Корупцијата е сеприсутна во нашето општество. Клучно прашање е како да ја препознаеш при предложување и носење на закони во Собранието на Република Северна Македонија кои те засегаат најдиректно?
Пленарна седница е таа којашто се одвива во големата сала, предводена од претседателот на Собрание додека сите пратеници се седнати и расправаат, гласаат. Каде да ги видиш пленарните седници во Собранието: https://www.sobranie.mk/plenarni-sednici-parlament.nspx
Матично работно тело е составено од група на пратеници, најчесто од 10 до 14 члена, плус претседател. Од овие, половина се од опозиција, а за еден повеќе се од владеачкото мнозинство. Најчесто се именува како комисии (пример: Комисија за транспорт, врски и екологија; Комисија за европски прашања; Законодавно правна комисија).
Претседател на Комисијата може да е од владеачкото мнозинство или опозицијата. Комисијата ги разгледува одредбите од предлогот на законот поединечно, како и поднесените амандмани, по што членовите гласаат по нив. Сите работни тела можеш да ги видиш тука: https://www.sobranie.mk/rabotni-tela-komisii.nspx, а седниците на работните тела тука: https://www.sobranie.mk/komisiski-sednici.nspx
Законодавно-правната комисија го разгледува предлогот на законот според потребата од донесување на законот и неговата усогласеност со Уставот на Република Северна Македонија.
Амандман е предлог за изменување или дополнување на предлогот на законот. На пример, да кажеме дека член во законот гласи „Вода може да се пие само од реката“. Амандман на овој хипотетичен член би бил предлог на крај да се додаде „и бунарите“. Амандманот би гласел „Во членот после зборот реката се додаваат зборовите „и бунарите““. Ако се прифати, членот се менува и би гласел „Вода може да се пие само од реката и бунарите“.
За да може Собранието да одлучува на седница треба да присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. За пленарна седница тоа е барем 61, од вкупно 120 пратеници.
Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници кои одбрале да гласаат, а тие мора да бројат најмалку една третина од вкупниот број пратеници. За пленарна седница тоа се 40 пратеници, освен ако со Уставот и со закон не е предвидено посебно мнозинство, како на пример: апсолутно – 61 пратеник, двотретинско – 80 пратеник, двојно мнозинство – мнозинство плус Бадентерово мнозинство (Мора да има и мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедници кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.). Пример од гласање: https://www.sobranie.mk/detali-na-glasanje.nspx?votingDefinitionId=3d5d6fe7-2905-43b2-966c-7ea8b83cf03c&agendaItemId=77218895-CFBF-48FE-8E8E-574A22104F68&sittingId=0
Закон може да предложи Владата на Република Северна Македонија, пратеник/група пратеници, или пак група граѓани која се состои од најмалку 10 000 избирачи (што се случува многу ретко).
Има редовна, скратена и итна постапка на носење на законите.
Во случај на редовна постапка има најмалку две читања во матичната комисија и две на пленарни седници, ако не се усвои ниту еден амандман. Доколку се усвои амандман, тогаш има уште едно читање на пленарна седница. При редовна постапка, можно е да се организира јавна расправа, односно јавна дискусија. Јавна расправа се подготвува ако предлог-законот е од поширок интерес и во неа учествуваат засегнати страни (стручни лица и граѓански здруженија) и секој дава мислење и предлози за предлог-законот.
Скратена постапка може да се предложи ако:
- не е во прашање сложен и обемен закон;
- има престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон;
- не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската Унија.
При скратена постапка, првите читања на пленарна и во матична комисија се прескокнуваат и второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Јавна расправа/дискусија не е можна.
По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на големи нарушувања во стопанството; кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката; или при големи природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни случаи. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница.
- Ако законот е предложен од еден или повеќе пратеници во Собранието, по скратена постапка, стави црвено знаменце.
- Ако предлагачот е Владата на Република Северна Македонија, прво провери во Годишната програма за работа на Владата дали тој закон е планиран за таа година и/или тој месец.
Каде се гледа тоа?
