Диви депонии. Ниско ниво на примарна селекција на отпад. Отсуствува простор за поставување садови за отпад во планските документи. Не постои депонија за опасен отпад на национално ниво. Нема доволно средства на локално ниво за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот. Ниска е свеста на граѓаните за проблемите со отпадот и потенцијалните ризици кон околината.
Овие проблеми се утврдени во новиот Локален еколошки акциски план (ЛЕАП) на Центар за 2019-2025 за управувањето со отпадот во општината. Документот дава пошироки информации и за Скопје, но и за земјата. Ги актуелизира предизвиците со ѓубрето во еден од најзагадените градови во Европа, а Радио МОФ го зема како почетна точка за анализа на состојбата со системот за отпад во Скопје, за да се утврдат слабостите, но и да произлезат и решенија.
– – – – –
Тимот што го изработи Планот за Центар бара во ДУП-овите да се вградат постојните локации на садовите за отпад. Исто така, да се изготви мапа на контејнери со тип на отпад, капацитет и број на население по блокови.
„Просторот за поставување собирни садови за комунален отпад не се зема предвид при подготовка на планска документација заради што се поставуваат садови за отпад на пешачки премини, пешачки и велосипедски патеки, сообраќајници, нивно блокирање или непристапност за граѓаните заради пречки од огради, жардињери итн. Исто така, не се зема предвид потребниот капацитет собирни садови за комунален отпад, според бројот на жители и дневното создавање на отпад по глава на жител, заради што честа е сликата на преполни садови и расфрлен отпад“, стои меѓу другото во ЛЕАП-от.
Понатаму, се бара зголемување на фреквенцијата на празнење на садовите за отпад од ЈП „Комунална Хигиена“. Континуирано организирање акции за колективно собирање на кабаст, електричен и електронски отпад. Воспоставување база на податоци за количините отпад.
Во Скопје во 2018 година собрани над 150.000 тони отпад
Минувачите и туристите во Скопје тешко можат да избегаат од сликите со преполни контејнери што се „прелеваат“. Или со напластено ѓубре околу садовите, но и подалеку – расфрлано низ јавните површини. Исто така, запалени и демолирани се садови за отпад. Контејнери се блокирани и од паркирани коли на сопственици што „се враќаат за пет минути“.
Во ваква ситуација, иницијативата #НеБидиЃубре реши да ја земе ситуацијата со јавните површини во свои раце, a истовремено на социјалните мрежи редовно се водат дискусии за културата на скопјани. За самата инфраструктура, за тоа дали „Комунална“ може да собере колку што луѓето можат да фрлат, но и за ажурноста на комуналните служби.
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), во С. Македонија во 2018 година се собрани 625.385, а создадени 854.865 тони отпад. Ова значи, околу една четвртина од отпадот, 230 тони, не е собран, односно нема информации каде завршува. Најмногу има собрано во Скопскиот регион – 166.029 тони, или 26.5% од вкупното количество.
За разлика од ДЗС, од „Комунална“ за 2018 имаат евидентирано 152.645 тони комунален отпад – собран и транспортиран од Скопје и руралните средини.
Пред една деценија, секој човек во просек во земјава генерирал по 349 килограми отпад. Сега, годишно секој од нас создава по 412 килограми отпад. Во Скопје во 2017 вкупно биле создадени околу 175.000 тони отпад.
Контејнерите се празнат еднаш дневно
Согласно последниот извештај на „Комунална хигиена“ од 2019, низ градската територија има 4.152 контејнери со капацитет од 1.100 литри, поставени пред поголемите станбени објекти. Како и 64.577 пластични канти од 120 литри наменети за индивидуалните домаќинства.
„Исто така на подрачјето на Град Скопје функционираат и подземни контејнери и тоа на 39 локации распоредени во пет општини. Согласно Годишната програма и Оперативниот план, празнењето односно подигањето на комуналниот отпад од поставените контејнери се врши 6 пати во неделата во 3 смени во текот на денот, додека од пластичните канти 2 пати неделно“, велат од Град Скопје за Радио МОФ.
Од „Комунална хигиена“ велат дека отпадот од главните контејнери се празни само еднаш дневно, секој ден во неделата.
