Владата во 2019г. го раскина договорот за концесија за рудникот Иловица-Штука. Но, Управниот суд пресуди дека имало пропусти во процесот, со што се наметна прашањето за можно отворање на рудникот. Пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ вели дека и покрај тоа рудникот нема да биде отворен.
Одлуката за одземање на концесијата за рудникот Иловица-Штука Владата ја донесе врз основа на издржани правни аргументи, смета пратеничката Маја Морачанин од зелената партија ДОМ која е дел од владејачкото мнозинство.
Реакциите доаѓаат во услови кога Вишиот Управен суд одлучи дека треба да остане на сила пресудата на Управниот суд од март оваа година, со која беше поништено решението на Второстепената комисија за одлуката на Министерството за економија за одбивање на издавње на дозвола за експлоатација на концесионерот „Еуромакс Ресоурцес“ за рудникот Иловица-Штука.
Во врска со случајот за рудникот Иловица-Штука, македонската Влада има донесено две одлуки: едната е да ја одземе концесијата, а другата да не одбори издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини, односно на бакар и злато.
- Владата го раскина договорот за концесија за рудникот Иловица
На прашањето дали со одлуката на Вишиот Управен суд се отвора можност за отворање на рудникот, Морачанин, во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела, вели дека таа останува на ставот дека „рудник во Иловица нема да има без разлика на сите овие судски, правно-формални лавиринти низ кои процесот ќе тече“.
Владата на 17 декември 2019 година еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатација на рудникот на локалитетот Иловица во општина Босилово, како и анексот на договорот, како што соопшти владината-прес служба.
Активистите од граѓанската организација „Здрава Котлина“, кои се борат против отворање на рудникот, пак, во реакција на социјалните мрежи наведоа дека сметаат оти со поништувањето на одземањето на дозволата за експлоатација, се доведува во прашање и одлуката за одземање на концесиајта и дека со тоа „Еуромакс Ресоурцес“ повторно “се враќаат во игра.“
Проектот за отворање на рудникот во изминативе четири години предизвика загриженост кај локалните заедници во повеќе населени места во југоистокот на Македонија, стравувајќи дека рудници од ваков тип ќе предизвикаат сериозни штети врз нивното здравје и животната средина во земјоделски доминантниот крај.
Од „Здрава Котлина“ наведуваат дека ќе го спречат отварењето на рудниците, посочувајќи дека за таа цел ако е неопходно ќе има и “радикално сценарио со ужасен пример и опомена за сите во иднина“, се вели во објавата на „Здрава Котлина.“
- Опомените за тужби како мотивација во борбата против рудниците
За планираниот рудник во село Иловица Владата има склучено два одделни договори за концесии, во 2012 и во 2016 година, а концесионерот „Еуромаск Ресоурцес“ има побарано спојување на двете концесии, но Владата за тоа барање нема донесено одлука.
Владата го раскина договорот со „Еуромакс Ресоурцес“ со образложение дека концесионерот не поднел барање со целокупна „неопходна“ документација за издавање на дозвола за експлоатација на минерални суровини, во рок од четири години по склучување на договорот, според владините инфорамации.
Концесионерот „Еуромакс Ресоурцес“ тогаш одлуката ја оцени како „политичка“ и во „спротвност со официјлните изјави на Владата“ дека чекала Управниот суд да донесе одлука за ова прашање, стои во соопштението на компанијата на нејзината интернет страница.
„Одлуката ова прашање да се реши од страна на администрацијата, во период додека судството го разгледува, сериозно го довеведува во прашање владеењето на правото во РС Македонија“, се вели во соопштението на „Еуромакс Ресоурцес.“
- Мислењето за рудниците во владино-собраниските лавиринти
Но, тоа што Владата не донела одлука за спојување на двете концесии е причината поради која судската пресуда оди во корист на „Еуромакс Рисоурцес“.
Управниот суд даде образложение дека надлежниот орган што одлучил за одземање на дозволата, требал претходно да одговори на барањето на компанијата за спојување на двете концесии – Иловица 6 и Иловица 11.
Жалба на одлуката на Управниот суд најави Министерот за економија Крешник Бектеши. Во изјава на 7 декември тој рече дека сѐ уште не добиле писмо од Управниот суд и дека ќе поднесат жалба во моментот кога ќе го добијат.
„Тие (Управниот суд) имаат забелешка во постапката на Второстепената комисија која постапува согласно жалбите“, рече Бектеши порачувајќи им на Комисијата и на Второстепената комисија да ги искористат сите можности за жалби.
- Протест во Струмица против рудникот „Иловица-Штука“
Од партијата ДОМ посочуваат дека барањето на концесионерот за спојување на концесиите е од 29.1.2016 година и дека компанијата нема комплетна документација за Иловица 11.
„Така што ниту таа може да добие дозвола за експлоатација за Иловица 11, ниту може да се спојат концесиите“, наведуваат од ДОМ.
Сепак, во партиското соопштение на ДОМ објавено минатата недела, се вели дека жалбената постапка што концесионерот ја започнал пред Управниот суд за одземањето на дозволата за експлоатација на бакар и злато во рудникот Иловица-Штука, завршила со пресудата на Вишиот управен суд која „може да го воскресне концесионерот.“
„Зелената партија ДОМ бара да не се разводнува случајот на концесијата за Иловица-Штука и да се донесе одлука со која ќе се одбие спојување на концесиите и ќе се потврди одлуката на Владата и Второстепената комисија за одземање на дозволата за експлоатација на концесионерот“, велат од ДОМ.
Управниот суд во март оваа година ја донесе пресудата против Решението на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (Второстепената комисија).
Тоа се случи откако „Еуромас Ресоурцес“ ја поднесе жалбата на решението за одбивање на нивното барање за издавање на дозвола за експлоатација на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, според одговорот кој РСЕ го доби од Владата.
- Протести и контрапротести за рудникот Иловица
Потоа, Второстепената комисија на 7 јули 2020 година поднесе жалба против пресудата преку Државното правобранителство и преку Управен Суд до Виш Управен Суд – Скопје, според одговорот кој го добивме од Второстепената комисија.
Во Општина Босилово пред две години беа организирани и два неуспешни референдума во однос на изградбата на рудникот, а беа организирани и протести на локалното население и еко активисти против отворање на рудникот.