КОМПОСТИРАЊЕ

Зборуваме за најстариот, но и најприроден начин на рециклирање на органската материја. Компостирањето е процес на биодеградација- контролирано биолошко разградување на органските материи содржани во органскиот отпад (зеленчук, овошје и сл.), измешан со кафена маса (суви лисја, гранки и сл.) и градинарска земја во присуство на кислород, микроорганизми и доволна влажност. Процес на повторна употреба на остатоците од храна и отпадот од дворот за производство на ѓубриво. Не случајно се вели дека компостирањето го претвора отпадот во „црно злато“. Како процес управуван од човекот, всушност, компостирањето е забрзување на начинот на кој природата рециклира. По компостирањето ќе добиете природен хумус кој може да го користите како природно ѓубриво за садење на најразлични растенија.

Зошто е потребно да се компостира?

При гниењето на органските материи се испуштаат штетни по здравјето гасови како метан и јаглероден диоксид, кои се главните виновници за глобалното затоплување и климатските промени.

За да помогнеме во намалувањето на емисијата на овие гасови, крајно време е секој еден од нас да размислува како сам да го компостира отпадот.

Што можеме да компостираме?

  • биолошки отпадоци од домаќинството (остатоци од овошје и зеленчук, лушпа од јајце, талог од кафе, вреќички од чај, остатоци од леб),
  • градинарски и зелен отпад ( лисја, овенати цвеќиња, искосена трева),
  • останат био отпад (кора од дрвја, хартија и картон).

Што не може да се компостира?

  • течни остатоци од варена храна,
  • месо, риба, коски, кожа,
  • млечни производи, масла и масти,
  • болни/изгниени растенија, пепел, амбалажа, гума,
  • обоен и лакиран дрвен отпад,
  • обоена хартија,
  • облека,цигари и сл.

Некои од придобивките од компостирањето се:

  • балансирање на pH вредноста на почвата,
  • ги прави хранливите материи во почвата полесно достапни за растенијата,
  • привлекува дождовни црви, сметани за „најголемите рециклирачи на земјата“.
  • ја подобрува способноста на песочните почви да држат влага и да се спротивставуваат на ерозијата,
  • ја зголемува содржината на витамини и минерали во храната што се одгледува во градина богата со компост,
  • ја намалува зависноста од нафтени ѓубрива.

Конечно, штедиме пари. Компостот е квалитетно органско ѓубриво кое е потполно бесплатно. И секако најважната причина која треба да биде и најголемиот потикнувач, е тоа што ги штитиме околината и доброто здравје.