30-те организации што го организираа масовниот Марш за чист воздух го поздравуваат чекорот на Владата за прифаќање на нивните седум првични барања кои ги доставија до власта. Во исто време, потсетуваат дека се сложија за средба со Владата само доколку тие седум првични барања бидат во целост исполнети.
„Единствено на тој начин ќе се покаже вистинска волја за почеток на заедничко решавање на овие горливи проблеми. Будно ја следиме реализацијата на барањата, и очекуваме нивно целосно исполнување во најбрз можен рок“, соопштуваат здружените организации и иницијативи.
Инаку, откако добија повик за средба од Влада, еко-активистите побараа указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште, а Јавното обвинителство да отвори истрага за Охис и за палење на кабли во Скопје.
Потоа, да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја. Понатаму, да се стопира процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци.
Исто така, побараа поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат, одземање на на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука, но и одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.