Како и во Европа, и кај нас на климатското движење му претстои консолидација, меѓутоа членовите на нашиот огранок (Fridays For Future Skopje) не се откажаа од својот идентитет како борци за климатска правда и во овој тежок период, вели истражувачот и активист Иво Босилков во интервју со Радио МОФ.
Босилков e доктор по политички науки на Универзитетот во Милано, магистрант во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам. Во изминативе години пишува колумни, анализи и постојано е ангажиран во политичкиот зелен активизам, давајќи свој придонес на младите генерации и акциите на Fridays For Future. Во интервјуто Босилков зборува за климатскиот активизам, директната демократија, за институционалниот однос кон зелените теми, но и воопшто за борбата за животната средина, за која вели дека е политичка, а еколошката правда е и социјална правда.
Локалниот огранок на Fridays For Future донесе нова димензија на размислување кон зелените проблематики, особено меѓу средношколците и студентите, а воедно имаше обединувачка моќ и кон останатите зелени иницијативи, низ призма на глобалните климатски штрајкови. До каде е оваа иницијатива? Се родија ли од неа нови активисти, млади луѓе што ќе го пренесат факелот и борбата за климатска правда?
Fridays For Future се уште постои во Скопје и се обидува да пронајде креативни начини да го изрази револтот од отсуството на климатска акција. Тајмингот на пандемијата беше катастрофален за климатскиот активизам, затоа што не само што ни ја одзеде улицата како простор за артикулација на тој револт, туку и ја промени социјалната, а богами и психолошката констелација која го хранеше протестното движење. Одеднаш бевме принудени на претпазливост во секојдневните активности, поради нова закана која е многу понепосредна од климатската. Меѓутоа дел од граѓаните ја препознаа поврзаноста на овие закани, некои од нив токму поради ангажманот на Fridays For Future. Како и во Европа, и кај нас на климатското движење му претстои консолидација, меѓутоа членовите на нашиот огранок не се откажаа од својот идентитет како борци за климатска правда и во овој тежок период. Многумина од нив го проширија својот опсег на општествено делување како последица на искуството во Fridays For Future, и немам дилема дека во иднина тие ќе бидат носители на промената кај нас.
Меѓу другото, активистите од Fridays For Future Skopje при протестните собири побараа прогласување на климатска вонредна состојба на национално ниво, активирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатски промени, но и затворање на постоечките електани на јаглен и преминување до 80% обновливи извори на енергија до 2030 и 100% до 2050 година. Можни ли е остварување на овие барања, со оглед на бавната динамика на решенија и одлуки?
Тешко веројатно. Од истата причина поради која беше пасивизирано климатското движење, и неговите барања беа маргинализирани од одговорните. Ковид-19 создаде општа конфузија, хаос и парализираност во институциите, и сето ова се одрази и на овој процес. Не сакам да бидам песимист, но шансите за остварување на овие барања сега се помали отколку што беа кога ги поставивме пред една година, што е трагично затоа што како држава не само што не придонесуваме за ублажување на климатскиот колапс, туку и воопшто не правиме ништо да го дочекаме поспремни. Меѓутоа, самото постоење на овие барања ја поставува нормата во однос на енергетската транзиција, нивното гласно изговарање поттикнува рефлексија, ја предизвикува имагинацијата на граѓаните. Нашите барања се референца за оваа транзиција и сигурно би било потребно дури и уште повеќе време доколку не се појавевме да ги поставиме овие барања.
Во својата неодамнешна колумна зборуваше за директната демократија. Ова е фокус и на Fridays For Future, од каде соопштија дека директната демократија почнува на локално ниво. Односно, дека демократски принципи би овозможиле конечно ослободување од капиталистичките деструктивни мотиви, а со тоа и еколошките проблеми кои настануваат од наметнат и неприроден консумеризам…?
Тоа е коректен заклучок. Моето учество во приказната на Fridays For Future има влијание на моите политички ставови, но и обратно. Во првиот случај, искуството од пракса ми укажа дека меѓучовечките односи и солидарната, хоризонтална размена на било какви ресурси, дали материјални, дали когнитивни, дали човечки, се основа за создавање на почит и емпатија, што неминовно се одразува на односот кон животната средина. Во вториот случај, односно влијанието на моите политички ставови врз огранокот на Fridays For Future, тоа е веројатно поскромно, но би сакал да верувам дека моите теоретски познавања од областа на инклузивниот популизам која ми е специјалност, ги имаат донекаде обликувано структурата и духот на движењето, односно неговите членови. Директната демократија е во основа длабоко дијалектички метод на политичко организирање, интегрален на инклузивниот популизам. Тоа е метод за враќање на довербата во сограѓаните, на блискоста со нив. Ова очајно ни недостасува. Истовремено, директната демократија е отпор на авторитарниот и бирократски модел. Ако ја препознаеме сржта на проблемот во општеството, ќе разбереме и зошто третманот на природата е таков каков што е, и како тоа можеме да го промениме.