„Имаме стандардна динамика, никогаш не се прескокнува. Kога зборуваме за подземните и надземните, тие секој ден се празнат. На самите контејнери има налепници кога е погодно за одлагање на отпадот, а тоа соодејствува кога поминуваат нашите возила. Пример, ако возилото помине во 10 часот, им сугерираме на граѓаните од 7 до 9 да го одложат отпадот. И веднаш кога ќе помине возилото – отпадот е фрлен, собран, па наредни 20-22 часа не би требало да биде полн контејнерот. Затоа, ние сугерираме, не може да казнуваме и ги натераме на сила, но убаво би било да се придржуваат до термините. Ако контејнерите се преполнат, мачки ќе поминат – ќе разнесат, неформални собирачи ќе поминат – ќе го разнесат итн. Така околината се загадува“, вели портпаролката на ЈП „Комунална хигиена“, Ана–Марија Бранѓолица за Радио МОФ.
При прошетка низ градот, ретко се забележуваат контејнери облепени со информации за фрлање на отпадот. Пример, деновиве Радио МОФ помина покрај „М.Т. Гологанов“ на потегот од кружниот тек до „Олимпико“, каде видовме само 2 од 10-ина такви контејнери.
„Комунална“ за 2018 направила 29.418 тура со камионите. Сите ѓубреџиски патишта водат кон „Дрисла“, но претходно на неколку претоварни станици.
„Едната е во ‘Вардарште’, другата во Карпош, а третата во Бутел. Практично, од помалите камиончиња, за да не одат сите и трошат гориво до ‘Дрисла’, таму ги претовараме во поголеми камиони. Па тие, по распоред, одат во ‘Дрисла’“, објаснува Бранѓолица.
Извор: Извештај за работењето на „Комунална хигиена“ за 2019 – I – VI месец
Напоменува дека често се палат контејнери, а неодговорни лица нанесуваат големи штети на Градот и го попречуваат процесот за собирање на отпадот. Санкционирањето на лица можат да извршат и полицајци и општински и градски инспектори, но проблемот е што за да се случи тоа прекршителите треба да бидат „фатени на лице место“.
Од обратна страна, односно доколку некој има проблеми и поплаки со комулните екипи на терен, со собирање и транспорт на комунален отпад, со кабаст отпад и расчистување на диви депонии, од „Комунална“ апелираат до граѓаните да ги пријават до претпријатието.
Во однос на микро локациите каде се поставуваат контејнерите, тие ги одредува Градот. „Комунална“ не одлучува за бројот и локацијата, немаат таква експертиза.
„Генерално, се поставуваат според бројот на запишани граѓани во некоја општина. Ако има изградба на нови станбени единици, новонаселени граѓани – се додаваат и садови. Е сега, понекогаш е проблем што не се знае колку луѓе вкупно се запишани, нема попис со години, плус илјадници граѓани доаѓаат и си одат дневно од Скопје. Сепак, Град Скопје води евиденција и решава според ситуацијата“, објаснува портпаролката на „Комунална“.
Доколку има поплака или барање за дислоцирање на контејнери, Град Скопје вели дека граѓаните можат да достават барање до Секторот за комунални работи.
Има ли доволно возила „комуналец“ за да собираат отпад?
Според градските власти, во континуитет се работи на подобрување на опременоста и механизацијата со која располага претпријатието.
„Заклучно 30 јуни 2019 година, претпријатието располагало со 159 возила, каде има специјални возила за собирање на комунален смет од различни големини, цистерни за миење улици, цистерни за фекалии, електрични возила за метење и чистење и др. Дополнително, периодов беше промовирана нова опрема – 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 електрични возила за чистење и миење на јавните површини“, соопштува Градот.
Во шестмесечниот извештај на „Комунална“ за 2019, стои дека од вкупно расположиви 159, просечно во функција биле 114 возила. Од друга страна, претпријатието не знаеше да ни даде конкретен одговор колку точно ѓубреџиски-возила моментално се пуштени „во промет“. Објаснуваат дека повеќето камиони се на терен, а дел се стари, се сервисираат и сл.
„Релативна е бројката. Порано претежно купувавме помали камиончиња, бидејќи ни одговараа најмногу за уличките. Сега се’ ни е тесно во градот! Имаме паркирани возила, се’ повеќе се градат објекти, па, фактички, нашите големи камиони не можат да влегуваат во улиците. Сега се набавени четири нови камиони за новите поголеми контејнери. Имаат друг механизам, садот се зема од страна, се качува скроз горе, па се празни. А, тоа го прави еден човек, на копче. Се намалува работната рака, поефективно е, посовремено, поголема е зафатнината на садовите, дури три пати повеќе. Се надеваме ќе дадат подобри резултати“, вели Бранѓолица.
