Гори ли гори Скопјево наше, депонијата во Шутка веќе две и пол недели, Вардариште во Гази Баба стандардно, во Сарај кај Лека, Крушопек исто, загадувачи колку сакаш, реагираат од О2 Иницијативата, објавувајќи и фотографии.
Реакцијата ви ја пренесуваме во целост:
Одговорите од надлежните се:
„Не палете отпад“ – Казни видовме? Колку? Кој е казнет? Како се очекува тие што палат да престанат?! Нешто се припотресоа еве гледаме, па гори цело Скопје.
„Не можеме да стражариме цело време“ – Па, ако во град каде живее пола од државава ви гори депонија повеќе од две и пол недели, не стража, туку цела екипа треба да работи нон-стоп за да се исчисти тој дел и почне итен процес на рекултивација. За Варадриште да не збориме, Сарај, Лека, Крушопек…
„Непознат сторител“ – Камерите за што се? Има камери по улициве, а на местата каде постојано се пали, поставете камери да го покријат теренот за да има познат сторител. Во Парк-шума Водно и во други шумски и заштитени подрачја, поставете камери и систем за итно реагирање, за екипи да се пуштат веднаш, на самиот почеток, а не откако ќе букне, па тешко се гаси.
Како градоначалници на општините, на Град Скопје имате должност да не дозволите вакви секојдневни појави. Депонијата во Шутка не смее да гори две и пол недели. Нас не нè интересира и не треба да нè инстересира чија надлежност е што, дали некој соработувал или не, дали координацијата меѓуопштинска ви е никаква, дали немате доволно инспектори, дали било скапо да се однесе отпадот во Дрисла, дали инспекторите се уплашени, дали на полицајците им е страв, па никој не сака ни да се приближи кога апла ноќе се истура отпад и се пали, итн итн.
Живееме во држава или Мафија владее со територија? Вие сте на функција, ваша должност е да спречите ова да ни се повторува секој Божји ден во градов! Најдете решение, не нè интересира какво е, колку ќе чини, дали овој или оној ќе го спроведе. Само профункционирајте веќе еднаш!
Не сакаме секој ден да пријавуваме палења и дишеме токсичен црн чад! Сакаме да ги нема!
*Снимкиве се од последниов месец, дел преземени од Duam Çair të pastër, дел од групата CIST VOZDUH VO VIZBEGOVO, дел од граѓани кои ги пратиле на иницијативата.