѓето го доведоа балканскиот рис на работ на изумирање.
Затоа, здружени организации од соседните Северна Македонија, Албанија и Косово се обединија како заштитници на оваа „голема мачка со мали шанси“, врежана на македонската петденарка, на раб на изумирање според Црвената листа на загрозени видови.
Регулатор на природата
Додека приказните и легендите кажуваат дека нашите предци имале култ кон оваа таинствена мачка, сега реалноста зборува дека нејзиниот опстанок е во раце на политичката волја, која упорно се обидуваат да ја пробудат Македонското еколошко друштво (МЕД) и организациите – партнери вклучени во Проектот за закрепнување на балканскиот рис. Веќе 15 години го следат рисот, во обид да го зачуваат екосистемот.
Рисот се наоѓа на врвот на синџирот на исхрана и претставува регулатор на други животински животни во неговата средина. Ако рисот исчезне, тоа може да доведе до огромни и непредвидливи промени во природниот екосистем.
„Рисот како и другите топ предатори, имаат улога да ги регулираат популациите главно на копитари, срнечки дивеч и зајци, но, исто така, за да не се пренамножат, бидејќи можат да направат штети на посеви, дрва или сето она со коешто се хранат. Другата улога е контрола на таканаречени мезопредатори. Тоа се оние месојадни животни, како лисицата или куната“, објаснува Диме Меловски од МЕД.
Меловски својот живот и работа го посвети на проучувањето и заштитата на големата мачка. Уште како студент по биологија, таа му го привлекла вниманието. Со месеци останува на македонските планини, следејќи ги трагите на балканскиот рис. Две децении подоцна, кога веќе го привршува својот докторат за рисот, тој е човекот за кого велат дека „знае сè“ за таинственото животно.
Опстанокот на рисот, особено на младите единки, вели Меловски, зависи од доволно количество храна и калории кои ќе ги внесат првите 10-11 месеци. Тогаш е важно женката константно да им носи храна и постојано да е успешна во ловот.
„Доколку има вознемирување од типот на хидроцентрали, минирање или градење пристапни патишта, со самото тоа се отежнува успехот на лов. Ги вознемирува не само рисовите, туку и неговиот плен кој е во самата територија и на мажјаците и на женките“, потенцира Меловски.
Затоа е важно следењето на рисовите како Лиса и Филипче во земјите од југозападен Балкан. Кога биолозите ќе успеат да заловат рис и да му стават ГПС околувратник, тие имаат можност да видат точно по која територија се движи, каде бара плен и дали може да најде храна. Анализираат и како новите инфраструктурни објекти влијаат на неговото движење, па дури и дали е жртва на криволов… бидејќи ако животните во шумата се плашат од рисот, рисот е загрозен единствено од човекот.
За разлика од луѓето, рисовите не знаат за граници. Најбројни се во НП „Маврово“, јадреното подрачје на балканскиот рис во регионот. Во Албанија се размножуваат на планината Мунела, а годинава за првпат беше докажана репродукција на рисот на планинскиот ланец кај Полис. Ги има и на Проклетие, планината која ја делат Косово, Албанија и Црна Гора. Ова се регионите каде МЕД, албанската ППНЕА и косовската ЕРА се активни за спас на рисот.
Од Марко до Атиџе
Националниот парк „Маврово“ е сместен во западниот дел на Северна Македонија. Територијата под заштита опфаќа 72.204 хектари. Повеќе од една деценија биолозите тука работат на проекти за заштита на рисот. Од јануари до средината на април е најважниот дел од нивната работа, сезоната на заловување рисови со цел да им се стави ГПС околувратник. Годинава имаа невообичаена среќа. Иако, поради пандемијата на новиот коронавирус и вонредната состојба во земјата сезоната заврши цел месец порано, заловени беа 3 риса, сите женки.
„Женките се вообичаено попаметни од мажјаците и потешко се фаќаат во замките“, низ смеа вели Меловски.
Од 7 риса кои до лани успеаја да ги заловат, само Маја беше женка. Но годинава, нештата добија поинаков тек. На почетокот на февруари во замката се фати Нарциса, здрава женка, стара околу 3 години и тешка 15 килограми. Еден месец подоцна, влезе и Лиса, партнерката на Филипче. На 14-ти март, точно 10 години откако беше заловен првиот балкански рис кој го носеше името Марко, во стапицата во „Маврово“ влезе уште една женка. Ја нарекоа Атиџе.
