СЕЛЕКТИРАЊЕ НА ОТПАД
Собирање, преработка и повторна употреба на отпад. Токму тоа е рециклирањето. Едноставно звучи, но во долга и тешка битка со децении доцниме, како и за многу останати аспекти на разумното и совесно живеење. Речиси половина од ѓубрето кое го создаваат луѓето може да се рециклира. Апелираме за јакнење на свеста на оваа тема и за важноста на селектирањето и рециклирањето на отпадот. Ова е исклучително важен начин за намалувањето на потрошувачката на нови суровини, намалување на користењето на енергијата, и најважно значително се намалува загадувањето на воздухот, почвата и водите.
Рециклирањето е култура, тоа е начин на живот во секоја развиена, светска, со висока свест земја. Индивидуалните иницијативи иако се добар пример и се видливи, не се доволни. Активното учество во креирањето култура за рециклирање е задолжителна обврска на секоја инсититуција, а особено на локалната самоуправа, градот, па и повискоките институции.
Секој одговорен работодавач од приватниот сектор и од индустријата МОРА редовно да ангажира професионални фирми за рециклирање отпад, имајќи предвид дека фирмите и фабриките се првите етикетирани загадувачи на животната средина. Поставување на канти и контејнери за селектирање на отпадот на многу и на видни места, и препознавање на знаците за видовите отпад е нешто што е итност, бидејќи само вака населенеието постепено станува свесно за присуството на проблемот.
Во овој момент, ни недостасуваат канти и контејнери, ни недостасува едукација за селектирање, рециклирање и генерално намалување на отпадот, ни недостасуваат компании кои во името на општините ќе бидат одговорни да го соберат и рециклираат отпадот, ни недостасуваат општински редари будни и ангажирани во најфрекфентните зони, достапни 24 часа и за пријави од граѓани, ни недостасуваат општински служби кои нема да чистат само по главните улици, туку ќе влезат и по тесните сокаци, на места каде комунална нога не стапнала со години.
Заклучок од обемната анализа направена од Американската Медицинска асоцијација од 2018 година е дека кога ќе се исчисти ѓубрето низ градот, се подобрува менталното здравје на жителите.