Додека пред неколку години на телевизија се емитуваа државни реклами за здрава исхрана, професорот Трајче Стафилов и тимот утврдуваа многубројни локации низ земјава со токсична почва и зеленчук. Државните кампањи секнаа, а децениски загадените почви и храна останаа во земјава до денес. Истовремено, зеленчук со тешки метали е во слободна продажба на пазарите од Велес, каде што топилницата остави трајни последици. Земјава нема стандарди за максимално дозволено количество токсични супстанции во почвата, па сe’ што е утврдено дека е „богато“ со отрови, може само да се евидентира, но не и да се плати отштета за него или да се санкционира.
Во кругот на велешката топилница има тешки метали како кадмиум, цинк и олово. Со секое дување на ветрот од почвата се разнесува токсичен прав. Лета насекаде. Почвата е длабоко загадена, па се загадени и растенијата, зеленчукот.
Ваквата состојба со почвите неодамна ја актуализираа испитувања на организациите „Вила Зора“ од Велес и „Екогерила“ од Тетово. Активистите утврдија вакви локации во Скопје, Кавадарци и во Тетово, а особено е алармантна ситуацијата во Велес, иако топилницата е згасната речиси една деценија.
Кадмиум – 12 пати над дозволената граница
Активистот Кире Кочов од организацијата „Вила Зора“ изјавува дека последните испитувања што ги прават овие организации се правени врз магдонос, домат и пиперка.
„Државата не презема ништо. Единствено, последните неколку месеци се работи на дислокација на јаловината. Преку фирма ќе се дислоцира во наредните четири-пет години. Но, нема закон за почва, а почвата во Велес по ранг е, дефинитивно, неупотреблива! Не смее ништо да се сади на неа. Сепак, луѓето тука живеат, садат, нѐ хранат секојдневно со тие отрови. Не само нас велешани, туку и скопјани. Од Велес се извезува млад кромид за Хрватска, Србија… Значи, го загадуваме и регионот“, вели Кочов.
Тој појаснува дека се загадени токму бавчите што го хранат градот, а се близу до топилницата. „Таму има кадмиум некаде и до 12 пати над дозволената граница“, нагласува тој.
Ова ги натерало да размислуваат за прочистување, деконтаминација на почвата со фиторемедијација. Тоа е процес кога се употребуваат растенија со моќ да апсорбираат во себе штетни материи. Затоа саделе маслодајна репка.
По деконтаминацијата, тешките метали во почвата на длабочина од нула до 20 сантиметри биле поголеми за 0,5 пати, додека од 20 до 40 сантиметри – помали за 3,5 пати. Ова значи, површината во меѓувреме повторно била загадена со прав, а репката подлабоко во почвата ги примила металите.
Растенијата, хиперапсорберите што ги собираат тешките метали, вели Кочов, треба да се уништат прописно – на висока температура, во посебни печки, а остатокот треба да се депонира во соодветни контејнери.
„Државата треба да најде место за депонирање на овие опасни материи. Треба решение. Плус, имаме врвни научници што можат тешките метали од почвата, од билките да ги екстрахираат и да се користат. Но, тоа е веќе наука, а ние сме активисти. Ние правиме стратегија за прочистување со фиторемедијација. Кога ќе биде готова, ќе ја спроведеме, преку Советот на Општина Велес треба да се усвои на општинско ниво. Истото може да се преслика на друго место. Aко имаат желба институциите може да работат на темата. Почвата треба да се врати во функција“, вели тој.
Холандски стандарди за загаденост на почвата
Професорот од Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов, ја поздравува иницијативата на активистите. Тој нагласува дека има ефекти од фиторемедијацијата, но дека тоа треба да продолжи бидејќи со една-две години не се извлекуваат тешките метали, кои ги има во огромни количини. Потребни се средства и садење на многу поголеми површини.
„Генерално, низ годините, состојбата со загаденоста на почвата не е променета. Вршевме истражувања и го проширивме подрачјето во Велес на 100 квадратни километри. Се покажа дека загадувањето се проширува кон север и северозапад. Тој простор, околу 14 квадратни километри, е загаден над интервентните вредности, според холандските стандарди“, вели Стафилов.
Тие користеле холандски стандарди со основна (целна) граница и интервентна (акциска) граница. Стафилов објаснува дека секоја европска земја си создава свои стандарди, во согласност со препораките од ЕУ, но и според индустриските и природните геолошки процеси, дистрибуцијата на тешки метали итн. Хрватска веќе има добар правилник, вели тој, а слично и Србија, која ги презела холандските граници. Ова значи, класификација на почвите. Поделба какви активности би се правеле на резиденцијален простор, какви на индустриски, какви на земјоделска почва.
