Како до поголема транспарентност на инспекциите против загадувањето, подобри закони за животната средина, координација меѓу инспекциите и поажурни инспектори? Истовремено, како на граѓаните да им се олесни пријавувањето на потенцијални загадувачи, а истовремено индустријата да биде будна и под постојана лупа од јавноста и институциите?
Овие прашања денеска беа подигнати на конференцијата „Како до ефикасен инспекциски надзор против загадувањето?“ во организација на Зелениот институт и Биро де Хелинг, каде претставници на институции, пратеници, активисти и правници зборуваа за инспекцискиот систем, давајќи дијагноза на состојбите, но и можни решенија.
Маја Морачанин од ДОМ, од новоформираната пратеничка група против загадувањето, рече дека една од клучните работи е подобрување на буџетирањето. Исто така, поголем број на локални, но и државни инспектори.
„Важни се редовни обуки на инспекторите, бидејќи се увиде дека инспекторите немаат доволно знаење како да го реализираат инспекцискиот надзор. ЕУ во извештајот нотираше дека е потребна поголема соработка на локално и државно ниво, но и вклученост на граѓанските организации. Сметам, тие треба уште повеќе да се вклучат во инспекциските надзори. Граѓаните мораат да имаат увид што работат, каков надзор е направен, на кои инсталации, што е регистрирано и какви евентуални казни биле изречени“, рече таа.
За Морачанин е клучно да се акредитира државната централна лабораторија. Инспекторите да имаат можност мерењата да бидат обработувани во државна лабораторија, а не само во приватни акредитирани лаборатории. Што, според неа, остава впечаток на недоверба од граѓаните.
„Токму затоа како пратенички (од ДОМ) упативме амандмани во Буџетот за обезбедување средства за акредитација на лабораторијата. Потреба е и ревизија на издадените А или Б (интегрирани еколошки) дозволи, или елаборати“, нагласи таа.
Претставничките од „02 Иницијатива“ нагласија дека не е само до изворите на загадувањето, туку и законските регулативи и нивната имплементација на терен.
„Наидуваме на законски пречки. Сметаме дека законите треба да бидат пишувани и за граѓаните да го разберат, а не само правници да ги толкуваат. Постојат и недоречености за поделбата на терен на инспекторите. Потоа е инертноста на институциите. За да се излезе на терен, многу се ‘влече’ работата. Не треба да има префрлување на одговорности и надлежности (меѓу локалните и државни инспектори н.з)“, нагласи Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“.
Минатата година #ЗеленФронт, пред изворите, пробаа да направат притисок за промена на одредени закони – за почвата, инспекција во животната средина, за контрола од индустриските емисии…
„Имаме и закони кои со години седат во фиоки и никој не притискаше да одат во собраниска процедура“, забележа Георгиевска.
Како активна организација, постојано на Фејсбук во инбокс добиваат слики од палење, од чад, од отпад… Од секаде. Градскиот парк, вели таа, преполн е со ѓубре, но никој не реагира, иако е работа и на МВР, не само на инспекциите.
„Дивата депонија кај Кале, под амбасадата на САД. Кај грмушките има расфрлано мебел што може да опремите цела дневна соба“, нагласи таа.
„О2“ го нагласуваат и проблемот на неказнивоста и висината на казните за загадувачите. Го дадоа примерот за кој реагираа и инспектори: 50 евра казна за исфрлање на шут на јавно место. Па, возачот на камионот многу лесно ќе си ја плати и ќе продолжи да исфрла, бидејќи вади по 200-300 евра од камион.
Плус, постои проблем со т.н. „порамнување и спогодување“. Самите максимални казни се ниски, па и се намалуваат за 50%.
„Се прашуваме зошто? Од казна од 100.000 евра, се сведува на 50.000 евра, па и на рати… Сторителот не се мотивира да не го прави истото“, нагласи Татјана Чакулев од „02“.
