Анализа на случај – Корупција во урбанистичкото планирање и добивање на одобрение за градење за градежната парцела 6.1 од ДУП за Градска четврт З 05, општина Карпош, Град Скопје

Вовед

Осомничени за извршени кривични дела „злосторничко здружување”, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, наместо да го штитат културното наследство, го прават токму спротивното. Двајца поранешни директори на НУ Конзерваторски центар – Скопје, Константин Димитровски и Коле Чапкановски, и поранешен в.д. директор на Управата за заштита на културно наследство, Аријан Асланај.

Градежната мафија не функционира без членови од овие кругови на заштита на културно наследство, кои наместо да бидат пречка кон нивните остварувања, стануваат овозможувачи. Круговите се широки и вклучуваат луѓе вработени во општините, градоначалници, урбанисти, планерски куќи некогаш свесно здружени, некогаш делувајќи самостојно.

Случајот со издавањето на позитивното конзерваторско мислење како зелено светло и амин за комплексот на згради позади поликлинка Букурешт, во заштитеното подрачје на Споменик – Воена болница во општина Карпош, ќе покаже за што станува збор, злосторничко здружување или неврзана низа на самостојни деанија.

Изработка и носење на ДУП за Градска четврт З 05

Да почнеме од почеток, а почетокот е во далечната 2013 година. Се изработува детален урбанистички план (ДУП) за Градска четврт З 05, опфат помеѓу бул. Илинден и бул. Партизански одреди (север и југ) и ул. Љубљанска и бул. 8 Септември (запад и исток) во општина Карпош. Го изработува планерска куќа со урбан планер инволвиран во бројни спорни скопски ДУП-ови, што изработуваше ДУП за еден денар за најатрактивната локација на паркингот кај Холидеј Ин, каде никнаа кулите.

НУ Конзерваторски центар – Скопје изготвува заштитно-конзерваторски основи за културно наследство. Во нив, за заштитеното подрачје Споменик – Воена болница во Скопје се наведуваат граници на заштитеното добро и контактната зона (простор околу недвижноста што е од значење за зачувување на нејзиниот историски контекст, со режим на заштита различен од режимот на заштита на недвижноста што е предмет на заштита). Се наведуваат и различните режими на заштита (стандард на дозволени интервенции односно дејствија што можат да се преземаат врз заштитените добра и во нивната блиска околина).

За Споменикот – Воена болница во Скопје се утврди режим на заштита од втор степен што го подразбира следното:

  • Задржување на постојната состојба на надворешниот изглед на зградата на Воената болница;
  • Можност за адаптација на ентериерот за потребите на намената;
  • Можност за архитектонско обликување на празните простори и локации со нови објекти, според архитектонско-урбанистички проект;
  • Партерно обликување на просторот во границите на доброто.

Додека, режим на заштита од трет степен е утврден за контактната зона на Споменикот – Воена болница во Скопје, што подразбира можност за доградба и надградба на постојните објекти и изградба на нови објекти, со габарит и катност што нема да ги нарушуваат визурите на Споменикот.

Управата за заштита на културното наследство ги одобрува заштитно-конзерваторските основи за подрачје на опфат на ДУП за Градска четврт З 05, односно ги одобрува погоре споменатите зони и режими на заштита.

Истовремено, оваа установа дава и позитивно мислење за ДУПот, иако во него во заштитеното подрачје Споменикот – Воена болница во Скопје на градежна парцела 6.1 со два различни режими на заштита е вцртана намена А2 – домување во станбени згради со висина од 88 метри и катност приземје + 26 ката + поткровје. Ова се коси во потполност со режимите на заштита кои се утврдени во претходно одобрените заштитно-конзерваторски основи. Дополнително, во ДУПот не се внесени границите на заштитните зони и тие не се вцртани во синтезниот план.

Овој ДУП не смеел да се одобри од Управата за заштита на културното наследство, но сепак се одобрил. И на 6.11.2013 година, во третиот мандат на градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, одметнат од СДСМ, кога самостојно оди на локалните избори, советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на новата партија на Стевчо Јакимовски – ГРОМ сепак го изгласаа.