Нови контејнери – нови проблеми
Град Скопје периодов се пофали за 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри, кои треба да заменетат над 1.800 од досегашните стари садови. Собираат повеќе ѓубре, па „Комунална“ тврди дека со нив ќе се оствари проектираниот капацитет за да се покрие Скопје со оптимален број садови. Односно, некогашна анализа покажала дека на главниот град му требаат 6.000 контејнери од 1,1 кубен метар, па со новата зафатнина тоа е испорачано.
Новите поголеми контејнери донесоа и нови проблеми во периодот на т.н. адаптација. Пример, иницијативата НаТочак реагираше дека концептот „Скопје Велоград“ и „Нов концепт за третман на отпадот во Скопје“ си пречат меѓусебно.
„Ако решението за поставување на новите контејнери е веднаш до коловозната лента за да може да бидат празнети од камионите, зошто мора жртви да бидат велосипедските патеки? Зошто не се постават на коловозните ленти. Или зошто не се постават зад зградите, низ резиденцијалните улички?“, реагираа вело-активистите.
За Градот, поставувањето на новите контејнери има и своја цена во просторот, но во наредниов период ќе се отстранувале сите аномалии и ќе има одредени привремени решенија.
„Во моментов ниту една велосипедска патека не е целосно блокирана, туку на неколку патеки просторот и движењето е делумно отежнато. За можните проблеми во првичното поставување на опремата Градот Скопје одржа средба со претставници на повеќе неформални групи и здруженија на велосипедисти, на кои им беа посочени овие состојби и дека ќе постојат одредени привремени решенија, а понатаму ќе се адаптираат велосипедските патеки“, стои во соопштението на Градот од минатата недела.
Еден од предизвиците ќе биде и како да се сочуваат контејнерите, откако деновиве на еден од садовите се најде содржина со која се повикува „да се кршат рачките за да преживеат мачките“. Од Градот реагираа дека уништувањето на контејнерите е казниво по закон.
40% од отпадот не е можно да се рециклира
„Рециклирање на отпадните материјали и производи со цел нивно повторно искористување или производство на енергија е многу малку застапено, а согорување се врши само на одреден вид опасен отпад како што е медицинскиот отпад“, стои во ЛЕАП-от на Центар 2019-2025.
Тимот зад Акцискиот план нагласува дека во Скопскиот регион, од вкупниот комунален отпад што се создава во тек на една година, најдоминантен е мешаниот со 30.9%, а потоа биоразградливиот отпад со 26%.
Табелaта е изработена од тимот на ЛЕАП Центар 2019-2025
„Од вкупните создадени количини се претпоставува дека не може да се рециклираат околу 40%, додека останатите 60% од комуналниот отпад можат да се вратат во производните процеси. На овој начин, преку повторно користење на отпадот како секундарна суровина би се заштедиле природните ресурси“, се вели во документот.
Ако се земе предвид дека ЈП „Паркови и зеленило“ опслужува околу 407.000.000 квадрати јавни зелени површини, се заклучува дека собраниот биоразградлив отпад главно завршува на депонија. Оттука, Град Скопје и „Паркови” стартуваа пилот-проект за компостирање на биоразградлив отпад. Желбата е да се намали количината на депонираниот отпад, трошоците за транспорт, а и да се произведе компост, како корисен додаток за почвата.
Ниско ниво на селекција на отпад
Селектирањето на употребливите состојки на отпадот претставува нов квалитет на урбаното живеење. Ги намалува вкупните количини отпад, носи економско – финансиски бенефити и ја зголемува свеста и одговорноста на создавачите и давателите на услуги.
Ова е јасно прецизирано во Акцискиот документ, каде заклучок е дека има ниско ниво на примарна селекција на отпад.
Табелaта е изработена од тимот на ЛЕАП Центар 2019-2025
За селективно собирање на отпад од пакување, „Комунална хигиена“ во Скопје има 144 собирни садови за отпадно стакло и по 20 собирни садови за хартија и картон, пластика и лименки. Отпадот од овие садови потоа се предава на овластениот постапувач „Пакомак“, со кој „Комунална“ има склучен договор.