Оди на веб страната на Влада, потоа на Стратешки приоритети. Под Програми на Владата за тековни години, Тековна програма, кликни на тековната година – Програма за работа на Владата за 2024 година, и ќе видиш што планирале за таа година, месец по месец. Ако законот го нема таму, стави црвено знаменце. - Потоа оди на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија), кликни на Пребарување, избери Напредно пребарување за прописи и во Пребарај по збор стави го клучниот збор (пример за Законот за градење, стави „градење“), избери ја годината (пример 2023) и гледај дали ќе се појави тој предлог закон. Ако се појави, ќе видиш дали е истиот предлог. Тука ќе има Извештај за проценка на влијанието на регулативата, каде се дадени економски, фискални, социјални влијанија, влијанија врз животната средина, административни влијанија и трошоци. Во извештајот ќе биде наведено со кого се извршени консултации. Исто така ќе стои статусот на законот (дали е отворен за коментари, каде можеш да поднесеш коментар на нацрт-законот или дали е затворен). Ако го нема тука законот, стави уште едно црвено знаменце.
Што можеш да преземеш откако ќе увидиш дека некој закон е со ризик од корупција? Да испратиш допис до сите пратеници во Собранието да не се донесе, со наведување на причините зошто. Да ги контактираш граѓанските здруженија, формални и неформални, кои работат во областа во која е предложениот закон, за тие да реагираат. Да се обратиш до медиумите.
Јавниот притисок и заедничкото реагирање е најсилниот фактор против носење на закони со ризици од корупција.
Примери каде законите се донесени
- Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, по скратена постапка
Овој предлог-закон е првично поднесен на 01.12.2023 од пратеник на коалиционен партнер на владеачката партија. Tој образложува дека не е во прашање сложен и обемен закон, па затоа се оди по скратена постапка.
Тогашниот претседател на Собранието на Република Северна Македонија го става на дневен ред на пленарна седница по три седмици. За потребата на законот гласале 50 пратеници, од тие: „за“ гласале 45 пратеници, „против“ гласале 5 пратеници, „воздржани“ немало. Во салата биле присутни повеќе од 61 пратеник, што го прави полноважно гласањето. Законот со тоа оди понатаму.
Претседателот на Собрание ја задолжил Комисијата за транспорт, врски и екологија како матично работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлог на законот.
Но, граѓански здруженија изразија несогласување со предложените измени во јавноста и преку медиумите, со допис до сите пратеници и посебно до пратениците кои се членови на зелената интерпартиска парламентарна група. Ова беше направено поради следните причини:
- Предлог-законот е на иницијатива на еден колективен постапувач и не бил прифатен од Асоцијацијата на колективните постапувачи со посебните текови на отпад, затоа што е во интерес на само еден постапувач.
- Со дел од предлог-измените ќе се создаде монополизирање на пазарот, појава на нелојална конкуренција и ставање во тешка позиција на помалите колективни постапувачи Ова е спротивно на европските директиви на создавање на економски релаксиран пазар со создавање на рамноправни и еднакви услови на дејствување на колективните постапувачи на пазарот и избегнување на создавање на монополска позиција, како и на Законот за заштита на конкуренцијата.
- Ќе се предизвика расцепкувањe на пазарот и појава на нестабилни, фантом, правни субјекти кои не се одржливи, кои ќе постојат неколку години и ќе го нарушат пазарот, предизвикувајќи нелојална конкуренција и отежнувајќи го процесот на воспоставување и имплементација на одржлив интегрален и стабилен систем на управување со посебни текови на отпад.
Законот стагнира во Собранието и не се одржуваат седниците на комисиите.
Започнува периодот на преодна Влада на Република Северна Македонија, т.н. пржинска, 100 дена пред изборите на 8 мај. Има нов претседател на Собрание од владеачката партија. На 14.02.2024 повторно во Собранието влегува предлог на законов, делумно видоизменет, но суштински ист, меѓутоа сега поднесен од Владата, преку матичното Министерство за животна средина и просторно планирање, министерот и заменик-министерот. За две недели претседателот на Собрание го става предлог-законот на пленарна седница. За потребата на законот гласале 60 пратеници, сите 60 пратеници гласале „за“, „против“ немало, „воздржани“ немало. Во салата имало доволен број на пратеници.