Поразувачки беа ланските податоци дека средствата што се издвојуваат од државниот буџет во образованието се меѓу најниските во Европа – изнесуваат 3,7% од БДП и само четири европски земји имаат пониско ниво. Со вакви бројки, кој е начинот на (ре)обмислување на приоритетите, па да очекуваме напредок и во еколошкото/климатско образование и, воопшто, свеста на темата? Можеби прв чекор е да се воведе климатската проблематика во формалното образование?
Лично сум против импровизации, особено во еден клучен сектор како што е образованието. Да се подобри може нешто само ако е веќе добро. Тоа не е случај со образованието, и се плашам дека воведување на климатска проблематика без адресирање на сите структурни проблеми кои постојат во него нема да промени ништо во пристапот кон ова прашање во иднината. Најпрепознатливата парола на климатското движење е „системски промени, не климатски промени”. Системски промени не значат козметика заради политички поени, или на две на три, набрзина уфрлување на нов предмет. Воведувањето на климатската проблематика мора да оди паралелно со коренити реформи во образованието од првата до последната фаза.
Генерално, со години е впечатокот дека секторот животна средина е маргинализиран со политичкиот пазар „за мир во куќа“. Има ли начин да се врати довербата во институциите, тие да се преструктуираат, или требаат вонинституционални механизми?
Чекањето институциите самите да се средат е губење време. Тие се инфицирани со корупција, комплацентност и тотална отсеченост од реалните општествени потреби. Особено кај нас тие служат како средства за партиско пазарење и администрациски клиентелизам. Институциите се толку заглибени во оваа динамика и бирократизирани што воопшто не се во состојба да ги извршуваат своите основни функции. Ова го знаат оние кои ги кројат, оние кои работат во тие институции, и оние кои имаат контакт со нив однадвор. Првите две категории немаат интерес да променат нешто, а третата не знае како. Според мене, единствено решение е инсистирањето на граѓанска автономија, масовни социјални движења, протестна култура, паралелни институции на директна демократија. Минимумот што може да се добие со ваков пристап е повремено освестување на овие институции, а максимумот целосна реконфигурација на институциите.
Во Франција видовме дека социјалните и еколошките протести се обединија. Возможно ли е такво нешто во Македонија? Да речеме, движењето #ЗеленФронт, кое веќе имаше поддршка од 40-ина еко-иницијативи, да се здружи со протестите за струјата?
Fridays For Future од самиот почеток на протестите во Скопје против поскапувањето на струјата беше дел од организацијата. Тоа беше единственото здружение од коалицијата Зелен Фронт кое повика на учество во овие протести, со аргументот дека врската меѓу сиромаштијата и загадувањето ќе се интензивира во контекст на поскапувањето. Не можам да зборувам од име на Зелен Фронт, прво затоа што тој проект одамна е во мирување, а второ затоа што од самиот почеток членките инсистираа на нивна засебност. Мое лично мислење е дека Зелен Фронт е премногу хетерогена коалиција за да има радикален и холистички пристап кон ваквите општествени феномени. Многу мал број од тие организации го делат нашиот став дека борбата за животната средина е политичка, и дека еколошката правда е и социјална правда. Меѓутоа дури и да не беше така, не сметам дека еколошките движења треба да бидат носител на протестите против поскапувањето на струјата. Во Франција е поинаку, постои успешна традиција на отпорот, додека кај нас дури и најзасегнатите од прашањето се апатични и без надеж дека можат нешто да променат. Тоа е ефектот од екстремната оддалеченост на институциите од народот. Едноставно граѓаните не веруваат дека можат да имаат било какво влијание на политики од типот на цената на струјата, затоа што нив ги носат семоќните елити.
Кога ја споменав веќе Франција, Енди Батентие, коорганизатор на маршевите против климатските промени во Париз и дел од Жолтите елеци, при интервју ми кажа дека денес е многу тешко, бидејќи почна да расте индивидуализмот кај луѓето, кои стојат на своите позиции. Па, кога се зборува за политика, зборуваш гласно, и ако го надвикаш другиот тогаш – „си победил“. Како да дојдеме до позиција кога ќе се потрпеме на колективна интелигенција за решенија за еколошката и климатска криза?
