ЗАГАДУВАЊЕ СО ПЛАСТИКА

Депонија до депонија, градовите се шират неплански, а се уште немаме целосен систем за управување со отпад. Отпадоци насекаде, реките и езерата полни пластика, а локалните и градските инспектори ни приближно доволни за да можат да ја покријат секоја загрозена педа од природата. Дека пластиката не се разложува е добро познато, таа само се распаѓа на ситни делови, таканаречена, микропластика. Дали луѓето се свесни за опасноста по нивното здравје, опасноста по нивните животи од загадувањето со пластика? Секоја година во морињата и океаните завршуваат околу 8 милиони тони пластика. Преку рибите и морските плодови микропластиката од морињата на крајот завршува – во нашиот стомак. Конзументите на јастог, и на други видови ракови од Средоземното море, според проценките на ВВФ годишно внесуваат и до 11.000 парченца микропластика. Научниците предупрадуваат дека хемикалиите од микропластиката можат да предизвикаат сериозни болести.

Се повеќе држави го прекиниваат производството и продажбата на пластични цевки, чинии и пластични прибори за јадење и веќе се применува нивна еко алтернација како хартиени прибори. Загадувањето со пластика е глобална слика, но не можеме да останеме неми и затоа мора да се делува локално, како на подигнување на јавната свест за опаснота по природата така и по човечкото здравје.

На нашата држава првенствено и е потребен систем за селекција на пластичниот од останатиот отпад, воспоставување на систем на собирање на пластиката и нејзино рециклирање наместо уништување. Отпадот кој постојано се трупа, мора да се уништи, најчесто тоа се прави со горење, за да се ослободи простор за нов отпад. Запалениот отпад е токсичен, преполн со отровни честици штетни по човековото здравје.

Пластичниот отпад од домаќинствата може да се складира и на одреден период да се пренесе во специјални контејнери наменети за овој тип отпад, или да се контактира некоја од компаниите кои го собираат. На овој начин, сите заедно, како одговорни индивидуалци можеме да придонесеме за намалување на купиштата пластика кои завршуваат како опасност но и естетско загрозување на природата.

Повеќе информации за каде и како да ја фрлите пластиката (и останатиот отпад) на следниот линк:

https://recikliram.mk/