Претседателот на Собрание ја задолжува Комисијата за европски прашања како матично тело кое ќе го разгледува законот. Но, во самиот предлог-закон, во делот „Усогласеност на предлогот на законот со правото на Европската Унија“ стои дека „Со овој Предлог на Закон не се врши усогласување со правото на ЕУ, овие измени се од национален карактер.“
Зошто тогаш оваа комисија е задолжена како матично тело, а не Комисијата за транспорт, врски и екологија која природно би требала да е матичното тело?
Причините биле следни: со Комисијата за европски прашања претседавал коалиционен партнер, односно владеачка партија, и дискусиите се ограничуваат на најмногу два работни дена кога законот оди по скратена постапка и потоа се гласа.
Со Комисијата за транспорт, врски и екологија претседавала опозицијата и можно било да се поднесат голем број на амандмани и со тоа да се блокира носењето на законот или пак воопшто да не се свика седница. Таа можност е тргната и ова не е веќе можно со новиот Деловник на Собрание и пратениците во новиот состав.
Комисијата за европски прашања го гарантирала носењето на законот и затоа се злоупотребила како матично тело за носење на одреден закон кој предложувачите сакале со сигурност да помине.
Повторно има реакции во јавноста од граѓански здруженија, допис до сите пратеници, поради фактот што законот ги содржи истите проблематични делови како и претходно.
Три седмици подоцна се одржуваат седниците на Законодавно-правната комисија и Комисијата за европски прашања, на кои нема поднесени амандмани. По уште една седмица, на 28.03.2024, ден кога треба да се одржи последната пленарна седница на Собранието пред да престанат со активности поради предизборниот период, се носи овој закон со 64 гласа „за“, против нема, воздржани нема.
Сумирано: Имаме правно лице, фирма која сака измени во законот за своја полза. Пратеник од коалициониот партнер на владеачката партија во име на таа фирма ја поднесува измената. Граѓански здруженија реагираат и не се согласуваат со предложените измени затоа што се во полза само на еден субјект, а не на јавното добро. Ова се случува во период пред избори. Постапката запира на овој начин и во втор обид Владата на Република Северна Македонија го поднесува со т.н. европско знаменце, иако со измените не се врши усогласување со правото на ЕУ. Граѓанските здруженија повторно реагираат. Владеачкото мнозинство го усвојува законот на тоа што требало да биде последен ден на активности на Собранието во тој состав.
- Предлог на закон за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, по скратена постапка
Овој предлог-закон е првично поднесен на 20.11.2023 од тројца пратеници на ко-владеачка партија, со образложение дека не е во прашање обемен закон, па затоа скратена постапка.
Тогашниот претседател на Собрание на Република Северна Македонија го става на дневен ред на пленарна седница по еден месец. За потребата на законот гласале 56 пратеници, „за“ гласале 56 пратеници, „против“ немало, „воздржани“ немало. Во салата биле присутни повеќе од 61 пратеник, што го прави полноважно гласањето. Законот со тоа оди понатаму.
Претседателот на Собрание ја задолжил Комисијата за транспорт, врски и екологија како матично работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлог на законот.
Граѓански здруженија изразија несогласување со предложените измени во јавноста и преку медиумите, со допис до сите пратеници и посебно до пратениците кои се членови на зелената интерпартиска група, поради следните причини:
- Овие измени не се воопшто во полза на итно решавање на предизвиците со отпадот, туку токму напротив, овозможуваат олеснувања за производителите на отпад, односно загадувачите.
- Законот е наменски предложен за член на партијата чии пратеници го предлагаат, сопственик на една од најголемите продавници за електронска и електрична опрема.
- Со измените се предвидени: поместување на роковите за собирање на овој тип на отпад од 2028 на 2042 год. за 65% од пуштената опрема на пазар, намалување на плаќање на надоместокот за управување со отпадната опрема за 50% и дополнителни 30%, односно 10% зависно од категоријата на производот. Со ова нема да се овозможи соодветно управување со овој отпад од страна на колективните постапувачи и ќе се пролонгира за речиси 15 години соодветното собирање на овој отпад.
