Мерната станица „Скопје дише“ по осум години повторно се појави во центарот на Скопје. Наместо првичната локација пред Домот на АРМ, сега Град Скопје ја постави кај плоштадот ВМРО, за што градоначалникот Петре Шилегов се пофали на Фејсбук.
„Чистиот воздух и чистата животна средина немаат алтернатива“, објави Шилегов на социјалната мрежа.
Од Град Скопје за Радио МОФ објаснуваат дека станува збор за инструмент (airpointer), кој врши мерење на јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азотни оксиди и честички помали од 10 микрометри, PM 10…
„Покрај тоа, се прикажува и температурата на воздухот, брзината и правецот на ветерот и влажноста на воздухот на микролокацијата каде е поставен дисплејот“, соопштуваат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Ново-стариот дисплеј „Скопје дише“ кај плоштадот ВМРО
Според градските власти, поради тоа што дисплејот повеќе години не беше во функција, биле потребни повеќе поправки и замена на делови, па Градот распиша јавна набавка на која е избрана „RBC Media – Мерни решенија“.
„Со договорот, кој е во вредност од околу 1 милиони денари, извршени се сите поправки на дисплејот, заменети се голем број на делови и извршено е негово поставување, додека за одржување во наредната година ќе се спроведе соодветна јавна набавка“, велат од Градот.
Ова е станица што функционира посебно од мониторинг системот на Министерството за животна средина.
Од Градот потврдуваат дека се работи за истиот дисплеј за квалитет на амбиенталниот воздух, кој администрацијата на Коце Трајановски во 2011 година го постави на улица „Македонија“. Тоа беше заеднички проект на Град Скопје и „Фармахем“, со податоци што можеа да се следат во реално време на самата локација, но паралелно и преку апликација „Скопје дише“ на страницата на Градот.
Набрзо по пуштањето, во 2012 почна да се „надградува софтверот“, ги снемуваше податоците, а потоа се редеа најави за дислокација на станицата поради градежни активности околу новата црква. Мерната станица оттогаш ја снема, го снема и некогашниот парк и свртувалиште за млади кај Домот на АРМ, a планираната црква „Св. Константин и Елена“ од 2012 навака воопшто не е довршена и пуштена во употреба.
Бојан Шашевски