Исто така, во соработка со „Пакомак“, се стимулира селективно собирање на отпад со зелени контејнери (игло котејнери) за отпад од стакло, сини за отпад од хартија и жолти за пластика и лименки.
„Игло контејнерите не се соодветни за празнење и често се поставени на лоши места со што го блокираат движењето“, стои во ЛЕАП-0т на општина Центар.
Од „Пакомак“ за Радио МОФ објаснуваат дека контејнерите често им ги палат и демолираат. Собирањето на отпадот не е во нивни раце, туку јавните површини во градот се монопол на „Комунална“.
„Во цел свет, амбалажниот отпад го собираат приватни компании, некаде и јавни. Пример, колективниот постапувач ‘Пакомак’ распишува тендер, и тој што ќе понуди најдобри услови – тој го работи. Инаку, ние го финансираме собирањето, го плаќаме до ‘Комунална’, бидејќи само они имаат право на собирање. Останува прашањето, ако јас плаќам, треба ли да имам право да одберам со кој би соработувал? После тоа, ако е приватно лице, можеби ќе сака да ги анимира и неформалните собирачи на отпад, ќе им рече ‘ајде со мене’“, вели Ико Брдаровски од „Пакомак“.
Неформалните собирачи на отпад се уште надвор од системот
Неформалните собирачи на отпад, со моторчиња или запрежни коли, се најефикасни селектори на отпад. Според проценките на „Пакомак”, има над 5.000 лица низ Македонија што живеат од собирање отпад, како единствен извор на приходи.
Еден уличен собирач може за еден ден да подигне од 20 до 40 килограми ПЕТ пластика или од 100 до 300 килограми хартија. Може да заработат од 500 до 1.000 денари на ден, во зависност од откупните цени на отпадот.
На прашањето до каде е работата со неформалните собирачи, за нивно вклучување во официјалниот систем за отпад, Брдаровски вели „до никаде“. Од „Пакомак“ веќе се пожалија дека неформалните собирачи често ја оштетуваат комуналната инфраструктура, па ги демотивираат и останатите граѓани да селектираат отпад. Исто така, голем дел од отпадот што го собираат никаде не се евидентира, бидејќи често завршува кај откупувачи што работат без дозвола.
„Можеби прво треба да се попишат сите откупувачи на пластична амбалажа, лименки, односно на отпад од пакување. Да видиме кој работи со дозвола, кој без дозвола. Да се натераат да извадат дозвола. И после тоа, опција е дали ќе дозволиш двајца-тројца да бидат откупци оваа година, кој понудува најдобри услови и сл. Нека откупуваат сите со дозвола, ама нека ги евединтираат и сите неформални собирачи, да се евидентира матичен број итн“, вели Брдовски.
Додека од „Комунална“ засега не гледаат решение и проблемот го насочуваат во тоа што неформалните собирачи главно се приматели на социјална помош, па ако се вметнат во организиран систем ќе им се изгуби таквиот прилив и би се откажале од официјални задолженија, „Пакомак“ предложува да се обезбеди листа на улични собирачи. Да поминат обука, да имаат заштитна облека и ракавици, и да работат во координација со комуналните претпријатија, но и со едукатори, психолози, социјални работници…
„Треба да се работи со тие луѓе. Не е баш така едноставно, но треба да се почне. Темата ‘лебди во воздух’. А, луѓето селектираат. Ама, неформалните треба да не кршат и палат контејнери, да не ги блокираат. Борбата е таква, се вртиме во круг. Не можеш да ги избришеш, мораат да се стават во систем. Да има еколошки начин на собирање, да се систематизираат, контролираат, да работи некој со нив. Социјалната помош да се решава постепено, не веднаш да се укинува“, вели Брдаровски.
„Пакомак“ неодамна правеше истражување. Покажа дека 4 од 10 граѓани од најголемите градови секогаш или често селектираат отпад, а младите од 18 до 30 години тоа го прават значително помалку од останатите возрасти. Убедливо е мнозинството што селектираат генерално пластика (82%), за потоа стакло (42%) и хартија (34%).
Бојан Шашевски
Извор: https://www.radiomof.mk/analiza-za-gjubredzhiskite-raboti/