Средношколците Теофилија Стоилковска, Марко Дураков и Мартин Стеванов од гимназијата „Јосип Броз Тито“ измислија филтер, кој се става на оџак на куќа и не дозволува штетните ПМ-10 честички да завршат во воздухот.
Загревањето на домаќинствата, како еден од главните извори на загадувањето на воздухот, ги потикна средношколците да изнајдат решение.
Тие денеска се сретнаа со министерот за животна средина Насер Нуредини. Заедно со директорката на гимназијата, Силвана Кржовска, го презентираа проектот и самиот уред, ги истакнаа проблемите со кои беа соочени при неговата изработка и ја искажаа нивната заложба и спремност за понатамошно негово усовршување.
„Ние младите сакаме да ja направиме промената на јавната свест во општеството”, му порачаа средношколците на министерот.