По Коце Трајановски, Андреј Жерновски, Ивица Коневски, Стевчо Јакимовски и Билјана Беличанец, граѓани од иницијативата ПрвоКафеКај денеска беа на средба кај градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски за да разговараат и бараат решенија за горливиот проблем со аерозагадувањето.

По состанокот, граѓаните за Радио МОФ потврдија дека и кај Трајковски е евидентно она што другите градоначалници го повторуваат – да се зголемат ингеренциите на инспекторите и службите задолжени за заштита на животната средина, со цел да имаат поголем удел во загадувањето.

„Разговаравме кои се можностите како да се направи тоа. Ова е еден процес кој треба да продолжи и во иднина. Констатиравме, а и самиот градоначалник Трајковски би бил заинтересиран да присуствува на еден форум со сите градоначалници на кој отворено би се дискутирале можни предлози за законски измени во оваа насока“, рече Александра Теменугова, која заедно со Јане Димески и Александар Донев пред 10-ина денови ги започнаа серијата средби со првите луѓе на скопските општини.

Идејата за форум, односно мултисекторска група и претходно беше спомената од оваа иницијатива. Наместо постојано да „се префрла топката“, на иста маса би се споиле  сите градоначалници, институции, а во работните групи би присуствувале и експерти и здруженија кои се занимаваат со проблемите со загадениот воздух. Притоа, како што рекоа од иницијативата, да се увидат мерките кои треба да се превземат, и да се донесе и потпише некаква стратегија на највисоко државно ниво, за да нема избегување на зацртаното.

Во однос на Гази Баба, познатa e како голема индустриска зона, но црна точка е и депонија Вардариште. Граѓаните покрај Вардар, и од страната на Аеродром, и од Гази Баба, со години се жалат на ужасна смрдеа која тврдат дека доаѓа токму од некогашната депонија. Ужасниот мирис репризно се шири секоја година, кулминира навечер, а црн чад тлее до раните утрински часови. Мирис на запалена гума, пластика, хемикалии и ѓубре ги зафаќа сите станбени блокови по должината на булеварите „АСНОМ“ и „АВНОЈ“, па жителите од околните згради буквално мораат да ги затвораат прозорците за да „пролуфтираат“ соба.

Неколку години наназад Град Скопје најавуваше ревитализација на делот од Вардариште, а по разговорот со Тони Трајковски од иницијативата велат дека останува да се причека на изготвување на урбанистички план.

„За аерозагадувањето, мораме да бидеме активни. Проблемот постои, не можеме да го решиме целосно, меѓутоа свеста кај граѓаните се подига за да го намалиме проблемот. Догодина да биде помал. Сега да почнаме, па резултатите да бидат видливи за неколку години“, смета граѓанин кој денеска беше дел од иницијативата ПрвоКафеКајТрајковски.

Б.Ш.

Извор: https://www.radiomof.mk/video-prvokafekajtrajkovski-da-se-zgolemat-ingerenciite-za-zagaduvanjeto-i-reshi-problemot-so-vardarishte/