„Тоа беше неверојатно, на истиот ден, точно 10 години откако го заловивме Марко“, раскажува Меловски кој се потсетува дека само еден ден претходно размислувале за повлекување од Маврово, бидејќи околниот регион веќе беше ставен во карантин поради појавата на новиот коронавирус.
Екрем Веапи, или Еко, како што скратено го нарекуваат неговите колеги, е 28-годишен ренџер. Магистрирал биологија-екологија на Природно математичкиот факултет во Скопје. Се одлучил за оваа наука поради неговата љубов кон природата. Среќен е што работи во НП „Маврово“. Уште посреќен што може да помогне на МЕД и партнерите за зачувување на рисот.
Со жар во очите објаснува како се поставуваат камера-замки, стапици кои помагаат во проучувањето на мистериозните мачки. Нагласува, рисот „живее во шума, за да се сокрие од човекот, бидејќи тој е неговиот единствен непријател“.
„Во минатото, поради недоволна едукација, како на ловџиите, така и на народот, можеби го сметале рисот како непријател на нивните домашни животни. Но, денес, ловните друштва се поедуцирани. Проектот кој го водам, за заштита на балканскиот рис, има работилници во кои се вклучени ловџиите, сточарите, локални работници и сите целни групи кои може да дојдат во контакт со рисот. Едукацијата има цел да им покаже дека рисот не е животно кое може да им наштети“, вели Екрем Веапи.
Веапи живее во Требиште, село во општината Маврово и Ростуша. Регионот е полн со височини и живописна природа. Полн е и со приказни за рисовите.
Една таква ни раскажува Аднан Фејзули, кој не одведе до соседното село Велебрдо каде што живее. Ловџија е од свои 28 години, а основач е и на ловџиско друштво „Крчин-ачки“. Негов роднина, пред само неколку месеци забележал како рис поминува крај патот кај реката Радика. Буквално дошол до самиот асфалт.
„Не е баш природно да се спушта по населени места. Но, како да ви кажам, ако нема доволно храна за сам да се снајде, може да наближи и до населено место. Сепак, населението го штити. Чувари сме на рисот. Никогаш не сме уловиле рис! Дури е заштитен знак, лого на нашето ловно друштво“, потенцира Фејзули.
Ловџијата се жали дека луѓето од крајот си одат. Порано тука гравитирал народ и обработувал земјиште. Сега бараат подобар живот во европските земји, Германија, Италија. Слабо се враќаат назад во родниот крај. Сега, вели тој, има повеќе мечки отколку луѓе.
Мечката е заштитена на ниво на држава исто како и рисовите. Ги штити Законот за ловство. Меѓутоа, нагласува Фејзули, споредено со 15-20 рисови што се останати во Маврово и околината, мечките тука се во голем број и им прават сериозни штети.
„Прави штети на пчелари, сточари, овие култури кои ги имаме, на насади. Има голем подем на мечка и институциите треба нешто да се преземат бројот на мечки да се намали“, си ја кажува маката ловџијата, потенцирајќи дека, од друга страна, рисот и понатаму е заштитен симбол на овој крај.
Рагбистките и „Бер Грилс“ од Косово
Балканскиот рис е влезен во шумите во Косово. Балканскиот рис е влезен и во духот на женскиот рагби тим од Приштина, тим од млади девојки што под рефлектори вежбаат во салата на училиштето „Трет милениум“. Се викаат „Балкански рис“.
Освен што балканскиот рис пополека влегува во социјалниот и културен живот во Косово, оваа земја може да се пофали и дека со камери-замки, во националниот парк „Проклетие“, беше докажано дека рисот постои и надвор од приказните на луѓето.
„Рисот кој го заловивме овде, ни кажува дека не е случаен рис кој дошол од Македонија и Албанија. Туку дека е природно наследство од минатото, бидејќи во минатото сите елементи ни укажуваа присуство на голем број рисови, а не денешните бројки“, вели Фатос Лајчи од косовската Група за еколошки одговорна акција (ЕРА).
„Косовскиот Бер Грилс“, како што го нарекуваат некои активисти, раскажува дека е пораснат на планината Проклетие. Како дете слушал и се информирал за рисот како животно, знаења што главно доаѓале од науката од бивша Југославија. Со време, во 2003 година, ја формирале ЕРА, кога уништувањето на шумите било „на високо ниво“. Не успеале во индивидуалните пристапи да и помогнат доволно на природата, па сакале преку невладиниот сектор експертизата да ја доближат до светот, преку локалните и централни институции. Меѓувремено работеле и на заштита, а преку интернационалната тура за одржливост и туризам „Врвовите на Балканот“ и да ја зајакнат локалната економија. Да овозможат локалците да заработуваат пари од туризам, за да не ги сечат шумите, живеалиштето на рисот.