Над целната границата е „делумно загадена“ почва, што значи испитување за присуството на супстанции во земјоделските производи, дали се тие биодостапни на кореновиот систем, или само на површината, за да се изведуваат одредени култури. Над акциската граница значи забрана за секаква активност дури не се исчисти почвата. Забрана за обработка, садење и консумација, но тоа не се случува кај нас, објаснува професорот, бидејќи немаме ограничувања за токсични супстанции во почва, туку само стари правилници со референтни вредности за зеленчук.
Ова е важно, ако ретроспективно се погледне дека во Велешко беа пронајдени метали во кромид, лук, марула, ’рдокви, брокула, цвекло… Метали над границите беа утврдени и во шест од 10 примероци на мед од Велешко.
Пред неколку години, анализирано присуство на кадмиум и олово во зелен лук и кромид од велешки бавчи (Од трудот „Дистрибуција на тешки метали во некои зеленчуци произведени во близина на Топилницата за олово и цинк“). Граничните вредности за присуство на кадмиум и олово во зеленчуци се утврдени во Правилник за општите барања за безбедност на храната.
„Законот за заштита на почвите, чијашто работна верзија е изработена поодамна, опфаќа голем број мерки за заштита. Не само стандарди. Пример, чистењето на малата депонија на ОХИС, укажа на потребата да се знае до кое ниво да се отстрануваат токсичните супстанции. До кој простор, до која длабочина да одиме, колку средства да се планираат. Треба да имаме вредности за да планираме“, вели тој.
Затоа и преку потпроект на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) биле направени гранични вредности. Таквиот правилник, објаснува професорот, требало да има законска поддршка во постојниот Закон за животна средина.
„За тој правилник изработен преку проектот, воден преку меѓународни стручњаци, разгледуван и одобрен од домашни стручњаци, има ветувања дека Министерството ќе направи напори. Но, еве, ние почнуваме со чистење на ОХИС, а правилникот го немаме. Се надевам ќе биде донесен. Јасно дека бара големи средства и напори, но треба да се почне со одредени реализации, апликации на проекти, со мерки“, нагласува Стафилов.
Живееме во заблуда дека сме земја на највкусно овошје и зеленчук
Кога повеќе од 40 екоорганизации, здружени како #ЗеленФронт го организираа најмасовниот екопротест пред Нова година, токму едно од барањата беше закон за заштита на почвата. Oд „О2 иницијатива“ потсетуваат дека законот е поставен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) уште од 2014 година. Од тогаш се сменија влади и партии, но не се најде интерес да се донесе.
„Некако како да е полесно да се игнорираат проблемите, најубаво да си живееме во заблуда дека сме земја на највкусно овошје и зеленчук. Ако се стави ред и контрола кои површини се загадени, потребно е да се забрани производство на храна од тие области сè додека почвата не се деконтаминира, ако воопшто е можно. Ако загадувањето не е по вина на земјоделците, треба и да им се исплати отштета, а за тоа се потребни средства, кои не се во план“, велат од „02 иницијатива“.
Според екоактивистите, oсвен странските фондови, потребна е и волја од државата и конечно решавање на жешките точки.
„Конкретно со линданот од ОХИС, проектот за негово отстранување и ремедијација трае со години, неколкупати и со обезбедени средства од странски фондови, но процедурата запирала само поради потпис на министер, одлука на Влада и слично. Потоа следуваат нови избори, па нови министри, нова влада и работата се одолжува во недоглед. Секогаш причината е само една – финансиите, кои државата треба да ги одвои, и неподготвеноста да го направи тоа“, нагласуваат од „О2 иницијатива“ дополнувајќи дека не се донесени ниту измените во Законот за животна средина за да се уреди постапувањето со контаминираните подрачја.
Отпадната јаловина од „Бучим“ се гледа преку „Гугл ерт“
Со години се зборува за т.н. 16 жешки точки. На нив работеше и Стафилов. Меѓу најпроблематичните жаришта, тие што се познати за јавноста, се депониите со линдан во дворот на ОХИС. Освен Велес, Скопје и Повардарјето, проблематични се и „Југохром“, скопската железарница, но и отпадот од централите во Битола и во Осломеј со количеството пепел. Истражувањата низ годините покажаа зголемени содржини штетни материи и во источна Македонија, со реактивирањето на рудниците „Тораница“, „Саса“ и „Злетово“. На неколку пати Стафилов нагласуваше дека количествата отпадна јаловина околу „Бучим“ се толку големи, што се гледаат преку „Гугл ерт“.
Некаде, за распространување на металите влијаеле и природните геолошки процеси, речните сливови, розата на ветрови. Со биорасположливоста на металите кај рудникот „Алшар“, опстојуваат седум видови ендемски растенија – виоли. Се адаптирале на токсичните метали и развиле неверојатна апсорпциска моќ. Тие се единствени во светот!
Неопходен е широк опсег од истовремени акции
Од Министерството за животна средина (МЖСПП) сега велат дека декади на индустријализација, засилено експлоатирање природни ресурси и неконтролирано управување опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, оставиле многу загадени локалитети и депонии. Првиот инвентар на контаминираните подрачја е направен во 2005 година, кога се идентификувани 16 жаришта со контаминиран градежен отпад и опасен отпад од производството.
