Надвор повторно почна да „пече“ на нос и грло, а испекцискиот систем за борба против разните загадувачи во најкритичниот период влегува со куп проблеми. Очекувањата на граѓаните за инспекторите се едно, во поглед на хумано живеење и право на здрава животна средина, но, од друга страна, досегашните искуства упатуваат на раштиман систем и законски решенија, подложни на злоупотреби. Многу општини немаат човечки, финансиски и технички капацитети за инспекциите. Поради наводите за коруптивни спреги, инспекторите се наоѓаат во ситуации да избегнуваат да санкционираат, додека државните и локалните служби не најдоа заемна формула како да се води ефективна инспекција.
Дејан Димитровски, советник од општина Гази Баба и активист, смета дека законите често се направени повеќе во корист на извршителите на дела, на загадувачите, отколку за граѓаните. Особено го критикува ланскиот Закон за инспекциски надзор.
Димитровски е често на терен и од „прва рака“ е запознаен со работата на инспекторите и комуналните редари. Пример, фаќаат камион како незаконски истура шут, но извршителот му се смее: „слободно пријави ме, казна ми е 50 евра, а јас од камион имам заработка по 300 евра“.
„Значи, во секој момент има ќар од 250 евра што ја уништува природата! За три месеци имам фатено преку 20 камиони. Сите ми се смеат во фаца. Тоа е дупка во законот. Апелирам веднаш да се промени и да може да се одземе моторното возило“, вели Димитровски за Радио МОФ.
Бара решение и за социјално загрозени граѓани, кои се изземаат од санкции, иако, вели тој, многу често ја загадуваат средината од разни причини – греење, палење бакар, гуми, пластични материјали, фрлање шут и сл. Државата нема механизам за да ги спречува, пренесочува кон нешто друго или да им нуди алтернативи за греење или работа.
„Апелирам и за поголема опременост, возила и заштита на службите. Законот за комунална полиција е нужност, службите да не работат во страв, бидејќи кај Вардариште пред неколку месеци имаше нападнати редари“, вели Димитровски.
Вардариште
Исто така, дополнува тој, немаат право да легитимираат и казнуваат на терен. И да фатиле лице на „местото на злосторот“, прекршителот може да си замине. Ако не сака да даде лична карта – не можат со сила да му земат. Па, треба да чекаат полиција, а не знаат дали полицајци ќе стигнат за половина час, или воопшто ќе дојдат.
„Плус, секаде во свет се зголемуваат, а кај нас се намалуваат казните за животна средина. Самиот Никола Бертолини од ЕУ делегацијата кажа дека е голема грешка што ги намаливме казните (ДИЖС извештај, намалување за 75% во 2019 година н.з.). Има голема фалинка и во делот на градежна инспекција. Градежен инспектор ми тврдеше дека мора да го повика сторителот, да дојде на лице место, за да може да му пише претставка. А, тој може никогаш да не дојде! Исто така, сакав да пријавам сепарација во Државниот инспекторат, но инспекторка за води ми кажа дека морала да добие налог од директорот, инаку не може да излезе на терен. Тоа се реални препреки“, нагласува Димитровски.
Понатаму, не е проблем само висината на глобите, вели тој, но и колку и дали се подмитени тие што треба да ги извршуваат.
„Постои проблем и со мито и корупција. Џабе десеткратно поскапи глоби, 1.000 евра или одземање возило, ако тој што треба да пише казна каже ‘дечко, дај 100 евра и терај работа’“, забележува Димитровски.
Инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсан круг на влијанија“, а немаат човечки и финансиски капацитети
Корупција се споменува и во истражувањето на НВО Инфоцентар „Општински инспекциски надзор – проблеми и предизвици“. Објавена во март 2020, анализата е правена во сите 80 општини, како и Градот Скопје. Документот забележува дека често (не)постапувањето и (не)ефикасноста на инспекторите, не зависи само од нив лично, туку зависи директно од насоките и одлуките на градоначалникот.
„Tоа што општинските инспектори се назначени од градоначалникот и нему директно му одговараат, претставува потенцијална опасност за интегритетот на инспекторите односно претставува ризик од корупција. Ризикот од корупција е голем и заради фактот што општините, во исто време, се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во ‘маѓепсаниот круг’ на политичките и бизнис влијанија, од една и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна“, се вели во истражувањето.
Истражувањето, меѓу другото, покажува дека инспекторите се жалат на мали плати, општините кубурат со инспектори, а во некои општини, еден инспектор е овластен да врши надзори во повеќе области – животна средина, градежништво или комунални дејности. Исто така, многу општини не можат да организираат дежурства за време на викенди и празници, како и работа во смени.
Град Скопје деновиве се пофали дека во изминатава 2019 година нивната Инспекција за животна средина извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117% повеќе од 2018 година. Исто така, за 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори, вонредните инспекциски надзори за 300%, а за исто толку проценти е зголемен и вонредниот надзор со акредитирана лабораторија.
„Од сево ова може да се заклучи дека Град Скопје и сега е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор во доменот на надлежностите на локалната самоуправа на територија на целиот град. Она што треба јавноста да го знае е фактот дека се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишеме заедно со 10-те скопски општини преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Од друга страна, Радио МОФ лани беше на терен заедно со инспекторите на Град Скопје, па увидовме е располагаат со вкупно 60 инспектори, во сите сектори, а се движат со 3-4 возила. Пример, инспектор добива повик за ситуација во Ѓорче Петров. И сега, ако нема возило, тој треба да фати автобус, да се вози низ скопските гужви, може ќе треба да смени автобус, за да стигне до локацијата.