Некаде во 2010 година, добил телефонски повик од косовската Агенција за заштита на животната средина за да се сретне со претставник од фондацијата Еуро Натур. Разговаравале за рисот, колку и дали воопшто го има низ природата.
„Му реков – да, имам видено рис во 2001, многу блиску до град. Знам дека никогаш не ми поверува, беше скептик, бидејќи немавме да му покажеме доказ. Но, четири години подоцна станавме партнери со Македонија, Албанија и Црна Гора во Програмата за зачувување на Балканскиот рис. Започнавме, а Еуро Натур нè поддржа со само пет камери. Откако ги поставивме камера-замките, по три месеци им покажавме рис. Тоа беа спектакуларни вести, бидејќи знам дека во Македонија беа потребни повеќе од една година да се „фати“ рис. Во Албанија повеќе од две години. Но, овде по три месеци дојдовме со резултати од камерите. Ја снимивме првата единка во Косово, што беше навистина „бум“ во медиумите, телевизиите, дури и во самата Еуро Натур“, вели Лајчи.
Со него се сретнавме во Пеќ, град што живее под Руговската клисура и „Проклетие“. Во овој град партнерите, активисти и биолози од МЕД, ЕРА и ППНЕА, се сретнаа да дискутираат за балканскиот рис. Кои ќе бидат следните заеднички чекори за спас на големата мачка.
Руговската клисура создала неверојатни карпести предели, водопади, растространета зелена флора… Високо во шумата наидовме на траги од мечка, која застанала да се почеша на дрво. Ова според активистите, е вообичаена глетка. Исто така, направена е и мала импровизирана куќичка на дрво, за да може да се набљудуваат сите животни. Од мечки, срни, зајаци, па до најмалите – глувците.
Ваквата средина е идеална за рисот, објаснува Лајчи. Но, треба напор за негово зачувување. И од институциите, и од граѓаните. Според него, во модерното време со компјутери и социјални медиуми, проблематично е што луѓето не сакаат да го делат своето време со природата.
„Сакаат да уживаат во природата, па потоа да се вратат дома. Што, прави разлика, бидејќи треба да даваме фидбек на природата. Тоа е важно. За мене, не е важно само да е ‘прекрасен пејсаж’, да е ‘свеж воздух’. И навечер, со семејството постираш кавер фотографија на Фејсбук, но никогаш не постираш исечени дрвја, негативни работи. Сакаш да споделиш со пријателите дека си бил на ‘прекрасно место’. Придонесот така е мал. За да спречиш негативна работа, треба да ја промовираш таа негативна работа. Не можеш само да речеш, ‘еј, некој сече дрвја’ Не! Тоа е систем“, нагласува Косовецот.
Дел од оваа екскурзија на Проклетие беше и Александар Павлов од МЕД. За него е охрабрувачки што се забележува одреден пораст на популацијата на балканскиот рис во регионот.
„Ние зборуваме за едно критично загрозено животно кое е распространето на Балканскиот полуостров. Да, можеби велиме дека во Македонија е упориштето на балканскиот рис, но самиот рис не знае за политички граници. Тој е распространет во делови на Албанија, во Косово, и тука е важно заеднички да делуваме во насока на закрепнување на популацијата на рисот. Она што донекаде охрабрува, е дека ние забележуваме еден благ пораст. Тоа е благ, но сепак е пораст на популацијата на Балканскиот рис. Но, тоа ни оддалеку не е идеална ситуација. Затоа што во моментов има многу прашања кои остануваат отворени, а го засегнуваат рисот“, вели Павлов.
Затоа, во таа смисла, смета тој, е особено важно да се соработува и со оние чинители што се во самата држава, не само невладиниот сектор, туку и институции и органи.
На ова се надоврзува и Мануела вон Аркс, претставничка од КОРА – Швајцарија. Организацијата уште во 90-тите има направено истражувања за рисовите низ Европа. Помага со експертиза на организациите. Среќна околност е што Германија и Швајцарија можат во континуитет да бидат ангажирани за проблемот преку фондации, односно, вели таа, има начини да се одвојуваат пари за заштита.
