Формирана е интерпарламентарна група од 39 пратеници од девет политички партии, кои преку подобри законски решенија ќе се борат против загадувањето и климатските промени. Групата е формирана на иницијатива на граѓанската организација „О2 Иницијатива.“

Една од клучните работи кои во моментов се неопходни се цврсти и јасни законски регулативи и прецизно поставување на ингеренциите на надлежните институции, со што ќе се затворат „досегашните процепи“ низ кои загадувачите со години се извлекуваат, велат од граѓанската организација за заштита на животната средина „О2 Иницијатива.“

Тоа е идејата за формирањето на оваа неформална група во Парламентот. Групата, во соработка со граѓанските здруженија и иницијативи треба да работи на заштита на природата и да се бори против загадувањето и климатските промени, како што потврдува за РСЕ и пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ, која е дел од иницијативата.

„Така секогаш може да се постигне подобар ефект, кога Парламентот има поинтензивна и поблиска соработка со граѓаните и граѓанските организации“, вели Морачанин.

  • Повисоки глоби и кривични санкции за загадување на животната средина

Македонија има долгогодишен проблем до загадувањето на воздухот, водите и почвите. Загадениот воздух е причина за околу 3.000 случаи на предвремена смртност, според податоци од официјални научни студии.

Почвите и водите се загадени од историско индустриско загадување, во делови на земјава со тешки метали, како што покажуваат анализите при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки во Македонија.

Проблем е ризикот за биодиверзитетот, особено од бројните проекти за изградба на мали хидроцентрали, како што наведуваат и други граѓански организации.

  • Хидроцентралите мали, проблемите големи

Морачанин објаснува дека целта е пратениците да ги слушнат ставовите, забелешките и предлозите на граѓанските организации за заштита на животната средина, а потоа тие да бидат преточени во законски измени или, пак, ако е потребно да бидат организирани јавни или надзорни расправи, во домен на работата на пратениците и на Парламентот.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека ингеренциите за заштита на животната средина се испреплетени меѓу Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и државниот и општинските инспекторати.

Поради тоа, според нив, граѓаните понекогаш за обични информации или барања до општините и институциите да спречат загадување, со години „талкаат низ правни и ингеренциски лавиринти.“

„Комплексноста на проблемот е најчестиот изговор за непревземање на соодветни активности, казнување на загадувачи, заштита на животната средина и подигнување на јавната свест за проблемот“, велат од „О2 Иницијатива.“

  • Нуредини – Не успеавме да го намалиме загадувањето на Скопје за 50 отсто

Пратеничката Морачанин вели дека очекуваат да добијат предлози и барања од граѓанските организации за кои тие сметаат дека се приоритет, со цел периодов да се забрза работењето и да биде што поскоро постигнат подобар ефект.

Од „О2 Иницијатива“ велат дека минатата недела ја имале првата заедничка средба со пратениците, но која на агенда биле измените на Законот за прекршоци, несправувањето со аерозагадувањето и недостигнувањето на граничните вредности за ПМ10 честичките согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух, како што велат од организацијата, и после девет години од законскиот рок.

Исто така, пратеничката група и „О2 Иницијатива“ работат на забелешки на Буџетот за 2021 година во областа на животна средина.

  • Короната го скрати буџетот за животна средина во 2020

„Одговорноста на пратениците е да ги претставуваат граѓаните, а граѓаните инсистираат на конкретни мерки и конечно решавање на проблемот кој влијае на животот и здравјето на секој од нас, на нашите семејства, сограѓани, пријатели“, велат од „О2 Иницијатива.“

Од граѓанската организација очекуваат првичните резултати од нивната заложба да бидат видливи до Нова година доколку, како што наведуваат, успеат да издејствуваат поголем буџет за животна средина и да направат измена во законот за прекршоци, кој ќе ги опфаќа големите загадувачи.

Борбата ќе биде долготрајна, бидејќи на многумина надлежни им одговоара статус кво во системот за заштита на животната средина, за да ги намалат своите одговорности и обемот за работа, наведуваат од „О2 Иницијатива“ и заклучуваат дека доколку успеат да ги разбудат институциите и да овозможат регулативи кои ќе ја штитат природата, ќе може да кажат дека активностите биле успешни.

Владимир Калински

Извор: https://www.slobodnaevropa.mk/a/%D0%BF%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8-%D0%B5%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D0%B3%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BE2-%D0%B8%D0%BD%D0%B8%D1%86%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B8%D0%B2%D0%B0/30959219.html