На барање на граѓаните од Гази Баба, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информира дека во соработка со Инспекторатот на Град Скопје излегле на терен и направиле два вонредни надзора во индустриската зона, каде покрај Макстил, работат и повеќе други правни субјекти.
При првиот инспекциски надзор, направен на 9 декември, велат од ДИЖС, јасно е утврдено прекршување на законот, констатирано е дека повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина.
„Сите се задолжени во најкус можен рок да изработат елаборати и да обезбедат одобрение од соодветна институција во согласност со закон“, соопштува ДИЖС
На вториот инспекциски надзор, ден потоа на 10 декемри, на лице место лично присуствувала и новата директорка на ДИЖС, Ана Петровска, раководителот на градскиот инспекторат Горан Трајчевски и акредитирана лабораторија.
„Инспекторите и акредитираната лабораторија направија мерења на лице место, а резултатите се очекуваат во текот на следните денови. Во текот на инспекцискиот надзор е побарано објаснување за бучавата на која се жалеа граѓаните на Гази Баба. Беше потврдено дека бучавата доаѓа од Макстил, поточно од електролачната печка за топење на старо железо, која и покрај изолацијата на погонот, создава силни звуци кои пробиваат во надворешната околина“, велат од ДИЖС.
Од таму посочуваат дека Макстил е задолжен да го води производниот процес на начин кој нема да создава бучава и да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните.
Инаку, ДИЖС пред два денови побара итно преиспитување и на Елаборат за заштита на животна средина за инсталација за собирање, третман и отстранување на опасен отпад, изработен за инвеститорот Ремондис Медисон ДОО Битола
Барањето за преиспитувањето на отпадот претходно беше доставено од граѓани од општина Гази Баба, собрани во Иницијативен одбор за депонијата Вардариште. Тие се противеа на лоцирање погон за собирање и преработка на медицински отпад и секаков друг вид опасен отпад на Кванташки пазар, во непосредна близина на погони за производство и дистрибуција на храна (месни индустрии „Солета“ и „Римес“, како и трговија со храна „ЈС Актуел“).
Нивната загриженост беше уште поголема поради информацијата дека сегашниот инвеститор Ремендис Медисон ДОО Битола е всушност наследник на фирмата за собирање и преработка на медицински отпад „Еко клуб“, во јавноста позната по нивното несоодветно постапување со медицинскиот отпад. За ова сомневање градскиот инспекторт веќе достави пријава и до Јавното обвинителство.
„Државниот инспекторат изврши увид во Елаборатот за заштита на животната средина и беа утврдени сериозни недостатоци, особено бидејќи на инвеститорот му се одобрува, спротивно на закон, да врши стерилизација на хемикалии и патоген отпад. Хемикалии, лекови, вклучително и цитостатици, што со Елаборатот се предвидени за стерилизација, може безбедно да се третираат само во печки за спалување што обезбедуваат високи стандарди за животна средина, а такви нема услови да се постават на таа локација. Дополнително, на локацијата се одобрува складирање на отпадни масла што содржат полихлорирани бифенили, а овие масла се канцерогени и за нивно собирање и третман има исто така многу строги стандарди, што со Елаборатот не е обработено. Опишаната постапка за стерилизација на медицинскиот отпад не дава информации на кој начин ќе се спречи испуштање на патогени материи во водухот, односно не е предвидено да се вгради таканаречен ХЕПА филтер. Овој Елаборат има и многу други недоследности кои укажуваат на потребата од негово преиспитување“, реагираше ДИЖС.
Оттука, ДИЖС достави барање до Министерството за животна средина за преиспитување на донесеното Решение за одобрување на Елаборатот, за да се зачува законитоста на постапките со кои се обезбедува здрава животна средина.
Фото: ДИЖС