„Мислам дека во овие земји (С. Македонија, Албанија, Косово н.з.) постојат други приоритети, има голема стапка на невработеност, министерствата се повеќе заинтересирани за инфраструктура, исто така, мислам дека политичката состојба не е толку стабилна како во Германија и Швајцарија. Тука, постојано имате избори, се менуваат луѓе во министерствата, па не е многу стабилно и е тешко нешто да се изгради. Од друга страна, во Швајцарија има многу постабилна ситуација, пример, имаме изградено долгорочна соработка со министерствата“, потенцира Аркс.
Фондацијата Еуро Натур исто е присутна во регионот. Експертката за големи месојади, Мареике Брикс, дополнува дека е неопходна соработка меѓу институциите и граѓанскиот сектор. Некогаш, вели, постојат политички интереси, но генералната слика не е дека институциите секогаш ја отежнуваат работата.
„Тоа е нешто што ни треба, на долг рок. Не можеме да имплементираме нешто единствено на ниво на невладина организација. Тоа не функционира. Ни треба владина поддршка, ни треба разбирање на владино ниво, дека овие работи се важни за земјата, за развојот на земјата. На глобално ниво, кога зборуваме за климатски промени и слично, знаеме дека овие теми зависат од политички одлуки. И, секако, затоа се потребни политичари кои носат одлуки во таа насока“, смета Брикс.
Поради малиот број рисови, на Косово засега нема обиди за заловување на рис и ставање околувратник. Сепак една убава вест неодамна го привлече вниманието на јавноста. За првпат е снимена единка на рис на Шар Планина, од заштитената косовска страна. Македонската страна на планината пак останува неистражена и уништена. Активистите со години притискаат и овој дел на планината да стане национален парк. Бидејќи ако се убива на едната, а штити на другата страна на границата, рисот тешко ќе преживее.
Слатко-горчливата приказна за Мунела
Автопатот Тирана – Приштина го сегментираше живеалиштето на балканскиот рис. Од источната страна останаа местата по кои можат да се движат Лиса и Филипче – високите врвови на Кораб и заштитениот појас Кораб – Коритник од албанска, и цело Маврово од македонска страна. На западот пак осамена е планината Мунела, едно од главните места каде е евидентиран рис во Албанија.
Откако ќе се напушти широкиот автопат, ве пречекува слабо населениот планински регион. Единствено нешто што покажува дека тука има живот се бројните камиони кои возат по локалниот пат. Планината се прекопува за да се извади бакарот и другите минерали од неа. Оштетувањата се очигледни, огромни јаловишта зјаат по планината.
Мунела нема статус на заштита. Со постојана дива сеча, без шума, со намерно подметнати пожари, сега таа е како сцена од апокалиптичен филм, сместен во високи снежни предели, каде рисови и волци се движат избезумено во потрага по плен.
Тоа прво паѓа во очи кога се качивме на Мунела. Тимот од организацијата за Заштита и зачувување на природната средина во Албанија (ППНЕА) поставуваше замка за заловување рис, со цел да му стават ГПС околувратник, во рамки на истражувањата и мониторингот од Проектот за закрепнување на балканскиот рис. Бараат Мунела да стане заштитено подрачје, со соодветна администрација и мониторинг.
Активистите од организацијата веќе трета година се обидуваат да заловат рис на Мунела. Но и во Албанија, појавата на новиот коронавирус ги сопре активностите на терен. Ја немаа среќата на македонските колеги.
„За жал, состојбата со пандемијата Ковид – 19 влијаеше негативно на мониторингот на рисот во планината Мунела. Ние ја деактивиравме стапицата во боксот пред планираното време. И покрај ова, нашите камери сè уште се активни и го фотографираат рисот“, објаснува Бледи Хоџа од ППНЕА.
Преку околувратникот би можеле да направат поопсежни анализи за тоа како да се заштити рисот овде на Мунела, бидејќи, вели Хоџа, останати се само 4 до 5 единки.
„Секако дека се чувствуваме тажно и работиме со локалците кои соработуваат со локалните и државните власти. На рисот му требаат итни мерки! Така што, првата мерка, која ја бараме со години, е Мунела наскоро да биде национален парк. Со тоа, ние ќе можеме да преземеме други акции, работите побрзо да се подобрат“, вели Хоџа.
