Кој и да загадува, за тоа треба да биде казнет и постојат одредени рамки во кои индустријата може да работи. Владата усвои Предлог закон, со кој бараме казните да бидат повисоки, да бидат 200.000 евра, вели министерот за животна средина Насер Нуредини во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
До каде е реализацијата на Планот за чист воздух со кој во рок од две години Скопје требаше да има 50 отсто помало загадување?
Тоа е нешто во кое инвестираме. За 2018 година имавме буџет од 120 милиони денари, буџетот за 2020-та, беше уште дополнителни 100 милиони денари. Одредени училишта и градинки ги реновиравме, ги направивме повеќе ефикасни, исто така и одредени јавни институции. Дали постигнавме 50 проценти намалување? За жал сѐ уште не постигнавме. Причината поради која не постигнавме е поради фактот дека треба да промениме многу во системот за загревање во нашата земја. Треба да направиме многу контроли и проверки во индустријата. Една од клучните работи која всушност ја дознавме, за жал, поради ситуацијата со ковид-19, кога имавме полициски часови, всушност дознавме дека дефинитивно сообраќајот и транспортот значително придонесуваат кон загадувањето. Тоа значително се намали за време на полициските часови.
Кога очекувате тоа да се случи, да имаме 50 проценти помало загадување?
Не можам да дадам точна прогноза до кога. Причината поради која не можам да дадам точна прогноза, е бидејќи треба да преземеме мерки и треба сите индивидуално, централната влада и локалните власти, всушност треба да преземеме акции. Поради тоа ние всушност чекавме до сега, односно побаравме од Владата и од министерот за правда да го промени Законот за прекршоци и да ги исклучи казните за загадување на животната средина. Тоа всушност неодамна помина на Влада, поточно помина оваа недела, сега ќе оди во Парламентот и јас верувам дека сите во Парламентот ќе го поддржат законот, бидејќи кој и да загадува, за тоа треба да биде казнет и постојат одредени рамки во кои индустријата може да работи. Врз основа овој закон кој ќе помине, ние исто така предлагаме други амандмани и закони. Имаме бројни амандмани и закони, имаме бројни нови закони кои ќе бидат усвоени. Еден од клучните, кој ќе има влијание врз аерозагадувањето, ќе биде амандманот на Законот за квалитет на амбиентниот воздух. Со овој амандман, ќе ги задолжиме општините да имаат планови за управување и готови акциски планови. Секоја општина, која има повеќе од 35.000 жители и оние со помалку од 35.000, но кои имаат историско загадување, исто така ќе треба да имаат план за управување. Тоа значи дека доколку одредени лимити се надминати, тие ќе бидат овластени да го менуваат сообраќајниот систем, да ги менуваат работните часови, дури ќе бидат овластени да го ограничат работењето на некои компании (фабрики). Ова е една од клучните работи кои ќе ни помогнат да ја менаџираме ситуацијата. Можеме дополнително да го развиеме загревањето на домаќинствата и мобилноста. Истовремено, дефинитивно ќе бидеме повеќе енергични кон индустријата и ќе правиме проверки, бидејќи дозволите кои ги имаат, пропишуваат што тие смеат, а што не смеат да прават. Исто така побаравме буџетот на државните инспектори за животна средина да биде зголемен, за да има повеќе инспектори на терен, за да можат да прават повеќе проверки и да бидат сигурни дека фабриките не загадуваат. Ова се само некои од законите. Меѓу нив исто така ќе биде променет и Законот за животна средина. За прв пат ќе ги идентификуваме сите историски индустриски жешки точки, ќе ги обврземе сите индустрии, приватни или државни, да имаат план за управување за рехабилитација, бидејќи тие исто така загадуваат. Друг клучен закон кој ќе го предложиме, е Законот за отпад. Подобро управување со отпадот, со собирањето, разделувањето, рециклирањето, од тоа има секако многу придобивки. Но, со тоа се надеваме дека ќе има помалку горење на отпад, кое е нелегално и треба да биде ставено под контрола. Ние ги предлагаме политиките и очекуваме сите други институции да бидат вклучени во процесот, од полицијата, до јавниот обвинител, локалните инспекторат, да ги исполнат нивните обврски и да делуваат.
Зошто се намалени средства за набавка на делови и нови мерни инструменти за мониторинг станици?
За жал со ситуацијата со ковид-19 имаме економски потешкотии, со што се соочува секоја земја во светот. Ние не го намалуваме буџетот за оваа програма која има влијание врз мониторинг станиците. Свесни сме дека некои од мониторинг станиците не работат. Ние работиме заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка (SIDA), заедно исто така купуваме и опрема. Очекувме до декември сето тоа да пристигне и сите мониторинг станици да почнат да работат, да почнат да ги покажуваат нивоата на ПМ10 честичките и на ПМ2,5 честичките, благодарение на швајцарската организација (SIDA) и истовремено на ИПА фондовите. Ние не го намалуваме буџетот за мониторинг станиците, ние не го жртвуваме тоа, најдовме друг начин за поддршка на оваа програма и очекуваме сите станици да работат до крајот на годината.
Што се случува со линданот во Охис и зошто се намалени средства и за негово отстранување?