Движење на сопственоста на земјиштето на градежната парцела

Земјиштето на таа градежна парцела 6.1, кое при проектирањето на Воената болница било предвидено за хелиодром, во 2015 година се продава на „Делта 2015 Констракшн“. Сопственоста на „Делта 2015 Констракшн“ низ годините често се менува и се јавуваат фирми вмешани во корупциски скандали. При основањето, 2/3 е во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Јордан (Орце) Камчев и 1/3 на „Тим ДОО“ на Дејан и Снежана Панделески. Дејан Панделески е син на Цветан Панделески, кој пак е газда на компанијата „Пелистерка“. Како дел од сопствениците потоа се јавуваат „Бетон Штип“, кој веќе не постои, кој бил во сопственост на „Тим ДОО“, штипската винарска визба „Езимит“ и „Орка Холдинг“, а потоа и на „Ексико ДООЕЛ“. Како сопственик на Делта 2015 Констракшн се јавува и „Бест Веј Инвестмент Дооел“ во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Основниот суд во Скопје 1, на 11.11.2018 година определува привремена мерка одземање на имот на „Орка Холдинг“ заради обезбедување. Основниот кривичен суд Скопје 1, на 9.5.2022 година ја укинува привремената мерка, откако Камчев се спогодил со обвинителството околу предметот „Империја“ и платил пет милиони евра казна. Последната промена во сопственост е направена во ноември 2023 година, кога „Орка Холдинг“ е ставена на црната листа на САД (претходно Орце Камчев е ставен на црната листа), каде како единствен сопственик се јавува Александар Николиќ, кардиолог од „Аџибадем Систина“.

Во мај 2022 година, Камчев договара продажба на „Делта 2015 Констракшн“ за 5 милиони евра и недвижен имот во вредност од 8 милиони евра од новата градба, што претставува 25% од објектот, на Специјал Градба во сопственост на бизнисменот Кочо Стојчески, кој претходно е партиски вработуван од СДСМ во Паркови и зеленило, Министерство за одбрана, Министерство за правда, во Општина Центар како градежен инспектор. Со-инвеститор требало да биде „Гранит“, кој се повлекува откако се вмешува градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Во јуни 2022 година, кога Стевчо Јакимовски повторно е градоначалник по четврти пат, настанува јавен конфликт помеѓу него и Кочо Стојчески за висината на градбата на таа локација. Стевчо изјавува дека нема да потпише одобрение за градење за толкава висина (28 ката вкупно), иако во негово време со гласови од неговата партија е изгласан ДУПот. Што се случува позади сцена, не знаеме, но се шпекулира дека Јакимовски имал друг инвеститор на ум (Фатмир Етеми).

Урбанистички проекти за комплексот на згради и укинување на Регулацискиот план за Градска четврт З 05

Во јули 2022 година, се поднесува проектот за идната градба, каде наместо 28 катница, нацртан е комплекс на згради со вкупно 50 спрата, од кои една е 18 катница, а друга е 19 катница: П+1, П+10, П+16+Пк, П+17+Пк.

Адвокатот Бојан Милошевски, поранешен секретар на општина Карпош во претходниот мандат на Стевчо Јакимовски, а ангажиран за адвокатски услуги на Општината во овој мандат, поднесува иницијатива до Уставниот суд за укинување на Регулацискиот план за Градска четврт З 05 донесен 23.8.2021 година, за време на градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.

Уставниот суд го укинува Регулацискиот план за Градска четврт З 05 на 12.7.2023 година и со тоа рестрикциите кои овој план ги става на постоечкиот ДУП се тргаат. Регулацискиот план за блокот каде се наоѓа предметната градежна парцела предвидуваше само 5.02% од површината да е намената за домување, а 52.66% за јавни институции и 13.48% Д1 парковско зеленило кое беше исцртано во одреден дел од блокот каде влегуваше и дел од градежната парцела 6.1 која е во прашање и беа предвидени максимално 192 жители, односно корисници во тој блок, со просечен број од 6 надземни нивоа за домување. Со укинување на Регулацискиот план се укинаа и сите овие услови. Без оглед каков е ДУПот, регулацискиот план е над него хиерархиски и оневозможуваше да се изгради станбена зграда во висина од 28 ката или комплексот згради кој беше предложен со проектот, каде бројот на станови е 419, а бројот на жители околу 2,000.

