Пошумувањето на Водно како компензација за уништениот шумски фонд од гасоводот беше договорено уште во 2018 година. Владата издвои околу 43 милиони денари (700.000 евра) преку Национални енергетски ресурси до наменска сметка на Град Скопје, но од Градот досега молчат и не враќаат одговори до Радио МОФ за тоа кога би се реализирало пошумувањето, колку пари ќе бидат издвоени за оваа намена и од кој буџет.
Истовремено, „Слободен печат“ објави дека Град Скопје со околу 4 милиони денари (65.394 евра) ќе ја подобрува туристичката понуда во метрополата, од кои со 2.500.000 (40.883 евра) ќе се изработува проект и проектна документација за изведба и содржини од Студијата за туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно.
Медиумот пишува дека дел од овие средства, односно по 460.000 денари (вкупно 15.023 евра) ќе се наменат за проектирање и изведба на две велосипедски патеки – „Flow“ Средно Водно и „Enduro“ Крстовар – Средно Водно.
Дополнително, од Буџетот на Градот ќе бидат потрошени 300.000 денари за санација на патеки на Матка, 200.000 денари за монтажно демонтажни објекти на туристичките бироа на Град Скопје и 180.000 денари за членарина во Европската маркетинг асоцијација.
„Како што налагаат новонастанатите услови наметнати од ковид пандемијата, според кои нема да се одржуваат настани на мал простор, разни промотивни саеми и активности и сл., додадовме неколку нови ставки, пред се’ од аспект на развој на туристичките капацитети на Водно“, стои во одговорот на Град Скопје за „Слободен печат“, дополнувајќи дека намалување на средства имало во делови за промоции, патувања, туристички материјали и етно фестивали.
„На овие неколку ставки скратени се околу 5,5 милиони денари (89.859 евра)“, велат од Град Скопје.
Покрај туристичките планови за Водно, останува нејасно каква е финансиската конструкција за т.н. Програма за рекултивација, пошумување и уредување на парковско-инфраструктурни содржини на Парк-шума Водно. Односно, колку од тие 700.000 наменски пари за штетите од гасоводот, ставени на наменска градска сметка во 2018, ќе одат на пошумување, а колку за туристичко-рекреативниот центар, за кој преку Студија беа обмислени можни патеки, реквизити, адреналински парк, област за авантуристички врв… во износ од 1,9 милиони евра.
Во Програмата, што пред неколку седници помина на Совет на Град Скопје, стојат „Flow“ и „Enduro“ патеките на Водно. Преку неа се предвидени и систем на набљудувачници како заштита од пожари и приоритетно пошумување на Долг Рид (со две микролокации), под Маркова Крушка и месноста Овоштарник кај Теферич. Во Програмата нема наведено никакви суми.
Ангажираниот експерт за пошумувањето на Водно, Бојан Симовски, во допис до Радио МОФ објаснува за изборот на трите локации, садниците, но и дека кон крајот на минатата година требало да се осмисли проектот и започне со реализација на активностите, но од различни причини тоа не се случи.
Исто така, тој верува дека ова приоритетно пошумување е само почеток на процесот, онака како што е договорено со надлежните органи.
„Средствата за целокупното компензирање на работите со гасоводот на дел од трасата којашто минува низ Водно може да се доволни, а може и да не се, секако зависно од планираните активности за пошумување, односно противерозивно уредување од Градот“, посочува Симовски.
Тој посочува дека истражувања од 2015-2017 утврдиле ерозивни подрачја.
„Подрачјата каде може на мал дел да има видливи процеси на ерозија, но кадешто со промена на покровноста може да настанат силни процеси на ерозија, нудат можност за релативно ‘пониско’ побарување средства за соодветен избор на видови за реализација на озеленувања со овозможување противерозивна заштита. Меѓутоа, доколку треба да се преземат и сериозни биотехнички и геотехнички мерки за стабилизирање на земјиштето и заштита на ерозивните подрачја, какви што се утврдени и на Водно и може да претставуваат закана за здравјето и животот на граѓаните при поројни појави, секако дека не се доволни“, вели тој.
Според Симовски, тоа се нешта кои се решаваат во сеопфатна и длабока анализа на повисоко рамниште. Доколку пак, вели тој, Градот во своите програми предвидува активности кои се од интерес за посетителите на парк-шумата, во склад со постојните вредности, со претходно постигната согласност од сите засегнати чинители и неопходна потреба за унапредување на просторот, секако дека има простор за размислување.
„Но, тоа треба да е плански оправдано и без значително нарушување на доделените наменски средства, односно издвојување посебни средства или брзо надополнување на ‘позајмените’ средства, ако за тоа се јави издржана моментална потреба“, забележува тој.
Инаку, Шилегов лани на двегодишниот отчет првично кажа дека 290.000 од доделените 700.000 евра од пошумувањето ќе одат на туристичко-рекреативен центар. Загриженост за ваквата слободна пренамена изразија активистите од „Го сакам Водно“, но и од Национални енергетски ресурси, потенцирајќи дека ваквото решение на Град Скопје е спротивно на одлуката на Владата.
Радио МОФ веќе пишуваше дека додека гасоводот требаше да заврши до крајот на 2019, а пошумувањето две години е во застој, Град Скопје планира и гради разни парковско-инфрструктурни содржини.
Иста фирма ЈУМАК-Киро ДООЕЛ лани доби тендер од околу 20.000 евра (1.230.000 денари) за изработка на Студијата на туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно, а годинава фирмата се јавува и како носител на јавната набавка за дизајн и изведба на велосипедска патека, во истиот ТРЦ Водно што самата го осмисли. Исто така, ЈУМАК-Киро ДООЕЛ се јавува и како донатор на „Техничка документација за детално планирање и спецификација за поставување на реквизити за развој на детска моторика на планината Водно“. Ваквата донација од 5.328 евра (328.158 денари) ја изгласа Советот на Град Скопје на 27 октомври.
Град Скопје прави вело-патеки и реквизити на Водно, планираното пошумување во застој
Бојан Шашевски