Повторно, кога ќе погледнеме во буџетот и кога тврдиме некои работи, треба да бидеме поконкретни. Средствата кои се намалени, всушност не се за чистењето, тоа е за управувањето на механизацијата на расчистувањето. Повторно, за жал поради ковид-19, УНИДО која го менаџира процесот и тендерот, не го финализираше тендерот до неодамна. Сега имаме проект кој ќе започне во нова насока, ќе биде чистена помалата депонија, компанијата ќе почне да работи наскоро. Во моментов УНИДО го менаџира процесот. За жал, проектот не започна поради одложувања и затоа всушност ние ги добивме нашите средства назад за да бидат инвестирани во економијата. За следната година, тоа е повторно предвидено, всушност ние успеавме да обезбедиме дополнитени средства од Владата. Ќе имаме дополнителни 1,5 милиони за следните неколку години за чистење на малата депонија, како и грант за донации од норвешката влада од дополнителни еден милион евра за чистење на таа депонија.
Кога можеме да очекуваме да почне чистењето?
Во моментов го очекуваме планот за управување од компанијата која ќе ја чисти малата депонија. Очекуваме, ентузијастички, чистењето да започне следната година. Се надеваме дека до вториот квартал од следната 2021 година, ако не и порано, да започне процесот за проектот.
Исто така намалени се средства за чистење на диви депонии. Зошто кога во земјава има илјадници диви депонии?
Всушност имаме одредени чистења на места каде има нелегални депонии. Имаме план за еден од регионите на кои сме фокусирани, но, за жал, една од главните депонии која не ги исполнува стандардите како што посакуваме, не сака да го земе отпадот од нелегалните депонии. Ние всушност ги понудивме средствата назад во буџетот, но истовремено распределивме од државниот буџет 20 милиони денари за чистење на Визбегово, со што најдовме друг начин да исчистиме една од нив. Причината поради која се обидуваме да ги добиеме тие шест закони за отпад, причината поради која имаме План за управување со отпад, е поради фактот дека ни е потребен подобар систем за собирање на отпадот од нашите општини. Токму затоа предлагаме регионални решенија, бидејќи граѓаните плаќаат комунални даноци за да биде собран нивниот отпад. Управувањето се чини дека не функционира соодветно и се создава нелегален отпад и, за жал, ние земаме пари од државниот буџет и ги чистиме нелегалните депонии. Така, теоретски, што според мене е многу контрадикторно, ние од граѓаните бараме да плаќаат два пати од парите од даноците за чистење на отпадот.
Стотици невладини бараат ЕУ да ги запре малите хидроцентрали
Невладини организации во земјава и во Европа бараат да се запре изградбата на мали хидроелектрани поради штетите кои ги предизвикуваат во природата. Ги земате ли предвид влијанијата врз реките и природата кога одобрувате концесии за изградбата на ваквите проекти?
Ако ме праште мене, јас не сум голем поддржувач на малите хидроелектрани. Јас не предложив изградба на нови мали хидроелектрани во моето време во Владата, ние не одобривме нови мали хидроелектрани, бидејќи овие проекти за мали хидроелектрани треба да бидат одобрени од страна на Владата. Тоа што е одобрено во минатото, е одобрено во минатото. Треба да ги почитуваме одлуките донесени од Владата, треба да ги проверуваме и да бидеме сигурни дека се изградени и работат согласно законите. Се обидуваме да поништиме неколку за кои сметаме дека не е соодветно да бидат изградени на одредени локации, на пример на Шар Планина, бидејќи тие се над водопадите кои се едни од најчистите локации во нашата земја. Дојдовме до заклучок инвеститорот да се повлече, но инвеститорот покажа добра волја да ја разбере важноста на таа локација. Ние ја разгледуваме и можноста за создавање на мораториум за доделување на нови концесии за мали хидроелектрани. Истовремено, јас ќе бидам отворен и транспарентен за работата на „Чебрен“, која ќе биде голема хидроелектрана. На тоа треба да бидеме фокусирани како земја, бидејќи тоа ќе не направи помалку зависни од јагленот од РЕК Битола, како и соларните централи и потенцијално ветерниците. Ние како земја имаме голем потенцијал за соларна енергија.
Годинава имаше неколку еколошки инциденти. Последниот беше кога од рудникот САСА истече јаловина во Каменичка Река. Сметате ли глобите за животна средина треба да бидат повисоки за да се спречат вакви инциденти?
Дали ќе запрат овие инциденти, не знам. Но, да, ние сакаме казните да бидат повисоки. Побаравме од министерот за правда да го измени законот за прекршоци. Тој помина на Влада оваа недела и ќе биде променет. Во стариот закон максималната казна беше 100.000 евра, со измените во 2018 беше 10.000 евра и сега ние бараме да биде овозможено казните да бидат 20 пати повисоки, односно да бидат 200.000 евра. Тоа е прв чекор. Правилата и прописите кои се на сила, доколку се еднесувате според законските правила и прописи, тогаш нема да бидете казнети, доколку не, ќе бидете казнети. Сите сакаме да имаме чист воздух, чиста животна средина, но треба сите да бидеме одговорни и да се однесуваме соодветно.
Владимир Калински
Извор: https://www.slobodnaevropa.mk/a/30946153.html