Млад полицаец, новинар, инспекторка за животна средина и комунален редар. Се собравме во кола на Инспекторатот на Град Скопје. Поминавме контрола од Центар до Шутка, Ѓорче и Вардариште, низ депонии и калливи патишта. Тимот си бркаше понеделничка дневна смена, а Радио МОФ беше новинарска придружба, за да видиме како се одвива инспекторскиот процес. Нашата неколкучасовна приказна е само мал дел, фрагмент од инспекторскиот живот во борбата за животна средина. Но, некои искуства даваат поширока слика: и за функционирањето на државата, и за капацитетите на инспекторските служби.
Колата што ме собра од „Рекорд“ е една од шесте возила на располагање на градскиот Инспекторат. Две од колите се нови „тојоти“, наменети само за градско возење, а 4 возила се со прилично измината километража. Моментално само една од тие 4 коли не е на сервис. Токму во такво „пунто“ се возевме.
„Значи, од вкупно 60 инспектори, од сите сектори, се движиме со 3-4 возила. Пример, инспектор добива повик за ситуација во Ѓорче Петров. И сега, ако нема возило, тој треба да фати автобус, да се вози низ скопските гужви, може ќе треба да смени автобус, за да стигне до локацијата“, вели раководителот на Инспекторатот, Мирослав Богдановски.
Преку него договоривме да се приклучиме на тимот, кој тргна кон Шутка. Позади седиме со полицаецот, напред совозач е инспекторката, а возач е редарот Ѕив. Попатно низ муабет објаснуваат дека ваквиот состав функционира само во сезона на загаденост. Инспекторатот редовно врши контроли во три смени од осум часа, додека полицаецот е тука да легитимира луѓе, или во случај некој да е насилен.
„Дежурниот инспектор пишува извештај, кој после оди и до Влада“, раскажува инспекторката.
Стигнуваме над Шутка, кај депонијата. Не дека на други места во Шутка нема депонии, туку оваа е со железна порта, со катанец, за’рѓана чуварска куќичка и локални кучиња што чекаат да им фрлиш храна. Поставен е и знак „Забрането фрлање ѓубре“ со општинско лого. Според редарот Ѕив, депонијата некогаш работела, а сега е затворена. На прашањето како тоа е затворена, кога позади се гледа купишта отпад, тој вели „па, има споредни патчиња“.
Околу портата, како да се одвива некоја дистописка пост-апокалиптична сцена. Се очекува во секој момент фуриозно да влета Лудиот Макс. Насекаде отпад, декорациски расфрлени стари хаварисани возила, полу-земјен предел и приод кон нешто што личи на распадната барака. Погледот од другата страна е кон стотици збиени куќички на Шутка.
Комуналниот редар излезе од кола. Фрла поглед лево-десно, бара некаков чад. „Овде во околината нон-стоп горат. Мириса и навечер, и дење“, забележува тој.
Сретнавме комунални редари од Шутка. И тие се во контролна визита. Се отпоздравуваат со колегите од Град Скопје. Се знаат меѓусебно. Истите луѓе се со години.
„Мирно е, нема проблем“.
Ова значи дека немаат начекано никој да фрла или пали отпад, бидејќи единствено тогаш може да пишат казна. Ако го фатат на лице место, обично тоа е 50 евра, според комуналниот закон, но и согласно Законот за јавни чистота. Затоа луѓето од Инспекторатот и полицаецот бараат повисоки казни, особено за загадувачите и оние што депонираат големи количини отпад на јавен простор. Сега, за физичко лице казната е максимум 200 евра, но се намалува на 100 ако ја плати за недела дена.
„Ако му лупнеш 1.000 евра ќе видиме дали друг пат ќе прави исто“, се согласуваат сите.
Со колата тргнавме да направиме круг. Да сликаме дури сум тука, по можност да пресретнеме несовесен фрлач или палач. А, има што да се запали. Разновидно напластено ѓубре долж патот, од се’ по нешто, „опрема“ доволна да си го наполниш домот или гаражата. Пред нас – скелет од коњ оставен до калливото патче. И тоа, прилично добро сочуван скелет, како музејски експонат, само без витрина.