Веднаш по укинувањето на Регулацискиот план, се поднесува нов проект, горе-долу ист, со разлика што како инвеститор се јавува и градежната компанија ЗСФ КОМ, на моќниот градежник Фатмир Етеми, поранешен пратеник на Партијата за демократски просперитет на Албанците во Македонија – Народна демократска партија (ПДПА-НДП), а потоа член на Нова Демократија на Имер Селмани.

Стручната ревизија на доставениот проект ја врши БИЛД УРБАН повторно со истиот планер, кои имаат и еден свој член во комисијата за урбанизам во општина Карпош која го одобрува проектот, и уште еден член кој до скоро децениски работел во нивната планерска куќа, а сега е вработена во одделението за просторно и урбанистичко планирање во град Скопје и е заменик член во комисијата за урбанизам на град Скопје.

Во јули 2022 година, НУ Конзерваторски центар-Скопје доставува одговор до инвеститорот „Делта 2015 Констракшн“ , каде се наведува меѓу другото дека во урбанистичкиот проект треба задолжително да се вградат границите на Споменикот – Воена болница во Скопје и неговата контактна зона и дека проектот треба да биде доставен за стручно мислење до Конзерваторскот центар и потоа до Управата за заштита на културното наследство, пред да биде одобрен.

Член на комисијата за урбанизам во општина Карпош, која ја формира градоначалникот Стевчо Јакимовски и која го одобрува проектот, е и тогашниот в.д. директор на НУ Конзерваторски центар-Скопје, Константин Димитровски. Но, поради конфликт на интереси не смеел да биде член на оваа комисија.

Границите на Споменикот и контактната зона не се вградуваат во проектот, ниту пак се доставува за стручно мислење, а сепак се одобрува и тоа од тогашниот в.д. директор на Конзерваторскиот центар, член на комисијата за урбанизам во општина Карпош.

Градоначалникот издава потврда со која го одобрува проектот на 6.10.2023 година. Услов запишан во ДУПот за таа парцела е за сите интервенции се задолжува инвеститорот, пред издавањето на документацијата за градба (одобрение за градење), да обезбеди стручно мислење од НУ Конзерваторски центар-Скопје и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство.

Конзерваторско мислење

НУ Конзерваторски центар-Скопје по стандардна процедура изготвува конзерваторско мислење, кое е негативно и кое в.д. директорот Константин Димитровски не го прифаќа. Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски бурно реагира откако дознава дека е подготвено негативно конзерваторско мислење, што значи дека не смее да се издаде одобрение за градење и за медиуми изјавува дека не може така, дека одлуката на Конзерваторски центар е самоволие и најавува дека ќе се обрати до други повисоки институции во државата.

На 3.11.2023 година в.д. директорот на НУ Конзерваторски центар-Скопје формира специјална стручна комисија која треба да изготви ново мислење, составена од Мирка Илоска, диа, конзерватор-советник, претседател, м-р Нита Муча, дипл. истор. на уметност, конзерватор, член, м-р Цветанка Хаџи Пецова, диа, конзерватор-советник, надворешен член.

Оваа комисија носи позитивно конзерваторско мислење на 8.11.2023 година, кое го потпишува в.д. директорот, а кое не е воопшто согласно Правилникот за формата и содржината на образецот на конзерваторското мислење и за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на конзерваторското мислење (“Службен весник на Република Македонија” бр. 109/2016), каде во образложението на конзерваторското мислење треба да е наведено дека објектот кој се наоѓа во контактната зона на споменичката целина/поединечното заштитено добро Споменикот – Воена болница во Скопје, е во согласност со режимот на заштита за контактната зона на споменичката целина/поединечното заштитено добро Споменикот – Воена болница во Скопје. Во позитивното мислење не е наведен режимот на заштита и не е наведено дека објектот е во согласност со наведениот режим на заштита, што е суштина и цел на конзерваторското мислење.