Друго, Инспекторатот располагаше со само 5 инспектори за животна средина, еден наскоро најавен дека заминува, а плус 16 комунални редари. Инспекторите работеа без апарати за индикативни мерења. Немаа ниту гас-маски. Мерењата ги прават со ангажирана комерцијална лабораторија, затоа што државата нема акредитирано лабораторија.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), пак, располага само со 19 инспектори, во сите области за цела држава. Буџетот на ДИЖС во 2019 изнесуваше 29.9 милиони денари, од кои 19 беа за месечен надомест за плати на вработените. Годишниот извештај на ДИЖС покажува дека е потребен административен персонал, економист, правник, ИКТ лице, човечки ресурси…
До каде е акредитацијата на Централната државна лабораторија?
Познато е дека државата нема ефективен контролен лабораториски механизам за она што е измерено од индустријата, особено што Државниот инспекторат е задолжен за капацитетите со т.н. А-интегрирани еколошки дозволи, а Град Скопје пак за Б-дозволите.
Лабораторија има Министерството за животна средина (МЖСПП), како дел од Управата за животна средина, но таа досега не беше акредитирана согласно меѓународни стандарди. Додека не се акредитира, лабораторијата е практично неупотреблива. Инспекторати користеа услуги на комерцијални акредитирани лаборатории, како оние на „Фармахем“, „Технолаб“, „Еуромак контрол“ и УГД. Но, неодамнешното истражување на Радио МОФ покажа дека ниту една приватна лабораторија не си дозволува да врши супервизија на друга приватна лабораторија.
Последно нешто од декември 2019 беше дека е прифатен амандман на Буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централната лабораторија.
МЖСПП очекуваат постапката за акредитација на Централната лабораторија да заврши до крајот на годината.
„Во одделение за лабораторија и теренски мерења се имплементирани сите барања на стандардот ИСО 17025:2018. Документацијата која произлегува од барањата на стандардот е пуштена за употреба. Набавена е соодветна опрема за методите кои ќе бидат опсег на акредитација и поднесено е барање за калибрација на инструментите. Освен за калибрација, останува да се реализираат меѓупроверка за методите кои се во опсег“, велат од МЖСПП за Радио МОФ.
По завршување на калибрацијата и меѓупроверката од МЖСПП, останува консултанската куќа да реализира обука за барањата на стандардот и интерна проверка на системот за квалитет ИСО 17025:2018.
„Акредитираната државна лабораторија, пред се’, ќе биде на располагање за Државниот инспекторат за животна средина, а исто така и за фирмите клиенти кои сакаат да направат контролни мерења со цел заштита на животната средина“, одговараат од МЖСПП.
Недостасува Законот за инспекција во животната средина
Недостаток на посебен Закон за инспекција во животната средина е нотиран во последниот Извештај на ЕУ. Таму за поглавјето 27 има отворени критики и за административниот капацитет на сите нивоа, финансиските ресурси, напредокот во програмата за намалување на аерозагадувањето, но и за неодговорноста на загадувачите.
Ана Петровска, довчерашна државна секретарка во ресорното министерство, а од минатата недела директор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), преку овој Закон веќе најави дека би се подобрила транспарентноста на инспекторатите.
Особено би влијаел на поструктуирани инспекциски надзори, се’ со цел навреме да се детектираат и докажат евентуални прекршувања на загадувачите. Законот, во духот на Архуската конвенција, треба да предвидува и редовно објавување на записниците од реализираните инспекциски надзори.
Градоначалникот го спомена и случајот со медицинскиот отпад. Тој предмет отиде кај Обвинителството, но, вели тој, откако почнаа дописи, дојдоа истражители, фати пандемијата и „се’ е под радар“.
„Затоа системот за кој ние воочуваме дека е нефункционален треба да се исправи, со законски измени“, рече Шилегов.
Од друга страна, новата директорка на Државниот инспекторат, Ана Петровска, смета дека ДИЖС и Градскиот инспекторат треба да бидат координирани, согласно надлежностите утврдени со закон.
„Секој инспектор е важен и укинување на било кој инспекторат на национално или локално ниво од областа на животната средина ќе има негативни ефекти, особено во екот на пандемијата“, на кратко е коментарот на Петровска, која е кадар од ДОМ и долгогодишен консултант за зелени проблематики.
Што бараат граѓаните од еко-инспекторите?
Преку проектот „Алатки за подобрен инспекциски надзор на локално ниво“, неодамна се спроведуваше анкета во четири македонски градови – Скопје, Битола, Куманово и Велес.
Повеќе од 75% од анкетираните потврдија дека забележуваат загадување во својата општина. Го потенцираат проблемот со аерозагадувањето, дивото депонирање на отпад, а меѓу причините е и горењето на нестандардни горива во домаќинствата. Во населените места, во чија близина има индустриски капацитети, граѓаните ја посочуваат и индустријата како извор на загадување.
Граѓаните велат дека пројавуваат интерес да пријавуваат загадување, но, од друга страна, се’ уште голем процент воопшто не пријавиле загадување. Исто така, скоро 50% сметаат дека немало реакција од надлежните служби, или пак инспектори биле на увид, но не знаат како завршил случајот.
Бојан Шашевски