Активисти, професори, експерти и претставници од институции на јавна расправа со свои аргументи ја „исцртуваа“ границата на парк-шумата Водно, ги демистифицираа законите што постојат и не постојат за скопската планина, за да може да се заштити од моментални и идни градежни апетити. Го отворија прашањето што всушност му треба на Водно за да се контролира од дивоградби, гасоводи, од штетни ДУП-ови, или пропаднати проекти од типот на Сончев град или Етно селото.
Ова се случуваше во Советот на Град Скопје, каде се одржа втора расправа за „Студијата за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно“.
Според градоначалникот Петре Шилегов, документот е многу важен и ги идентификува карактеристиките на Водно. Тврди дека не се коси со Студијата за туристичко-рекреативен центар Водно, која Градот ја прави одделно и ја разгледува можноста за урбана опрема, видиковци, зип-лајн и адреналински парк.
„Напротив, ќе биде одлична рамка која преку прецизно утврдување на опфатот и начинот на заштита на шумата, ќе даде насока во кој правец втората студија смее да се движи. Втората студија има за цел да покаже дали има услови и доколку има, кои се најсоодветните локации за различните содржини со кои може да се збогати просторот за рекреација на посетителите, без притоа да се наруши животната средина на растителните и животинските видови кои живеат во шумата. На пример, втората студија ќе покаже дали има, или нема услови за изработка на адреналинска патека или зиплајн. Притоа, доколку студијата покаже дека има услови за изградба на некаква рекреативна содржина тоа не значи и дека веднаш ќе биде изградена“, рече Шилегов.
Соопшти дека и за оваа студија ќе има јавна расправа. Иако претходно самиот најави дека 18 милиони денари од парите за ревитализација ќе одат за туристичко-рекреативен центар, сепак, сега демантираше дека имале намера да бараат пренамена на средствата од Владата (вкупно 42,9 милиони денари) од пошумувањето.
„Ова е целосно неточно. Вишокот средства кој ќе остане заради немањето толкав простор со поволни услови за пошумување, според мене треба да се искористи за создавање услови за поголема заштита на шумата. На пример, тие би можеле да се искористат за обезбедување соодветна опрема и инфраструктура која ќе обезбеди подобра заштита од пожари. За ова и за ред други работи во функција на заштита на шумата сум подготвен да разговарам со Владата и да побарам пренамена на овие средства“, рече тој во Советот, уверувајќи пред новинарите дека парите за ревитализација ќе одат за ревитализација.
Васил Атанасовски, дел од експертскиот тим и координатор на програмските активности на Студијата за валоризација, објасни дека преиспитувањето на границите на Водно е постапка при повторно прогласување на заштитено подрачје низ Македонија. Направена е корекција на границите, вели тој, со оглед дека во изминатиов период од 10-ина години драстично е сменет просторот, особено северните делови од Водно.
„Оние урбанизирани делови, кои веќе не претставуваат природна вредност, илузорно е да претставуваат товар на едно заштитено подрачје. Во случајов, селските населби ги ставивме во парк-шумата, бидејќи тие се длабоко во границите на опфатот на Водно, како што е Горно Нерези и Грчец. Намалени се границите во еден дел, па затоа дел од југозападните делови се префрлени на Матка, бидејќи Матка претставува „емералд“ подрачје. Значи, на еден дел се одзема од Водно, но му се дава повисок степен на заштита, бидејќи кањонот на Матка е Споменик на природата. Заштитата не се губи, бидејќи од еден дел се префрла на друг“, рече Атанасовски.
Експертите ангажирани за Студијата дадоа примери кои не влегле во границите, како девастираниот простор Сончев град, локации уништени од ерозии, од каменолом.
Го сакам Водно и други организации претходно реагираа околу 5-та категорија за заштита што му се спрема на Водно, со оглед дека, пример, паркот Гази Баба е 4-та. Но, Атанасовски вели дека категоризацијата се прави според Законот за природата, а одлуката ја носи Владата.