Законот стагнира во Собранието и не се одржуваат седниците на комисиите.
Започнува периодот на преодна Влада на Република Северна Македонија, т.н. пржинска, 100 дена пред изборите на 8 мај. Има нов претседател на Собрание од владеачката партија. На 13.02.2024 повторно во Собранието влегува предлог на законов, малку видоизменет, но сега поднесен од Владата, преку матичното Министерство за животна средина и просторно планирање, министерот и заменик-министерот на истото. За две недели претседателот на Собрание го става предлог-законот на пленарна седница. За потребата на законот гласале 60 пратеници, „против“ немало, „воздржани“ немало. Во салата биле присутни 62 пратеници, што го прави полноважно гласањето.
Претседателот на Собрание ја задолжува Комисијата за европски прашања како матично тело која ќе го разгледува законот. И тука, како и во другиот пример, во самиот предлог-закон, во делот „Усогласеноста на предлог законот со правото на Европската Унија“ стои дека „Со овој Предлог на Закон не се врши усогласување со правото на ЕУ, овие измени се од национален карактер.“ Но, се става во оваа Комисија за непречено да се донесе.
Повторно има реакции во јавноста од граѓански здруженија, допис до сите пратеници, поради фактот што законот содржи дел од проблематичните делови како и претходно.
На 21.03.2024 се одржуваат седниците на Законодавно-правната комисија и Комисијата за европски прашања, на која е поднесен еден амандман од пратеник кој првично го предложува законот. Со овој амандман се предлагаат делови од првично предложената верзија на законот, која не влезе во предлогот на Влада. Амандманот се усвоил со 9 гласа „за“, ниту еден глас „против“ и ниту еден глас „воздржан“, од 12 присутни члена, плус претседателот на Комисијата.
На 28.03.2024, ден кога треба да се одржи последната пленарна седница на Собранието пред да престанат со активности (поради изборите и предизборниот период), се носи овој закон со 47 гласа „за“, „против“ нема, „воздржани“ нема.
Сумирано: Имаме приватна компанија која сака измени во законот за своја полза. Пратеник од ко-владеачка партија, чиј член е сопственикот на компанијата, ја поднесува измената. Граѓански здруженија реагираат и не се согласуваат со предложените измени, затоа што се во полза приватниот субјект, а не на екологијата. Ова се случува во период пред избори. Постапката запира на овој начин и Владата на Република Северна Македонија во втор обид го поднесува со т.н. европско знаменце, иако со измените не се врши усогласување со правото на ЕУ. Граѓанските здруженија повторно реагираат. Владеачкото мнозинство го усвојува законот на денот кој би требало да биде последен ден на активности на Собранието во тој состав.
Примери каде законите не се донесени
Но, може да продолжи постапката за нивно донесување ако се преземат во рок од 30 дена од конституирањето на Собранието на Република Северна Македонија, ако предлагач е пратеник/група пратеници или изборот на новата Влада на Република Северна Македонија, ако предлагач е Владата. Секако, може повторно да се поднесат одново. Ако не се донесе, истиот предлог на закон може повторно да се поднесе после три месеци.
- Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка
Ова е уште еден пример на закон кој се предлага во предизборието и кој смета на лицата со дивоградби како потенцијални гласачи.
Предлог-законот е поднесен на 27.11.2023 од пратеник дел од коалицијата на владеачката партија, претседател на своја новоформирана партија. Тогашниот претседател на Собрание на Република Северна Македонија го става на дневен ред на пленарна седница на 22.12.2023.
Се организира заеднички допис на 18.12.2023 до претседателот на Собранието и сите пратеници од група на 21 граѓанско здружение и иницијативи, со која се бара законот да се тргне од дневен ред. Се доставува и соопштение до медиумите за јавност. Причините се следни:
- За Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кој беше изгласан во Собранието на 11.5.2021, тогашниот претседател на Република Северна Македонија не го потпиша указот поради бројните забелешки на стручната, засегнатата и широката јавност, неговата спротивност со Уставот и го врати на повторно разгледување во Собранието. Тој закон не се донесе. Сега имаме многу полоша ситуација, каде со мали измени на стариот Закон за постапување со бесправно изградени објекти се предлага да се легализираат бесправно изградени објекти до 31.12.2022 година. На овој начин се дозволува да:
- се легализираат објекти во заштитени подрачја вклучително и во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети), во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура;
- се легализираат базени, станбени згради за колективно домување, викенд куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи, итн.;
- странски правни и физички лица можат да бидат баратели;
- државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти е предмет на откупување.