На уништувањето на Мунела удел имале и последователни пожари. Исто така, проблем за рисот е и криволовот. Изминативе дваесетина години, човечкиот притисок врз видот се зголемил, па активистите велат дека Албанија сега е во ситуација каде рисот е најмал по број досега. Забележуваат и некои поместувања, како пример мораториумот за лов низ цела Албанија, донесен во 2014, со важност до 2021, но сметаат дека има селективно спроведување на законите. Исто така, и конфликт меѓу ловечката заедница и владата за мерката во однос на управувањето со дивиот свет.
„Балканскиот рис е заштитен вид, што значи дека секоја форма на ловење, заловување, или каква било форма на чување или наштетување на видот, се смета за нелегално. Сепак, има и закани кои се предизвикани од луѓето кои индиректно, но многу силно влијаат на балканскиот рис како што е намалувањето на неговиот плен, екстремниот криволов на еленот, популацијата на диви кози, зајаците, кои се главна исхрана за балканскиот рис. Така што, ако му ја одземете храната на животното, тогаш му ја намалувате и можноста да преживее“, вели Александар Трајче од ППНЕА.
Тој раскажува за случајот во 2015 кога на Мунела бил убиен рис. Токму случајот им покажал колку е важно да се работи на образованието за заштита на рисот. Но им докажал и дека на Мунела сè уште се раѓаат рисови.
Недалеку од Мунела, во непосредна близина на автопатот Приштина- Тирана живее Ѓет Ѓони. Неговото село Спач е скоро напуштено, само две куќи се издигнати над еден огромен рудник, во кои заедно живеат три генерации. Раскажува дека неодамна го оженил својот син кој живее со него и нѐ пречекува со мекици, домашен мед и козјо сирење, локални продукти планинскиот реон. И задолжителната ракија. Како локалец, со години им помага на активистите во следењето на трагите на балканскиот рис во овој регион. Вели дека многу се доцни со прогласување на Мунела за заштитено подрачје, бидејќи има разни видови животни и растенија, па како поднебје е пригодно за туризам, посебно поради релјефот. Исто така, регионот е препознатлив по минералите.„Таа конкретна единка се однесувала многу неконтролирано и се доближила до стадо овци, но, според информациите, не знаела што прави и одела на многу непредвидлив начин. Се сомневаме дека било младо одвоено од својата мајка. Било неухрането, како што се покажа во понатамошната аутопсија и се однесувало на нетипичен начин за рисот. Овчарот за жал воопшто не го препознал животното. Овчарот беше младо момче од регионот, мислам на 12 или 13 години. Рисот му се доближил многу блиску, се исплашил и го удрил по глава со прачка, без да знае кое е животното. Ова е навистина несреќен инцидент и ние не се надевавме дека вакво нешто ќе се случи, но ова исто така ни покажа дека е важно да работиме, особено со младите генерации. Да знаат за видовите, да им укажеме колку е редок, колку е убав и колку е важен за екосистемот“, вели Трајче од ППНЕА.
„И токму затоа треба да сме внимателни со оваа подрачје“, раскажува локалецот застанат во својот двор, додека во позадина се слуша бушење.
Нагласува дека рудниците имаат своја специфичност, но, исто така, „природно е кога има работни активности, дивото животно да нема мир“.
„Бидејќи, материјалот што се наоѓа под земја треба да се извади. Сме лобирале и до компанијата која се наоѓа блиску рудникот, за да биде што е можно почувствителна, како за работниците, така и за нив, и имаме посебна соработка за заштита на овие животни“, тврди Ѓони.
Во минатото, вели, луѓето рисот го мешале со мачка. Не го разликувале. „Кога паѓаше многу снег, слегуваше долу за храна. И слегуваше многу блиску до куќите, па имаме неколку случки, дури памтам дека слезе и тука во мојот регион. Помина блиску до нашите куќи да се храни и тогаш изгледаше како нешто чудно, како мачка“, потенцира тој.
Според Замир Дедеј, директор на Националната агенција за заштититени подрачја, сериозно се разгледува предлогот за ставање на Мунела на листата на национални паркови.
Тој смета дека Мунела не е единственото јадро каде има рис во Албанија. Во прилог на ова доаѓа и последното откритие, кога пред еден месец за првпат на снимка е фатено семејство од три риса во реонот на Елбасан. Ова за активистите е важно откритие и дава надеж за опстанок на видот во Албанија.„Среќни сме што имаме многу добри траги во Мунела. Предлогот даден од невладината ППНЕА беше добро прифатен од нас. Сега сме во процес на назначување на регионот за заштитено подрачје. Сигурни сме дека има одредени тешкотии, пред сè во однос на активности кои се случуваат или се планираат. Зборувам за хидроцентрали и рудници. Ова се две активности присутни во регионот, тоа го знаеме. Ние треба да најдеме начин да ги избегнеме, или затвориме. Нема среден пат“, потенцира Дедеј.