„Отсуствуваат автохтони природни заедници и има преголема антропогенизација. Ако направиме споредба меѓу Водно и Осогово, каде има природни еко-системи – не е иста тежината. Не можеме да си дозволиме Водно да биде на исто ниво со Езерани, каде има преку 200 видови водни птици. Ништо не смета да оди со одлука на Влада. Пример, повеќенаменскиот ‘Јасен’ е заштитен со одлука на Владата и има добар процес на управување и непожелни дејствија“, нагласи тој.
Околу управувањето, смета дека добро е што Градот се одлучил да формира посебно јавно претпријатие, како субјект за управување на Водно, наместо ЈП „Паркови и зеленило“. Управувањето би се подигнало на повисоко ниво, со стручни кадри, материјални средства, опрема, простории, поголема контрола, чуварска служба…
„‘Паркови’ нема капацитет, нема кадар, има само ингеренции за грижа за заштита, а не за управување. Сега, новото претпријатие повеќе би следело и дивоградби и непожелни дејствија, па ќе се следи и санкционира“, смета Атанасовски.
Пред расправата, стигнаа повеќе забелешки за режимот за заштита, односно за домувањето. Дел забелешки прифатиле, дел не. Направена е исправка, вели тој, па во рамки на селските населби е дозволена градба по претходно донесен урбанистички план, без можност на дополнување или измена на урбанистичкиот план.
За постапката за прогласување, забелешките беа дека треба да се гледа и безбедносниот аспект, ерозивните процеси, но Атанасовски вели дека го следат Законот за природата, а во него не се внесени овие аспекти.
За Андреа Јанков од Го сакам Водно, со поместувањето на границите се дава лош пример, поврзан со урбанизација. Примери даде за Крушопек и Шишево, кај што виреат дивоградби, легализирани преку „едно евро по квадрат“. Потоа, Шпанско село кај Карпош, контроверзниот Сончев град што никогаш не се изгради…
„Даваме многу лоша порака. Дека луѓето, ако некогаш имаат доволни конекции, ако се финансиски моќни – можат да прават што сакаат, а границата само ќе се повлекува. Токму таа порака е онаа што треба да ја спречиме. Затоа сметаме дека не треба да се повлечат границите. Дури и да се појави некое урбано ткиво, нека се констатира дека некој некогаш, изградил во заштитено подрачје. Да не биде работата дека ‘ОК, тоа може да се поместува, зашто нема биолошка вредност’“, нагласи Јанков.
Во однос на степенот на заштита, апелираше Градот да изработи посебен закон „Lex specialis“ за Водно, кој покрај Студијата за валоризација, ќе ги земе предвид и други законски норми и прописи. За еко-активистот е дискутабилно промените за Водно да се разгледуваат низ урбанистички планови.
„Детален, или урбанистички план на Скопје? Ако целта ни е Град Скопје да стопанисува и да биде главниот чувар на Водно, мислам дека треба да се направи Просторен план за Водно, или да влезе во тој ГУП-от. Да не се остави на самите општини да ги прават ДУП-овите, само заради тоа што Водно припаѓаат катастарски припаѓа на нив. Конкретно, општина Сарај веќе изработува ДУП за Крушопек, ДУП за Грчец. Што ги спречува понатаму за урбанизација? Нема да мора да биде тоа за ‘домување’, туку и за хотелски комплекси итн. Ќе го донесат ДУП-от на Совет и, што понатаму? Ако не може во Студијата да се прецизира, да се прецизира во тој Lex specialis“, побара Јанков.
Еко-активистите од Го сакам Водно сметаат дека треба да се подобри одржувањето на Водно, но да не се внесуваат нови урбани содржини, хотели и слично, бидејќи, нагласи Јанков, моментално има капацитети на добри стратешки места, а лошо разработени.