- Со овој закон се запираат управните, судските (кривичните) и граѓанските постапки кои се поведени или се водат за изградба на бесправните објекти предмет на овој закон.
- Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
- Со овој закон се поништуваат законските одредби од бројни закони, како законот за градење, законот за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, законот за земјоделското земјиште, законот за води, законот за шумите, законот за заштита на културно наследство, кривичниот законик, просторните и урбанистичките планови, итн.
- Со овој закон се навлегува во судскиот систем и се запираат веќе започнати управни, судски (кривични) и граѓански постапки.
- Со овој закон се испраќа силна порака дека не треба да се почитуваат низа на закони, правилници и стандарди за добивање дозвола за легална градба – односно, дека се поддржува криминал.
- Со овој закон се мотивираат сите оние кои со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Особено се мотивираат оние со повисоки приходи кои градат на места кадешто никако не би смеело да се гради.
- Со овој закон се ставаат во нерамноправна положба граѓаните, што е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите.
- Со овој закон оневозможени се сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони.
- За овој закон не е подготвена проценка на ризиците, која би била неопходна за вистински да се увидат влијанијата на истиот.
- Овој закон е спротивен на препораките на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во однос на легализацијата на дивоградби:
- Точка 7 од Препорака бр. 211 од 2021 година на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во врска со случајот 2013/01: Северна Македонија: хидроенергетски развој на територијата на Националниот парк Маврово – Осигурајте дека нема понатамошни прoдолжувања на рокот за апликации за легализација на објекти кои биле изградени без дозвола во Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја и локалитетите на светско наследство.
- Точка 6 од Препораката бр. 221 од 2023 година на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во рамки на Случајот 2017/2: Можни негативни влијанија од планирани инфраструктурни проекти врз кандидат Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица – Воспоставете политика на нулта толеранција за секоја нова бесправна градба со рационализирање на процесот за нивно отстранување во закон, зголемување на казните за прекршување на правилата за урбанистичко планирање во локалитетите на светско наследство и зајакнување на персоналот, процедурите и професионалните стандарди на релевантните инспекторати.
- Овој закон е во собраниска процедура по скратена постапка, иако неговите последици се огромни и далекусежни, и по владеење на правото и по самата животна средина и урбанистичкото планирање. Тоа значи дека нема јавна расправа, нема консултации со стручната јавност од разните области кој овој закон ги опфаќа (а тие се бројни), не е објавен на ЕНЕР со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово (не)донесување, не е направено задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации.
- Се повикуваме и на заклучните согледувања од одржаната јавна расправа на тема “Уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти” од 25.5.2021 во организација на ДКСК и препораките на ДКСК.
На 22.12.2023 со 63 гласа „против“, 20 „за“ и 1 „воздржан“ не се изгласа потребата за носење на овој закон.
Ова е пример како не поминал закон во предизборието за купување на гласови од тие кои имаат дивоградби и чекаат нивна легализација.
- Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка
Истиот пратеник кој го поднесе предлогот од првиот пример, два месеци подоцна, на 23.01.2024, повторно поднесува предлог закон со кој сака да ги легализира дивоградбите. Овој пат измената е во законот за градење со која се предвидува легализација на бесправно изградените згради, куќи, викендици на државно земјиште, без оглед каде се изградени (може во срцето на националните паркови, во Маврово, Шар Планина, во УНЕСКО Охридскиот регион, на Матка), без оглед кога се изградени (може вчера завршиле со градење), само ако исполнат еден услов, а тоа е да постават соларни панели од минимални 1КW.
Претседателот на Собрание на Република Северна Македонија го става на дневен ред на пленарна седница на 09.02.2024.