Забележуваме и сочувана фотелја. Минувач може да си седне, да одмори, со поглед од „милион долари“. Накај отпад кој очигледно лесно се фрла, ама тешко кој го собира.
Контролата заврши. Нема видливи прекршоци, само по некој човек што тука живее, меѓу ѓубрето.
Затоа, се упатуваме на нова обиколка низ скопските општини. Повторно во кола. Повторно муабети. Објаснуваат за тековни акции, за проблеми. Најчесто предизвици со отпад имаат во Шутка, но и во Илинден, под Кале, во Вардариште… Се жалат дека има малку луѓе, а многу работа. Само пет инспектори за животна средина, додека комунални редари се 16.
Богдановски од Инспекторатот веќе ни потврди дека еден од инспекторите најавил заминување, па би останале само четири, за цело Скопје. Затоа неодамна објавиле оглас за нови инспектори каде се пријавил – никој, односно не пополниле ниту едно место. Инспекторите работат без апарати за индикативни мерења. Немаат ниту гас-маски. На годишно ниво, меѓу другото, обврска им е да направат неколку редовни надзори на инсталациите со Б интегрирана еколошка дозвола и дел инсталации со Елаборати. Плус прават вонредни и контролни надзори. Мерењата се прават со ангажирана лабораторија, затоа што државата нема акредитирано лабораторија за да биде контролор на загадувачите.
„Комунална инспекција во 2018 година имаше девет барања за поведување прекршочна постапка. Сега во 2019 имаме 84. Комунални редари во 2018 напишале 679 казни, а во 2019 дури 1.346 казни. Тоа се прави со истиот капацитет на луѓе. Зголемен е и редовниот инспекциски надзор од 129 на 239. Имавме проблем со Правилникот за гранични вредности, но откако се изборивме да се донесе, направивме 9-10 мерења, па како стигаат резултати ќе следуваат казни. Бројките растат. Се ангажираме и да ги опремиме луѓето“, ни кажа Богдановски од Инспекторатот.
Повторно во кола, одиме по пат, вртиме насекаде. Во Ѓорче Петров застанавме кај локалната депонија. Наидовме на рампа. Постои уште еден страничен влез без рампа, ама целиот е каллив и нерамен, со дупки, а возилото на Инспекторатот не е теренец. Нема да се инсистира на места каде би заглавило, бидејќи и онака се во минус со службени коли.
„Рампата не е тргната, скршена е“, тврди локалниот чувар, жител до депонијата во Ѓорче, откако Ѕив го праша зошто немаат рампа.
Редарот забележува дека долу, покрај Лепенец, луѓе постојано фрлаат и палат ѓубре, па ја загадуваат и реката. Во однос на соработката со општинските комунални редари, за вакви или слични проблеми, Ѕив тврди: „работиме десет пати повеќе од нив“.
„Кажете ми, кој инспекторат во земјава работи три смени? Од 6 до 14 часот, потоа до 22, и пак до сабајле. Нема таков! Ама, со нас, мора да доаѓа и полицаец. Веќе истепаа тројца наши редари. Ќе ти се соберат група во Вардариште, ќе те начекаат и истепаат. И, што ќе правиш? Ако влеземе во некоја инсталација што чади, таму знаеш со кого имаш работа, си има сопственик или персонал, ама по депонии е ризично. Никој не ми гарантира заштита. Работиме што можеме и колку можеме“, раскажува попатно редарот.
Веќе сме во општина Чучер-Сандево, некаде кај Качанички пат. Лево покрај патот има бензинска пумпа, а во близина отспротива гори контејнер. Тоа се оние старите лимени садови. Луѓе немо гледаат додека полнат бензин. Чури од садот чад. Смрдеата „пече“ на нос. Редарот веднаш излезе од кола. Вика по некој од бензинската, врти и на телефон. Набргу се појави човек со црево да гаси.
„Од каде да знаеме кој го запалил. Овде луѓето фрлаат се и сешто. Знаете ли колку пати сум се јавувала на општината за отпадот?!“, вели госпоѓа од бензинската, тврдејќи му на редарот дека камерите од објектот не го фаќаат делот кај контејнерот.