„Го имаме Поштенски дом кој веќе не работи. Го имаме Детското, исто не работи. На Средно Водно има хотел што дише на шкрги. Етно селото кај Пантелејмон е пропаднат проект. Гледајќи ги нив, каде би поставиле содржина за дополнителен развој за да привлекуваме туристи? Туристи има доволно, кој сака ќе појде на Водно. Можеби некои помали содржини како видиковци, клупи, канти за отпадоци, огради. Тоа е во ред, мали интервенции. Меѓутоа, големи инфраструктурни зафати, во смисла на одморалишта, хотели и слично, би биле контрапродуктивни“, рече Јанков.
Активистите апелираа од експертите да дадат свој коментар, да се изнесат во Студијата против нелогични проекти како ски-центарот. Тој од 2015 е вклучен во ДУП во Карпош, иако и Град Скопје и Карпош рекоа дека е „остаток од минатото“ и „не е во план“.
„Во Студијата само се констатирани постоечките плански документи. Но, прифаќаме. Ќе дополниме коментар дека според климатските услови не би успеал“, рече Атанасовски од експертскиот тим.
Исто така, дел граѓани побараа да останат моменталните граници на Водно и тековно да се решава состојбата со сите дивоградби. Ова го констатираше и човек од општина Кисела Вода, за што од Градот нагласија дека „линијата“ мора да биде исцртана, за нов старт на Водно.
„Со овие експерти најдовме начин како линијата, или да ја поместиме нагоре, или надоле, за од моментот кога ќе се усвои Студијата да имаме чист старт за Водно. Да знаеме од каде почнуваме. Ако сакате да тргнеме по вашиот пат, да ги рушиме прво дивоградбите, тогаш нема да ја имаме оваа Студија и сите процеси што почнуваат со оваа Студија може да доцнат со години“, рече Никола Наумовски, шеф на кабинетот на Шилегов.
„Во најдобар интерес на сите општини е што поскоро да се реши прашањето со границите, за да знаат до каде можат да одат и да развиваат планови. Кога се работи за градење подолу, во самата општина, тогаш Кисела Вода не е баш трпелива да ги чека студиите на Градот. Имено, потсетувам на урбанистички и регулациски планови што носевме во овој Совет, за коишто немаа време за чекање. Така и Водно не може да се чека од расположението на Кисела Вода, бидејќи постојат 6-7 општини што гравитираат околу него. И сите тие имаат интерес оваа ‘линија’ да биде поставена, за да може подоцна да го уредуваме подрачјето. Да се чека прашање како легализација или рушење, прашања што се оптоварени со законски и судски рокови, за отпосле да правиме политики кон Водно? Не. Мора да го затвориме ова прашање, да не го оддолжуваме“, смета Наумовски.
Претставник од УНДП, во име на проектот за подобрување на управувањето со заштитени подрачја, кој го имплементираат во соработка со Министерство за животна средина, објасни дека една од задачите кон Градот е донесување Закон за Водно. Ќе следи за Матка и Гази Баба.
„Од аспект на она што го спомена градоначалникот, за идејата да се донесе ова пред распуштање на парламентот, ќе биде одлично. Зошто? Бидејќи нашиот проект завршува во мај. Нашата интенција уште од почетокот беше да се помогне Градот во формирање на телото за управување, помош за обезбедување средства за непречено и одржливо управување на заштитеното подрачје Водно. Значи, вклучувајќи и опрема за мониторинг, инфраструктура, куќичка, опрема… Буквално се’ да се изгради едно силно тело, кое во иднина ќе ги води процесите за валоризација, ревалоризација, за План за управување… Ова е одличен почеток, заедно со некои други документи, можат да бидат споменати во самата Студија, како неопходни да се донесат за тој закон, или Lex specialis. Интенцијата е одржливо управување на Водно. Тоа ја вклучува Студијата, меѓутоа всушност – луѓе, професионалци, стручни лица, биолози, географи, геолози, кои ќе работат на терен, на редовен мониторинг“, рече претставникот од УНДП.
Бојан Шашевски