„Вкупниот износ за ремедијација во согласност со ‘Специјалната студија за загадени индустриски подрачја – жешки точки’ е приближно 77 милиони евра. Ова е груба пресметка, направена врз основа на површината, количината на депонираниот отпад и годишниот мониторинг. Треба да се нагласи дека посебните студии за економска исплатливост направени за неколку од нив покажуваат голема разлика во износот, што е прифатливо бидејќи оваа студија е повеќе општа и е изработена во 2005 година“, соопштуваат од Министерството.
Од таму тврдат дека прелиминарни истражувања се извршени на сите локалитети. Изработени се и студии за економска оправданост за ОХИС, „Злетово“, „Силмак“ (поранешен „Југохром“) и за „Макстил“. Меѓу другите, низ годините проекти за „Окта“, Лојане и „Бучим“, го споменуваат и тековниот проект на ГЕФ за чистење на дел од линданот во ОХИС.
„Постигнувањето на стратегиските цели утврдени за надминување на постојните проблеми и мани во управувањето на ремедијацијата на поголемите оптоварувања врз животната средина и на еколошките жаришта наложува широк опсег на акции, кои треба да се спроведуваат истовремено и во долг временски период“, соопштува Министерството.
Со новиот Закон за минерални суровини, дополнуваат тие, индустрискиот отпад ќе може да се даде под концесија. Велес и Лојане се веќе под концесија. Врз база на наодите за 16 жешки точки е создаден индикатор Напредок во управување контаминирани локалитети за периодот 2005 – 2011 година.
Од индикаторски извештај 2018, извор: Министерство за животна средина и просторно планирање
„Може да се заклучи дека од 16 локалитети што се прогласени за контаминирани локалитети, односно земјиштето во самите инсталации, односно фабриките, кај 83,3 проценти од нив контаминацијата е со тешки метали. Во рамките на овој проект не се направени испитувања надвор од кругот на инсталациите и фабриките“, нагласуваат од Министерството.
Дополнителнo, во рамки на проектот финансиран од ЕУ, именуван Развој на мониторинг на животната средина и информативен систем, за почвите е предвидена подготовка на законски акти поврзани со мониторинг на почвата. Понатаму, Министерството вели дека следува подготовка на стратегија за мониторинг на животната средина, вклучувајќи ја и почвата и подготовка на функционална анализа на задачите и на обврските на институциите одговорни за одржување на Националната мрежа за мониторинг на почвата.
Потребен е институционален третман на почвата
Според МЖСПП, со измени на Законот за животна средина се овозможува формална идентификација на контаминирани подрачја. Се воведуваат критериуми кое подрачје би се сметало за контаминирано, а откако ќе се идентификува, од владата се прогласува за такво.
„Законот е усвоен од владата и е доставен во Собрание за усвојување од пратениците“, велат од МЖСПП. До распуштање на Собранието, Законот не беше усвоен.
Од друга страна, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) има законска обврска за мониторинг на храната. Објаснуваат дека од 2012 година спроведува Програма за мониторинг на безбедноста на храната според европските програми за мониторинг и препораките на Светската здравствена организација, преку која изминатава 2019 година се земени мостри од овошје и од зеленчук од пазарите и од откупните пунктови. Вршеле лабораториско испитување за присуство на резидуи од пестициди, па од 230 мостри се најдени девет позитивни. Меѓу нив има три од Скопскиот регион, а по две од Кумановскиот, Струмичкиот и од Гостиварскиот регион. АХВ испитувале и тешки метали во храна. Најдена е една позитивна од 88 мостри.
„Станува збор за трпезно грозје, мостра земена од Гостиварскиот регион, кај која со извршеното лабораториско испитување било потврдено дека е позитивна на олово и на кадмиум“, велат од АХВ.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, тврди дека Владата во годишната програма за 2020 година како висок приоритет го има поместено закон за исхрана на растенијата.
„Со ова се утврдува квалитет и безбедност на водата за наводнување, супстанциите за исхрана на растенијата и почвата како суровина, супстрат и подлога за одгледување растенија. Министерство за земјоделство го има пријавено овој закон и во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, со која треба да се изврши целосно усогласување со најновата регулатива на 1009 на ЕУ од јули 2019 година“, велат од Министерството.
Бојан Шашевски
(Текстот е подготвен во рамки на „Лице в лице со граѓаните“, поддржан од Кралството Шведска преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на донаторот)
Авторот е новинар во редакцијата на Радио МОФ
*Оригиналниот текст може да го прочитате тука.
*Текстот е подготвен крајот на јануари/почеток на февруари 2020
Извор: https://www.radiomof.mk/magdonos-kromid-domat-zachineti-so-metali/