Ќе преземе ли некој одговорност за неисполнувањето на ветувањата од Планот за чист воздух, со кој за две години аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти, а во другите градови за 30 отсто, прашуваат граѓански организации за заштита на животната средина?
Не е реализирана целта со Планот за чист воздух со кој аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти во рок од две години, потврди за РСЕ министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Тој посочи дека со Планот за чист воздух имале буџет од 120 милиони денари во 2018 година и дополнителни 100 милиони денари во 2020 година и оти со тоа одредени училишта, градинки и јавни институции биле реновирани и направени енергетски поефикасни, но дека намалувањето на загадувањето во Скопје за 50 проценти „за жал сѐ уште не го постигнавме.“
„Причината поради која не го постигнавме е поради фактот дека треба да промениме многу во системот за загревање во нашата земја. Треба да направиме многу контроли и проверки во индустријата“, вели Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Според него, кон загадувањето значително придонесува и сообраќајот. Тоа, како што вели, се покажало за време на полициските часови поради Ковид-19 „кога дознавме дефинитивно дека сообраќајот и транспортот“ значително придонесуваат кон загадувањето.
„Тоа значително се намали за време на полициските часови“, вели Нуредини.
- Макрадули – Следната зима со намалено аерозагадување (2019 година)
Планот за чист воздух, со кој власта ветуваше дека загадувањето на воздухот во главниот град Скопје во рок од две години ќе биде намалено за 50 проценти, а во останатите градови за 30 проценти, на крајот на 2018 година го промовираше тогашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ велат дека уште тогаш ги навеле бројните недостатоци на Планот. Од организацијата посочуваат дека укажале на тоа дека целта нема да биде реализирана.
„Ниту во Влада, ниту во Министерството за животна средина и просторно планирање, никој повеќе не зборува во јавноста за овој План, иако ќе треба да се излезе со финалните анализи, кои се причините поради кои не ја исполнил целта, што од ветеното во Планот е исполнето, а што не и зошто, и дали некој конечно ќе преземе одговорност за неисполнувањето на планот и неостварените цели“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“
- Владата со 1,5 милиони евра ќе го решава скапиот проблем со аерозагадувањето
На прашање на РСЕ, кога може да се очекува во Скопје да има зима со намалено аерозагадување од 50 проценти, министерот Нуредини рече дека не може да даде точна прогноза до кога, бидејќи ,според него, потребно е сите индивидуално да преземат мерки и акции, вклучително централната и локалните власти.
„Побаравме од Владата и од министерот за правда да го промени Законот за прекршоци и да ги исклучи казните за загадување на животната средина. Тоа всушност неодамна помина на Влада, поточно помина оваа недела, сега ќе оди во Парламентот и јас верувам дека сите во Парламентот ќе го поддржат законот, бидејќи кој и да загадува, за тоа треба да биде казнет и постојат одредени рамки во кои индустријата може да работи“, вели Нуредини.