Кога би се навеле, би морало да стои дека режимот на заштита за контакната зона на Воената болница во Скопје јасно утврдува дека габаритот и катноста на нов објект нема да ги нарушува визурите на Споменикот – Воена болница во Скопје и дека планираниот објект со висина од 2, 11, 18 и 19 ката и со габаритот и катноста ги нарушува визурите на Споменикот – Воена болница во Скопје и согласно не може да добие позитивно конзерваторско мислење.

А постои уште еден проблем. Конзерваторско мислење се издава само за објект кој е во контактната зона. Во случајов објектот се наоѓа во две различни зони, и во зона на Споменикот и во контактната зона, со два различни режими на заштита, што Законот за заштита на културното наследство не го предвидува. Северниот дел на градежната парцела влегува во границите на Споменикот – Воена болница и има режим на заштита од втор степен, што подразбира нови објекти со габарит и катност прилагодени на вредностите и значењето на доброто, изведување на сите интервенции според конзерваторски проекти каде треба да се почитува и доминанатната класа на намени В – Јавни институции, утврдена со ГУП на град Скопје 2012-2022. За овој дел потребно е обезбедување Конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, како услов за издавање на одобрение за градење.

Управата за заштита на културното наследство го решава проблемот со издавање на мислење на 3.11.2023 година каде пресудува, без претходно изработен геодетски елаборат, дека речиси целата површина на градежната парцела 6.1 е лоцирана во контактната зона на Воената болница и треба да биде третирана како таква.

Само од графичките прилози се гледа дека површината во зоната на заштита на Споменикот е прилично голема и не е занемарлива и токму во тој дел се планирани 18 и 19 катниците.

Жалби, претставки, поништување на конзерваторското мислење, судски предмети

На конзерваторското мислење, кое дава зелено светло за издавање на одобрение за градење, здружението О2 Иницијатива поднесува прво жалби, потоа претставка и крајно барање за огласување на ништовно до Конзерваторски центар – Скопје, Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура. Набрзо после тоа тогашниот в.д. директор на НУ Конзерваторски центар-Скопје Константин Димитровски е притворен како соучесник во злосторничко здружение за уривањето на хотелот „Шар Ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство, каде осомничени се и директорот пред него Коле Чапкановски и поранешниот в.д. директор на Управата за заштита на културно наследство, Аријан Асланај.

Институциите не постапуваат со месеци, а општина Карпош издава одобрение за градење на 18.1.2024 година. После јавен притисок, на 21.2.2024 година НУ Конзерваторски центар – Скопје, на барање од Министерството за култура го поништува позитивното конзерваторско мислење. По оваа одлука, инвеститорите се жалат, но Управниот одбор на НУ Конзерваторски центар – Скопје ја одбива жалбата на 20.3.2024 година. Инвеститорите потоа на 28.3.2024 година поднесуваат тужба пред Управниот суд. Постапката е во тек.

Општина Карпош не го поништува одобрението за градење и дава одговор дека нема да го поништи одобрението за градење додека не заврши управниот спор и решението со кое се поништува позитивното конзерваторско мислење стане правосилно.

На 27.5.2024 година, НУ Конзерваторски центар – Скопје издава ново негативно конзерваторско мислење. И повторно Општината не го поништува одобрението за градење без суштинско објаснување.

Во меѓувреме како резултат на претставката од здружението О2 Иницијатива до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која формира предмет на 23.11.2023 година, а на 6.1.2024 година носи одлука предметот да се достави до Основното јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се води истрага во ова јавно обвинителство за издаденото незаконско позитивно конзерваторско мислење. Постапката е во тек.

Целиот случај останува будно да се следи од страна на граѓаните и здружението О2 Иницијатива, каде ќе се преземат понатамошни чекори за поништување на одобрението за градење и спречување на градба на објект спротивно на Законот за заштита на културното наследство и режимите на заштита утврдени во изработените заштитно-конзерваторските основи за таа градежна парцела.

Анализата на случај е подготвена од О2 иницијатива со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) а во партнерство со МЦМС. Содржината и мислењата изразени во оваа анализа им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на МЦМС, УСАИД или на Владата на САД.