Еколошките давачки поттикнаа дискусија на настанот, откако Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина, најави дека планираат одредени непопуларни мерки, кои ќе влијаат врз возниот парк. За намалување на климатските промени, во владина процедура е Законот за животна средина кој брзо ќе влезе во Собранието, најави Петровска, со што ќе има зголемување на надоместоците за увоз на стари возила.
„Оваа мерка нема сериозно да ги загрози социјалните услуги на населението, меѓутоа ќе даде сигнал дека увозот на стари возила придонесува негативно врз загадувањето на воздухот и климатските промени. Дека мора нешто да се направи во секторот транспорт и и свесноста на потрошувачите да се зголеми. Наскоро во владина процедура ќе влезе и Закон за данок на возила. Тој всушност го заменува законот за акциза. Порано таа се плаќаше во однос на вредноста на возилото, а сега е вклучен и факторот на ЦО2 емисиите. Тоа значи дека, уште еднаш, со овие мерки ќе се влијае на постапно заменување на возниот парк“, најави Петровска.
Според неа, приходите од овие зголемени такси, одат за инвестиции за намалување на климатските промени.
Најави дека во моментов МЖСПП работи на Стратегија за климатска акција и Закон за климатска акција. Тие се меѓусебно поврзани, вели таа, бидејќи Стратегијата ќе им каже со каква амбиција ќе одиме во делот на законот, и како постепено да се имплементираат сите европски директиви за климатската акција. Во овој момент, објавена е Стратегијата за енергетика.
„Од трите сценарија што се предвидени – основното, умереното и зеленото сценарио, за прв пат произлегува дека користењето на јаглен во РЕК Битола, кој придонесува во вклупниот инвентар на стакленички гасови, веќе не е одржливо. Зошто? Затоа што примена на мерките за контрола на емисиите, истовремено со воспоставување на јаглеродна такса, излегува дека пенетрација на обновливи извори и на гасот ќе значи многу поодржливо решение и постепено јагленот ќе се исфрла од употреба“, рече Петровска.
Таа нагласи дека воведување на јаглеродната такса дефинитивно е применлива во други земји, особено во развиените земји.
„Нашето општество е подготвено да воспостави јаглеродна такса, за да даде стимулација на оние што се вклучени во емитирање стакленички гасови – да преземат итни мерки, а истовремено да се приберат дополнителни средства кои наменски ќе се искористат за мерки во климатската акција“, потенцираше Петровска.
Универзитетскиот професор Никола Поповски, рече дека е роден во 60-те години. Од тогаш, вели тој, глобалните јаглеродни емисии се зголемени за четири пати, или за 400%.
„За половина век многу сме ги зголемиле, и тоа претставува проблем кој несомнено мора да се решава и да се финансира неговото намалување. Се уште околу 14% од населението на Земјата емитува 40 % од емисиите, тоа се најразвиените земји, а до 2030 нивната емисија се уште ќе биде 28%, дупло поголемо отколку што учествуваат во населението“, објасни тој.
Нагласи дека производителите треба да сносат даноци, или позната „carbon taxing“ (оданочување на јаглеродни емисии), а потрошувачите со повисока цена што ќе ја платат доколку употребуваат производи поврзани со ЦО2 гасови.
„Во Европската Унија во 2017 година вкупно 370 милијарди евра се собрани од еколошки даноци. Тоа е 2,4 отсто од нивниот БДП. Тоа не е занемарлив процент. Од друга страна, ЕУ повеќе троши на еколошка заштита отколку што наплатува од еколошките даноци – тоа е 2 до 2.1% од БДП, одноно 300 милијарди евра. Во Македонија во 2017, еколошките даноци изнесуваат 180 милиони евра. Или, 1,9 од БДП. во 2016 и 2017 година, даноците од енергенти и транспорт се скоро 99% од тие 180 милиони што ги собираме“, нагласи тој.
Според Еуростат, Македонија ја зголемува емисијата на јаглеродни оксиди во атмосферата. Во 2006 ако индексот е 100, во 2012 е 115.