Според Георгиeвска, пак, мора да постои и полесен систем за пријавување на загадувачите. Истовремено, граѓаните да видат дека има ефект, реакција, за да се охрабрат да пријават.
„Објавувме видео од Трнодол, како одреден загадувач си го истура шутот, како да е најнормална работа! Имавме огромно споделување на видеото, па нареден ден имаше и реакција од Градскиот инспекторат“, вели Георгиевска.
Горјан Јовановски, креаторот на „Мој воздух“, зборуваше нова е-апликација. Се работи за т.н. карта на загадувачи. Апликацијата се’ уште е во изработка, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, Зелениот институт и Биро де Хелинг од Холндија.
„Во минатото неколку пати се обидов да направам некавки вакви слични проекти. Во ‘Мој воздух’ имавме и мапа преку која граѓаните можат да пријавуваат загадување. Нешто што слично постои алатка од Градскиот инспекторат, што е супер. Но, за жал, државните институции нас активистите до скоро не’ гледаа како закана, а не како нивни соработници, за да се бориме на ист фронт“, рече тој.
За жал, вели Јовановски, дури и тој додека ги разгледува сите регистри на инсталации, бил вчудоневиден колку дозволи и елаборати се изработени.
„Бидејќи активистите сме навикнати само на оние поголемите можни загадувачи. Па, секогаш кога ќе видиме дим – ‘аха, сигурно е од Цементара, или Железара, или не знам од каде доаѓа…’. Што, не мора да значи дека секогаш е така“, вели тој.
Според Јовановски, убавината на една мапа е да знаеме од каде се’ може да биде изворот, да може да ги „филтрираме“, дали по дејност, тип на загадување, општина, да знаеме каде се концентрирани овие потенцијални загадувачи, со цел дали ќе може нешто да се подобри во одредени реони.
„Од друга страна, би биле од голема поддршка на инспекторите. Ако пример добијат пријава дека нешто чури во Карпош 2, бидејќи Карпош 2 е широк поим, вака ќе имаат директен пристап до сите можни загадувачи/субјекти. Ќе знаат на терен и да ги ‘филтрираат’ оние што можеби емитираат аерозагадување, наместо оние во почва или вода. Ќе знаат како понатаму да реагираат“, нагласи Јовановски.
Според него, ова е само почетен стадиум на ваква алатка, која понатаму ќе може да се надградува. Таа би била лесна и разбирлива за граѓаните.
„Ова е една од алатките што ќе ги поседува ДИЖС, достапни на нивниот веб-сајт, а понатаму би можеле да се интегрираат и со алатките на Скопје Лаб“, нагласи Јовановски.
Ана Петровска, новата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), рече дека инспекторирањето е и многу важна тема и чувствува потреба да ја поврати довербата на граѓаните кон оваа институција. Најави ротација на инспектори меѓу градови, нивни редовни дежурства и зголемен број на надзор.
„(Од 1 до 20 ноември) реализиравме 95 редовни и 35 воднредни надзори на инсталации. Тоа значи, само до крај на месецот може четирикратно да се зголеми надзорот, отколку што претходно било правено. Тоа е поради зголемениот број на претставки“, рече Петровска.
Даде извештај и за надзорите во Титан, Макстил, Пејпермил, на котрлари и други извори на потенцијално загадување. Тврди дека отишле досега и на Шар Планина, повеќе фарми, ги следат складовите за постапување со отпад и како се третираат отпадните масла.
Сега засега, ДИЖС нема финансиски средства за договор за акредитирана лабораторија, за да може на лице место да ги проверуваат емисиите, но побарале со буџетот за 2021. Рече дека е потреба и опрема за индикативни мерења, а планираат и Совет на засегнати страни, невладини, технолози, инспектори…
На конференцијата беа презентирани и алатките на скопскиот Градски инспекторат. Исто така, и нов Прирачник за локалните инспектори, изработен врз база на истражувањата и анкетите на локалните инспектори и граѓаните од Зелениот институт.
Бојан Шашевски