Главниот град на балканскиот рис
Рисот го штитат и локалците од Жировница. Ова е најсеверното село во областа Долна Река во Северна Македонија. Југозападно се издигнува Дешат, северно Кораб, а југоисточно планината Бистра. Се наоѓа на височина од 912 метри, со жители што гордо се борат за опстанок на рисовите.
Загрозеното животно е влезено во културата и традицијата на локалните граѓани. Влезено е и во образованието на учениците. Уште од најмали нозе учат, го цртаат рисот. Тоа се забележува по ѕидовите и цртежите во основното училиште „Јосип Броз Тито“.
„Се разбира, рисот е наше национално богатство, ставено како заштитен знак и на нашите национални монети“, вели Анес Ахмети, наставник по географија и директор на училиштето.
И локалните жители, но и точките од ГПС сигналите на биолозите покажуваат дека рисот ги обожава шумите околу Жировница. Повеќе се движи навечер, но луѓето често знаат да го видат. Потоа случките се прераскажуваат од човек на човек. Но, не се случило рисот да нападне луѓе, или да направи некоја штета.
„Самиот факт дека рисот е претставен во нашето училиште на цртежи, укажува дека луѓето се приврзани и горди на тоа што можат да кажат дека во нашето село живеат неколку од малкуте единки преостанати на целиот Балкански полуостров, па и во Европа“, нагласува наставникот.
Ова село е познато и по тоа што гласно кажа „не“ за хидроцентрали. Во Жировница беа предвидени три мали хидроелектрани, од кои за две биле издадени концесии, со целата документација. Ахмети објаснува нивната градба би го урнисала целиот еко-систем во ова заштитено подрачје.
„Ако ја земеме водата, тогаш сме откачиле една алка од еко-системот и тој нема да функционира онака како што треба. Една од причините е и овој рис. Иако нашите грижи се насочени кон водата за напојување за селото, сепак и рисот, кој живее на овие простори, е меѓу главните фактори. Лично како мештанин на ова село и нашите активности како месна заедница, заедно со локалното население и дијаспората, нашиот став е јасен. Упатувам апел до сите засегнати да се откажат. Нашата цел е тие да не се изградат и нема да дозволиме нивна градба по ниту една цена!“, вели тој.
Едукацијата за рисовите е присутна паралелно и во Албанија. Активистката Клаудија Кочи од ППНЕА ни покажува цртеж со рис, направен од девојче од петто одделение. Девојчето била ученичка во едно од албанските училишта во Пука, каде во 2019 беше потврдена популација на рис. Цртежот се должи на образовниот процес и работилниците на ППНЕА.
„Девојката сега е средношколка, цртежот е направен во 2015. Сега таа учествува во национални натпревари за цртање и понатаму го промовира рисот и нашата работа и секако, информациите за видот. Практично ги посетивме сите 15 училишта во Пука и регионот Мердита. Ги обучувавме наставниците за едукација со деца“, објаснува Кочи.
Потребата за образование се појавила и откако нашле мртво рисче, недалеку од градот Пука. Оттука, заедно со партнерите од Германија, одлучиле за тригодишна стратегија за образование во областа. Ресорното министерството од Албанија е формално вклучено како партнер. Се обидуваат да ги унифицираат образовните програми со колегите од Северна Македонија и Косово, со цел да произлезе единствен образовен пакет.
***
Во шумите недалеку од Жировница, Лиса и Филипче го исчекуваат нивниот наследник. Активистите веруваат дека тие досега се имаат спарено. Ако сè помине како што треба, нивното младенче би требало да се роди во мај.
Принова која ќе израдува три соседни држави и ќе даде нова надеж за спас на балканскиот рис.
Подготвија: Јасмина Јакимова, Емилија Петреска, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски
*Сторијата е работена во периодот од октомври 2019 до април 2020 година
**Вториот дел од сторијата можете да го најдете на следниов линк.
Извор: https://www.radiomof.mk/po-tragite-na-lisa-i-filipche-balkanskite-risovi-koi-obedinija-tri-drzhavi/