Тешко дека два дрона значително ќе придонесат во борбата со аерозагадување во главниот град. Ова многу повеќе наликува на лет во место на реформите против аерозагадувањето, пишува Новица Наков во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа
Минатата седмица бевме информирани за намерата на Градот Скопје да ја продолжи борбата против загадувањето со дрон. Оваа информација ја добивме во форма на презентација на лет со дрон на Вардариште и отворање постапка за јавна набавка за воспоставување на систем за четиридимензионално следење на загадувањето на амбиенталниот воздух во скопската котлина.
Еве неколку од прашањата што треба да се постават пред да се вдадеме во прослава за мерките што треба да се случат.
Дали претрага со дрон е најдобриот начин да се бара ѓубре расфрлано по земја?
Демонстрацијата што се одржа на Вардариште нема директна врска со воздушното загадување. Дури и операторот на дронот изјавил (линкот води до Facebook) дека „Целта на пробното летање беше да се види колку ѓубре има и од каков вид, а со цел да се направи план за чистење и естимација на трошоци“.
Додека план за чистење и проценка на трошоци се важни, прашање е дали тоа може да се направи најлесно и најефикасно со дрон: дронот сепак има ограничена батерија, треба да лета доволно високо за да биде брз и да покрие поголема површина, или доволно ниско за да има доволно квалитетни фотографии од коишто ќе се утврди каков вид и колку ѓубре има. Оттука, прашањето е колку време е потребно да се направи мапата на ѓубрето со летање на определена висина/брзина, пред воопшто да може да се почне со процената на трошоци и негово чистење. Дали градот има повеќе од еден дрон за мапирање? Алтернативно, дали можеби е поедноставно да се одредат местата каде што би можело да има ѓубре со други методи: на пример со човек што со теренско возило вози низ парцелите кои се необезбедено државно земјиште и за кое може да се донесе разумна претпоставка дека на него има дива депонија. Или, пак, да се споредат податоците со дозволите за градење, па да се види каде има градилишта, дали се обезбедени и така натаму.
Дали ѓубрето расфрлано на земја има голем придонес во аерозагадувањето?
Прашање што треба да се постави е и дали власта во градот мисли дека главното загадување на воздухот доаѓа од ѓубрето што е расфрлано по дивите депонии? Со оглед на тоа дека релевантните студии нè информираат дека воздушното загадување примарно доаѓа од домаќинскиот огрев на цврсто гориво, сообраќајот и градежништвото, каква е поврзаноста на мапирање на дивите депонии и колкав ефект може да има тоа на акутното загадување во текот на зимата?
Колку време му треба на еден дрон да измери аерозагадување на површина од 527 квадратни километри?
Постапката за јавната набавка на нов дрон кој ќе биде наменет за мерење на аерозагадување, пак, е чудна поради повеќе причини. Најнапред испораката на услугата е предвидено да трае околу 9 месеци. Така, дури и постапката за набавка да заврши до крајот на ноември 2018 година, државниот орган што ќе треба да го мери загадувањето со дрон најрано ќе може да го прави тоа во летото 2019 година. Како што знаеме од искуство, аерозагадувањето во лето е значително помало и всушност какви било податоци што ќе имаат смисла ќе можат да се собираат кога тоа повторно ќе стане акутно – во есен – зима 2019. Ова, пак, значи дека каква било политика против аерозагадувањето, којашто би требала да биде базирана на податоците прибрани од дронот, би било невозможно да се применува пред зимата 2020/21 година.
Горнава проекција е потврдена и преку фактот што постапката за набавка предвидува набавка на само еден дрон. Тоа летало има пропишано време на лет од 25 минути и за тој период може да покрие површина од половина квадратен километар. Тоа се 1.144 летови од по половина час за да се надлета целата површина на градот Скопје која што изнесува 572 km2. Или, со оптимистичка претпоставка за 8 летови дневно, на надлежниот орган ќе му требаат 140 дена да го прелета Скопје еднаш. Значи првите комплетни податоци од еден прелет би ги имале напролет 2020, па првите политики против аерозагадувањето базирани на овие податоци би почнале да се применуваат дури во зимата 2020/21 година.