Ризикувајќи да се повторувам, ми се чини дека одговорот уште еднаш е во механизмите на директната демократија. Само таму може да се создаде неопходниот амбиент на сплотеност позади заедничка цел, која ќе го неутрализира поривот за доминација. Кога се дебатира чесно, очи во очи, врз база на заеднички прифатени правила на етичко резонирање, меѓусебно сослушување и уважување, исходот е многу поразличен од тој на партиските препукувања или уште повеќе какофонијата на социјалните мрежи. Демонстрација на ова имавме токму неделава, на граѓанскиот буџетски форум во организација на советничката во град Скопје Драгана Велковска. Дискусијата беше беспрекорна, со иновативни предлози, нивна анализа и дополнување од присутните, имаше позитивна енергија, а сепак доволно спонтаност за сето тоа да не биде штура и стерилна дискусија како оние во институционални рамки. Ова е пример кој мора да се следи во иднина за да се спротивставиме на тој менталитет на победникот носи се.
Како медиумите можат да помогнат во целава ситуација? Веќе еднаш пиша дека „проблемот е што парите неминовно раѓаат и корупција, и во медиумите, и во партиите – па нивната симбиоза не е мутулистичка, туку паразитска“?
За проблемот на парите во политиката, и каква е улогата на медиумите тука би можел да зборувам до бесконечност, затоа што тоа е навистина комплексна тема која заслужува многу поголем простор од тој што го добива во моментов. Меѓутоа тука е и иронијата, медиумите немаат никаков интерес да ја касаат раката која ги храни преку начнувањето на таа тема. Тоа е и суштината на таа констатација, дека медиумите зависат од логиката на капиталот, што значи дека мораат да функционираат како бизнис машина и да се прилагодат на правилата на пазарот. Таа логика е неморална и антиеманципаторна, па оттаму медиумите апелираат на најниските страсти на гледачот преку целосна турбофолкизација на политичкото информирање, со тоа придонесувајќи на декаденцијата на политичката свест. Можеби би звучело неблагодарно, но јас сум пропонент на заобиколување, па и делумен бојкот на медиумите кога се работи за политичките прашања, со чесни, но ретки исклучоци. Медијатизацијата не замајува со производ за конзумирање, и со тоа не оддалечува од вистинските проблеми, и притоа и едни од други. Најпрвин треба да се постават други стандарди, да се добие некаква моќ, па дури потоа да се конфронтира логиката на медиумите.
Од друга страна, гледаме дека социјалните медиуми се исполнети со разни фотографии и блиц информации за проблеми со воздух, шуми, води, почви, за клима… Луѓето се интересираат и ангажираат, но, доволно ли е тоа за да се анимира јавноста?
Социјалните медиуми претставуваат далеку поинаков предизвик од традиционалните. Тие во моментов претставуваат катартичен крик, и во голема мера она што го нарекуваат сигнализација на доблеста меѓу граѓаните. Меѓутоа дури и ова за кое говориме тука е ехо комора на одредена група корисници, која е мал дел од целата слика. На долг рок можеби тоа посрамување на неодговорни поединци ќе вроди со плод, но во основа социјалните мрежи само создаваат привид дека нешто се прави, како смирување на совеста. За големите загадувачи тие не претставуваат закана. Одговорноста се разводнува, а тука придонесуваат и лажни вести, недоразбирања… Социјалните мрежи можат да имаат исклучиво комплементарна улога, како алатки на мобилизација и организација, меѓутоа тука не зборувам конкретно за Фејсбук и Твитер со нивните поларизирачки алгоритми, туку за платформи кои би позајмиле некои од нивните позитивни елементи, за олеснување на вистинската политичка активност на терен.
На крајот, како да им дадеме, а не одземе крилја на младите? Да продолжат да вршат притисок, да се борат и „да бидат реални, да го бараат невозможното“, како познатиот слоган со кој се служеа побунетите студенти во 1968 година?
Не постои едноставен одговор на тоа прашање, меѓутоа тоа што можеме е да работиме напорно за остварување на прогресивните идеали, постојано да размислуваме за начините на кои се обидуваме да ги оствариме тие идеали, и во целиот тој процес да се обидеме да останеме достојни на себеси. Ако ја зачуваме сопствената страст и интегритет, тогаш имаме право да се надеваме дека некој после нас ќе земе пример од нас. Она што не смееме да си го дозволиме е да се деморализираме и да се откажеме од она во кое веруваме. Ако не веруваме самите ние, тогаш нема да верува никој друг.
Бојан Шашевски