Државниот завод за статистика вели дека индексот на стакленичките гасови, не на ЦО2, во 2014 година е 70% повеќе од 1990 година.
„ММФ дава решение. За намалување на емисиите, јаглеродните даноци на понудата на производството се најмоќни и најефикасни. Ќе им овозможат и на претпријатијата, и на домаќинствата, по најниски трошоци да најдат алтернативен начин да ги трошат тие работи што им ги нудат јаглеродните производи“, нагласи Поповски.
Во овој момент, вели тој, јаглеродно одданочување имат само 46% од 200-те земји членки на ОН. Но, нагласува, и тоа одданочување е ниско.
„Според Светска банка, само 2 долари по 1 тон емисија на гасови се одданочува. ММФ препорачува дека од 2 треба да се покачи на 75 долари по 1 тон ЦО2 во атмосферата до 2030, во целиот свет. Тоа би ја поскапело енергијата што ја трошиме за 40%, со зголемување на алтернтивните извори“, вели тој.
На прашањето, каде одат тие 180 милиони евра собрани од еколошки даноци, Поповски вели дека даноците не се наменски, туку ненаменски. Ги плаќаме, а некој одлучува за што ќе ги користи.
„Многу мал дел од нашите даноци се наменски. Слушнавме дека МЖСПП воведуваат дополнителни даноци на емисијата на јаглеродни оксиди во Македонија. Дали ќе бидат наменски или ненаменски – не знам, но мојот став е да бидат ненаменски. Владата да се грижи и нив, и други ненаменски да ги претвори во расходи за еколошка заштита“, рече тој.
Новинарот Горан Теменугов од публика праша зошто ненаменски да бидат парите, кога, вели тој, гледаме дека 10 милиони од ЕЛЕМ ќе одлетаат за инвертери, како задоцнета мерка.
„Зошто кога гледаме дека се’ што се собра од акцизата, заврши во пензија, плата, во други трошоци. Едноставно нашата визија за иднината е поддршка на потрошувачката на пензионерите, работниците, администрацијата. Според мене, малку неодговорно се однесуваме кон приходите, и ги трошиме неодговорно. Дали би било подобро да биде наменски, законски регулирано, колку пари, од што – каде ќе отидат? Да знаеме ние што се грижиме за животната средина на кого би дале доверба на некои избори. Вака, сите ветуваат, а на крајот нема пари за ништо. Пример, мониторингот за аерозагадувањето е намален со буџетот за 2020 година. Сакаме да се бориме со аерозагадувањето, а го намалуваме – мерењето? Ќе спроведуваме мерки за загадување без да го измериме?“, рече Теменугов.
На ова Поповски повторно рече дека, според него, даноците недоволно одговорно се трошат. Во нашиот систем, вели тој, повеќе од една третина се наменски – најпознати се пензиското и здравственото, и не можат да одат за патишта.
„Зошто барам ненаменски? Имаат еднаат сериозна негативност. Во општеството ќе се создаде свест дека плаќаме за екологија и, толку колку што плаќаме – ‘трошете си ги тие’. Кога еднаш ќе се создаде позиција дека наменскиот данок е ‘за тоа’, таа ќе остане единствената позиција. Подобро е да биде ‘ненаменски данок’ во вкупниот буџет, а владата и парламентот со слобода да одлучуваат, менуваат разни видови ненамески даноци и за еколошки потреби. Се плашам дека наменските даноци ќе ја закопаат потрошувачката за еколошка заштита на нивото на плаќањето на еколошките даноци“, рече Поповски.
Во поглед на економијата за помош на екологијата, претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање рече дека ја поддржува заложбата на граѓанскиот сектор Македонија да има поголем државен буџет за заштита на животната средина.
Според него, целта е да се приближиме кон просекот на земјите членки на ЕУ, а најави дека го поддржува предлогот за создавање национален фонд за заштита на животната средина.
Бојан Шашевски