Набрзо стигна камион за отпад на ЈКП „Скопска црна гора“. Се спремаат да го соберат садот. Овој реон е надвор од скопската мрежа на ЈП „Комунална хигиена“, кое за приградските општини прави договор за комунална дејност со други комунални претпријатија. Затоа, паралелно стигна и посебно возило „еко-патрола“ од ЈП „Комунална“.
За запалениот контејнер се собраа луѓе од разни сектори. Се бараат надлежности и виновници. Зборуваат меѓусебно. Луѓето од бензинската креваат раменици, велат не знаат кој го запалил, редарот потенцира дека секоја фирма треба да има посебен контејнер, додека раководителот на „Еко-патрола“, Исмет Душки го проверува серискиот број на запалениот сад.
„Да го сликам, па да видиме дали е од нашите. Знаат некогаш да ни ги крадат контејнерите“, вели Душки од „Комунална“.
Меѓувреме, стига пријава од кол-центарот, од бројот 193. Гори нешто во некогаш официјалната депонија „Вардариште“, сега само депонија Вардариште. Се качуваме во кола и се упатуваме натаму.
Вардариште е лоцирана на левиот брег на Вардар, на територија на општина Гази Баба. На запад се граничи со поранешната фабрика МЗТ, на југ е насипот на Вардар, на север е каналот за одводнување, но затоа источната граница сè уште не е утврдена.
Историски гледано, по 1967 година на локацијата започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски отпад, градежен шут, комунален отпад и друг инертен отпад.
Две децении по нејзиното затворање, Вардариште сè уште е незаштитена, секој може да пристапи, така што со години претставува опасност за здравјето на скопјани. Жителите на Аеродром и Гази Баба репризно секоја година ги чувствуваат последиците од пожарите. Дополнително, градските власти на повеќе пати потенцираа дека депонискиот гас и отпадна вода се сериозни загадувачи на атмосферата, земјиштето и површинските води.
Оттука, со години се споменува ревитализација на Вардариште, за која во 2014 беше изработена физибилити-студија, со утврдени активностите за ремедијација и рекултивација. Меѓутоа, Град Скопје преку ребалансот на буџетот на неколку пати ги пренамени средствата за ревитализација, чекајќи да се донесе локалниот ДУП СИ 09. А, тој пак, чека на одобрување во Гази Баба. О2 Иницијатива на неколку пати праша „дали овој ДУП не е профитабилен, па затоа оваа црна точка е закочена во Гази Баба?“
Сега таму минуваме покрај најразличен отпад, од двете страни на патот. Од градежен материјал, распаднат бетон, покуќнина, па се до пластични испокршени делови, разни дрвја и некоја елка. За разлика од тие во трговските центри, овие се вистински елки. Кој му фали дома за Нова година, може да дојде да си земе. Само плус треба да си купи лампиони. Или, да си „ископа“ лампиони од отпадот низ Вардариште.
Не е тајна дека во Вардариште постојано се формираат диви населби. Мали импровизирани куќички од даски, картони или цигли. Се сушат и алишта, пружени по огради, над пластови земја, покрај железарија или шишиња.
Не гледаме никаков чад. Лево-десно, напред-назад. Моментално нема пожар. Но, затекнавме камионче со натпис „ЈКП Гази Баба 2017“. Истовара некаков отпад – дрвја и гранки, веднаш до коритото на Вардар. Редарот му објаснува на човекот дека не е дозволено такво нешто на јавна површина, а овој почна да се расправа. Бара да не му се пише казна, со аргумент дека „оставам дрвја за да се греат локални граѓани“.
Луѓето добија казна од 50 евра. Тоа ќе влезе и во извештајот на инспекторката.
Смената заврши. Време е да се вратиме назад. По пат крај Вардар, каде гледаме некакви активности во коритото.
На крајот, тимот од Инспекторатот доби повик за нов пожар, додека сме закочени во градскиот сообраќај. Овој пат пожарот е на другиот дел од градот. Кога ќе успеат да ја предадат единствената кола на другата смена инспектори, ќе се упатат на локацијата, за евентуално да стигнат да евидентираат нешто пред да го изгасат пожарникарите.
Бојан Шашевски
Извор: https://www.radiomof.mk/reportazha-prva-smena-so-skopskite-inspektori/