„Според таа студија (за санација на некогашната депонија Вардариште) која ја имаме направено да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање“, рече денес градоначалникот Петре Шилегов на брифингот на новинари.

Вардариште со години претставува црна точка за Скопје со години, а Шилегов вели дека веќе имале разговори со дел од претставниците на ЕУ. Но, смета дека како проблем, како начин на решавање ќе мора и Министерството за животна средина (МЖСПП) да партиципира, со цел понатаму да нема потенцијална опасност за животната средина во Скопје.

Шилегов пред новинарите рече дека депонијата „Вардариште“ била во интензивно користење за фрлање на комуналниот отпад на Град Скопје од 1997 година, кога се отвори капацитетот „Дрисла“. Тоа што се случува сега на Вардариште, дополни тој, е распаѓање на тој депониран комунален отпад, што е потенцијален сериозен еколошки проблем за Град Скопје.

„Градот и ‘Комунална хигиена’ тоа што во моментот го работат на Вардариште е дека таму има еден капацитет на претоварна станица каде се носи ѓубриштето во тој дел на градот, се врши примарна селекција, се истовара во возила и се носи во Дрисла, што значи дека нов комунален отпад не се генерира, туку се врши примарна негова обработка и се носи во Дрисла“, рече тој.

Според градоначалникот, проблемите настануваат од долгогодишното несоодветно место и несоодветен начин на депонирање повеќе децении на комуналниот отпад.

„Во непосредна близина на самата локација постојат три правни субјекти кои управуваат со отпади, а кои како институции се под исклучива надлежност на МЖСПП и Државниот инспекторат за животна средина, односно градот ја нема ингеренцијата да може да ги инспекторира или да изрече било каква санкција доколку истите несоодветно ја извршуваат својата дејност, иако ги мониторираме. Ги мониторираме од иста причина што нашите инспекциски служби се таму присутни заради постоењето на три диви населби, на неформални преработувачи на ѓубре, кои како такви ги санкционираме. Инспекцискиот надзор во последниве две години е зголемен за 300 проценти за разлика од минатото“, посочи Шилегов.

Токму загадувањето и ужасната смрдеа од Вардариште е причина за денешниот протест, закажан за 17 часот на рампата кај железничката пруга во населбата Маџари.

Протест во петок поради загадувањето и неподносливата смрдеа од Вардариште

Протестот го организираат граѓани од Гази Баба кои живеат во близина на Вардариште и секојдневно се гушат од чадот од нелегалната депонија, кој се гледа и мириса и во соседната општина Аеродром, за што сведочат фотографиите кои секојдневно се објавуваат на социјалните мрежи.

„Чашата ја прели секојдневната неподнослива смрдеа која што доаѓа од Вардариште. Имено, во претоварната станица, која што е нелегална и нема никакви стандарди, секојдневно се одложува отпад на отворен простор и од таму се шири неподнослива смрдеа“, рекоа за Радио МОФ организаторите на протестот.

Локални граѓани со години реагираат дека некогашната депонија Вардариште е незаштитена, секој може да пристапи и си истовари ѓубре, па претставува екошка бомба за скопјани. И самите градски власти на повеќе пати потенцираа дека и депонискиот гас и отпадната вода се сериозни загадувачи на атмосферата, земјиштето и површинските води.

Вардариште е лоцирана на левиот брег на Вардар, а се наоѓа на територија на општината Гази Баба со вкупна површина од 42 хектари. На запад се граничи со поранешната фабрика Металски завод Тито, на југ е насипот на Вардар, на север е каналот за одводнување, но затоа источната граница сè уште не е утврдена.

Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како позајмиште на песок и чакал. Ваквата намена на локацијата завршува со привршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година.

По овој период на локацијата започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата. Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите.

Познато е дека на локацијата постојано се оформуваат и диви населби. Жителите на општините Аеродром и Гази Баба и репризно секоја година ги чувствуваат последиците од неконтролираните пожари од Вардариште.

За оваа црна точка долго проблем претставуваше спорниот ДУП четврт СИ09, кој Гази Баба го влечкаше со години. ДУП-от сега е донесен, но допрва ќе се чека на проект, барање средства и потоа конечно да се случи долго најавуваната ремедијација и рекултивација, откако во 2014 година беше направена Студија за некогашната депонија.

Б.Ш.

Извор: https://www.radiomof.mk/shilegov-gradot-nema-pari-za-celosna-sanacija-na-vardarishte-kje-treba-da-se-vkluchi-i-mzhspp/