Граѓански здруженија реагираат со допис до претседателот на Собранието и сите пратеници со кој се бара законот да се тргне од дневен ред. Причините се следни:
- Се легализираат бесправно изградени згради, куќи, вили, викендици без оглед кога се изградени, НЕМА ВРЕМЕНСКА РАМКА.
- Се дозволува легализација во сите зони, вклучително и во зоните на строга заштита на ЗАШТИТЕНИТЕ ПОДРАЧЈА вклучително и во границите на УНЕСКО светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети), во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура.
- Се легализираат бесправно изградени објекти на ДРЖАВНО земјиште.
- Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков ПРАВЕН ПОРЕДОК во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
- Со овој закон се ПОНИШТУВААТ законските одредби од бројни закони, како законот за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, законот за земјоделското земјиште, законот за води, законот за шумите, законот за заштита на културно наследство, просторните и урбанистичките планови, итн.
- Со овој закон се испраќа силна порака дека не треба да се почитуваат низа на закони, правилници и стандарди за добивање дозвола за легална градба, се поддржува КРИМИНАЛ.
- Со овој закон се МОТИВИРААТ сите оние кои со години бесправно УЗУРПИРААТ земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани кои ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Особено се мотивираат оние со повисоки приходи кои градат на места кадешто никако не би смеело да се гради.
- Со овој закон се ставаат во НЕРАМНОПРАВНА положба граѓаните, што е спротивно на принципот на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите.
- Со овој закон ОНЕВОЗМОЖЕНИ се сите постапки со кои се одредува влијанието врз животната средина на бесправните објекти и се дозволува легализација на градби во заштитени подрачја и зони.
- За овој закон не е подготвена ПРОЦЕНКА НА РИЗИЦИТЕ, која би била неопходна за вистински да се увидат влијанијата од истиот.
- Овој закон е СПРОТИВЕН на препораките на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во однос на легализацијата на дивоградби:
- Точка 7 од Препорака бр. 211 од 2021 година на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во врска со случајот 2013/01: Северна Македонија: хидроенергетски развој на територијата на Националниот парк Маврово – Осигурајте дека нема понатамошни прoдолжувања на рокот за апликации за легализација на објекти кои биле изградени без дозвола во Националниот парк Маврово, другите заштитени подрачја и локалитетите на светско наследство.
- Точка 6 од Препораката бр. 221 од 2023 година на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во рамки на Случајот 2017/2: Можни негативни влијанија од планирани инфраструктурни проекти врз кандидат Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица – Воспоставете политика на нулта толеранција за секоја нова бесправна градба со рационализирање на процесот за нивно отстранување во закон, зголемување на казните за прекршување на правилата за урбанистичко планирање во локалитетите на светско наследство и зајакнување на персоналот, процедурите и професионалните стандарди на релевантните инспекторати.
- Овој закон е во собраниска процедура по СКРАТЕНА ПОСТАПКА, иако неговите последици се огромни и далекусежни, и по владеење на правото и по самата животна средина и урбанистичкото планирање. Тоа значи дека нема јавна расправа, нема консултации со стручната јавност од разните области кој овој закон ги опфаќа (а тие се бројни), не е објавен на ЕНЕР со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово (не)донесување, не е направено задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации.
- Се повикуваме и на заклучните согледувања од одржаната јавна расправа на тема “Уредување на правниот статус на бесправно изградените објекти” од 25.5.2021 во организација на ДКСК и препораките на ДКСК.
- Сето ова се прави со условот на поставување на фотоволтаици на дивоградбите од минимални 1KW.
На дента на седницата, пратеникот е отсутен и предлогот е оставено да се разгледа на некоја друга седница.
Овој закон не е донесен овој пат, но тоа не значи дека нема да има нов обид на ваков начин повторно да се предложи и донесе, без да се разгледаат сите импликации од носењето на еден ваков закон.
Анализата е подготвена од О2 Иницијатива со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) а во партнерство со МЦМС. Содржината и мислењата изразени во оваа анализа им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на МЦМС, УСАИД или на Владата на САД.